Неколку дена пред гласањето в недела, партиите и кандидатите отвораат националистички теми и водат црна кампања, прават бизарни „пи-ар“ потези, ветуваат од „ракав“, а некои од нив – не се тоа малку кандидати, се натпреваруваат во дисциплината „Маестрално непознавање на основните ингеренции на локалната власт“.
Прашање на време беше кога на лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе му здодеат зелената агенда и спотовите со ливади и водопади и ќе се врати во националистичките води, каде што е како риба во вода. Иако во тек се локални избори, Ахмети вети етницирање на претседателската функција. Идејава би требало да биде надградба на ланското „постигнување“, кога со Заев договори кус мандат на премиер Албанец пред следните избори за пратеници.
Поранешниот прв човек на ОНА повторно се прикажува како единствениот што постојано ги поместува границите на албанското прашање и се обидува да докаже дека етничкиот Македонец – Заев, „натрапникот“ во албанското гласачко тело, има граници преку кои не би поминал.
Поранешниот прв човек на ОНА повторно се прикажува како единствениот што постојано ги поместува границите на албанското прашање и се обидува да докаже дека етничкиот Македонец – Заев, „натрапникот“ во албанското гласачко тело, има граници преку кои не би поминал.
„Да сум жив и здрав и да го дочекам тој момент“, неодредено, како што и се очекуваше, одговори премиерот на провокацијата од коалицискиот другар.
Невообичаено за ВМРО-ДПМНЕ, партијата се држи подалеку од ваквите теми.
Христијан Мицкоски, воден од соработката со втората најмоќна албанска партија, се обидува да капитализира на гневот и на Македонците и на Албанците околу несреќата во тетовската ковид-болница, во која изгореа 14 пациенти.
„Не може за тоа да биде виновен кабелот“, упорен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ секој ден од митинзите.
Празнината што ова, навидум попрагматично ВМРО, ја остава на полето на националните прашања, ја пополнува Левица.
Оттаму не беше изненадување што членови на партија во налет, со герила-акција се обидоа да го попречат државниот врв да оддаде почит на Могилата на непобедените во Прилеп на празникот 11 Октомври, почетокот на антифашистичката борба. На една недела пред изборите, тие од зад грб му порачаа на Заев да си оди во Бугарија, алудирајќи на неговата попустливост кон источниот сосед при интерпретирањето на улогата на Софија во Втората светска војна.
Премиерот, тивко и низ заби, непогледнувајќи ги, ги посоветува да посетат психијатар. Ова беше доволно темава да доминира во медиумите и на социјалните мрежи во следните неколку дена.
Црна кампања со вкус на груевизам
Според старата добра политичка традиција во Македонија, последната недела од изборите е резервирана за валканата кампања.
Методата на политичкиот прогон по принципот „еден портал јавува, другите ‘само’ пренесуваат“, која власта на Груевски своевремено ја востоличи како клучен информативен принцип, може да се препознае и во финишот на кампањата на владејачката СДСМ.
Па така, се појави пресуда стара 19 години за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, Бобан Стефковски. Според непотпишаниот текст, во кој не е консултирана втората страна, Стефковски пред речиси две децении добил затворска казна од три месеци за продажба на марихуана.
„Завршил зад решетки за продажба на дрога, а сега е кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба“, вака порталот Локално МК го отвора текстот за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Методата на политичкиот прогон по принципот „еден портал јавува, другите ‘само’ пренесуваат“, која власта на Груевски своевремено ја востоличи како клучен информативен принцип, може да се препознае и во финишот на кампањата на владејачката СДСМ
Со веќе излитената фраза „според документите што се доставени до нас“, СДСМ од партиската говорница обвини и дека фирмата на Данела Арсовска, која ја имала под закуп спортската сала „Расадник“, не плаќала струја.
„Ако Арсовска вака лошо управува со една сала, јасно е дека нема да може да управува со цел град“, заклучи пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски.
Како непријатно „дежа ви“ на темните политички времиња од „бомбите“ звучеше и обвинувањето дека во битолски Баир, населба во која претежно живее сиромашно население, власта делела вреќи брашно во замена за гласови.
Порција црна кампања добија и предводниците на независните кандидати за власта во Град Скопје и во Општина Центар.
Државни фунционери на СДСМ ја обвинија кандидатката за градоначалник на движењето „Зелен хуман град“, Ана Петровска дека имала удел во проектирањето на контроверзниот гасовод низ Водно, чија рута низ дрвјата и низ зеленилото ги вознемири екологистите.
На слична таква лицемерност, овојпат кај носителката на независната листа „Шанса за Центар“, Јана Белчева, треба да укаже и текстот што деновиве е објавен на порталот Центар МК.
„Поборникот за транспарентни ДУП-ови, Јана Белчева имала директна корист од спорен ДУП изгласан од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за плац во Долно Водно?!“, гласи долгиот наслов на непотпишаниот текст, во кој, исто така, не е консултирана засегнатата Белчева.
Од спротивната страна на политичко-медиумскиот спектар, кај ВМРО и сателитските портали, се покажува дека не изумреле старите навики за оцрнување.
Таму се објавуваат фотографии на кандидат за градоначалник на СДСМ сликан во стриптиз-бар, се вадат од нафталин штедачи на ТАТ и редовно пренесуваат кога некој некаде ќе искине сина партиска книшка.
Молзење крави и понизок ДДВ за патики
„За сè го бива нашиот Александар“, „Људина. Оригинален си, Саше легендо!“. Ова се дел од фејсбук-коментарите под фотографиите на кои градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, се прикажува како политичар кој знае што е мачна работа, каква што впрочем е сточарството.
На сликите, Наумоски молзе крава и веднаш потоа го пие млекото, несварено, нешто што во никој случај не би го направил вистински сточар (суровото млеко може да содржи штетни микроорганизми).
На независниот кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од Левица, Петар Георгиевски – Камиказа му излета ветување, кое благо речено е необично. На една од ТВ-дебатите, во обид да ја надгради идејата за бесплатен јавен превоз, тој предложи пониски ДДВ, царина и субвенции за патики, за да не бидат дискриминирани сите оние што одат на работа и се движат низ градот пеш.
Националистички изблици, црните кампањи и егзибиционизмот имаат рок на траење до петок на полноќ, два дена пред гласањето во недела
Познатиот музичар е еден од оние кандидати што веројатно непосредно пред изборите прифатиле да учествуваат на изборите. Неговите критики и ветувања се полни со општи места за депонии што ќе ги открива со дронови, нечист воздух, а како најголемо достигнување во евентуален мандат би бил Луна-паркот. Георгиевски на ТВ-дебатите покажа и елементарно непознавање за ингеренциите на Градот со ветувањето со кое би се справил со урбаниот хаос.
Неговиот колега од естрадата Арбен Шакири, кандидат на коалицијата ДОМ-ЛДП, во момент на искреност призна дека докрај не е запознаен со надлежностите на функцијата.
„Вие треба да знаете, јас сум кандидат. И Вие не знаевте кога дојдовте за градоначалник“, му реплицираше на Шилегов, кога градоначалникот на Скопје инсинуираше дека овој не ги познава ингеренциите на Градот.
Националистички изблици, црните кампањи и егзибиционизмот имаат рок на траење до петок на полноќ, два дена пред гласањето в недела.