Регион

Историскиот ревизионизам како една од темите во новата книга за Јасеновац

Новообјавената збирка на академски текстови за логорот од Втората светска војна, Јасеновац, се обидува да се спротивстави на „растечките трендови на историскиот ревизионизам“ и на политизираната злоупотреба на хрватската воена историја.

Свен Милекиќ, Загреб

Во Националната и универзитетска библиотека во Загреб, во петок беше презентирана книга, збирка на академски текстови, наречена „Јасеновац: манипулации, контроверзии и историски ревизионизам“, за концентрациониот логор од Втората светска војна, кој постојано е фокус на политизирани спорови.

Издавач на збирката е Спомен подрачјето Јасеновац, државна институција чие седиште е на местото на поранешниот логор. Книгата беше промовирана во рамките на Фестивалот на историјата во Хрватска.

Хрватското фашистичко усташко движење го отвори овој логор во август 1941 година. Тој беше во функција до април 1945. Во овој логор, во најголем број, настрадаа Евреи, Роми и Срби, но исто така и антифашисти.

Прогонот на Ромите под усташка власт, презентација на концентрациониот логор Јасеновац во популарните филмови, бројот на жртви кои во логорот го загубиле својот живот, усташките расни закони и посетата на Јасеновац на делегацијата на Меѓународниот Црвен крст во 1944 година, се само некои од темите во оваа збирка од девет академски статии.

Еден од уредниците на збирката е Андриана Бенчиќ, кустос на Спомен подрачјето Јасеновац и истражувач на Универзитетот во Амстердам. Таа за БИРН вели дека целта на книгата е да се создаде форум во кој хрватски и српски академици, „на одговорен начин“, ќе дискутираат за теми од Втората светска војна и периодот по неа.

Бенчиќ вели дека политичката злоупотреба на бројот на жртвите во логорот, е еден од главните проблеми.

Таа истакнува дека за тоа се одговорни многу политичари и историчари од Србија и од босанскиот ентитет, Република Српска, и укажува дека одредени личности, но и групи во Хрватска, се обидуваат да го минимизираат и бројот на жртвите, и ужасите на усташкиот режим.

„Збирката е еден вид на одговор на загрижувачките растечки трендови на историски ревизионизам … Пред сѐ, треба да се напомене дека во една книга, дури ни одблизу не е можно да се даде преглед на историските манипулации и контроверзии во врска со Јасеновац, и во таа смисла, ова збирка е само еден чекор во насока на одговорен и истражувачки дијалог за проблематичното воено минато“, вели таа.

Бенчиќ додава оти оваа публикацијата треба да придонесе за „одговорно соочување со минатото“, кое ќе ги „избегнува не само замките на негирањето и на историскиот ревизионизам, туку и злоупотребите на минатото заради нова идеолошка битка“.

Онлајн списокот на жртви, на Спомен подрачјето Јасеновац, од март 2013 година, содржи 83.145 имиња.

Овој број го оспоруваат одредени поединци и групи во Хрватска. Некои од нив истакнуваат дека со текот на времето некои од имињата на листата се отстранети или дополнително додадени, што е за нив знак на манипулација и неуверливо.

Но, Бенчиќ нагласува оти промените на листата се знак на конзистентна работа на ажурирање, на списокот, врз основа на „нови сознанија, изјави на семејствата и пријателите на жртвите, кои секојдневно доаѓаат во посета на спомен-обележјето Јасеновац“.

Стипе Одак, истражувач на Институтот за политички науки Левен-Европа на Католичкиот универзитет во Левен во Белгија, кој е, исто така, уреник на публикацијата, за БИРН вели дека уредувачкиот тим составил колекција на високо квалитетни академски трудови, кои се занимаваат со некои од најконтроверзните прашања поврзани со Јасеновац.

Одак додава дека постои разлика помеѓу стандардниот процес на академски истражувања, кој вклучува одредена „ревизија“ на претходните знаења врз основа на нови докази, и историскиот ревизионизам, во кој, вели тој, „обично недостасува научна прецизност и точност“.

„Наместо ова, предлозите на ревизионизмот често се претставуваат на спектакуларен начин, што фрла сомнеж на претходно утврдените академски студии, со малку или без желба за конструктивна дебата“, додава тој.

Во многу текстови во оваа збирка, нагласува Одак, не постои страв „некои предходни заклучоци да се доведат во прашање, но тоа се прави на систематски, дијалошки и прецизен начин“.

Одак укажува дека оние кои се обидуваат да ја реинтерпретираат историјата на концентрациониот логор, „ретко негираат дека злосторства во Јасеновац воопшто се случиле“.

Почесто, реинтерпретациите на историјата на Јасеновац, имаат за цел да го „хуманизираат логорот, а неговата историја да ја претстават во повеќе позитивно светло“, додава тој.

„Ревизионистичката матрица, овие злосторства често ги реинтерпретира како инциденти, во кои биле убиени само неколку илјади жртви, додека другите затвореници ги уживале бенефициите на општествениот и на културниот живот“, објаснува тој.

Ова ја искривува реалноста што постоела во логорот, во кој постоеле „систематска дехуманизација, принудна работа – вклучувајќи го и задолжителното учество во спортски и културни активности заради пропагандни цели – недостиг на основни услови за живот, болести, злоупотреби, и, се разбира, убиства“, нагласува Одак.

Збирката, „Јасеновац: манипулации, контроверзии и историски ревизионизам“, ќе биде преведена и на англиски јазик, во обид да стигне до поширока публика и потенцијално да иницира меѓународна академска дискусија.