Анализи

На партиите им „снемува“ кампањски донатори

Првите 10 дена од локалните избори преку извештаите за донации

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кога сметководител би ги проверувал извештаите за примени донации на наменските сметки на партиите за првите 10 дена локална изборна кампања, би немал многу работа.

Причината е едноставна. Тие, со неколку исклучоци, се сметководствено полупразни.

Партиските донатори, споредено со минатото, сега како да станале скржави, бидејќи салдото на изборните сметки отворени специјално за изборите не е толку полно, како што тоа било порано.

Сепак, ако се отворат регистрите на полугодишните донации, а и оние годишните од претходно, впечатокот е поинаков.

Донаторите уплаќаат. Но, според бројот на уплати, повеќе милуваат тоа да биде за партијата, отколку за кампањата.

Само двајца донатори за владејачката партија

Десеткувани партиските донатори за разлика од првиот круг локални избори во 2017 | Фото: БИРН

На 12-от ден од изборната кампања, Државниот завод за ревизија ги објави извештаите на партиите што учествуваат на локалните избори до десеттиот ден во кампањата. 

Тоа е првиот од неколкуте финансиски отчети што партиите ѝ ги даваат на државата за тоа колку пари им легнале на сметка како донации и како ги трошеле. Целта е процесот да биде транспарентен, а партиите отчетни.

А бројките се далеку поразлични од локалната изборна кампања во 2017 година.

Најмногу 110 денари од избирач

Партиите што учествуваат во изборната кампања може да потрошат до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, односно во општината за која има поднесено листа на кандидати.

Сега за владејачката партија СДСМ донирале само двајца: Влатко Бојковски, кандидатот за градоначалник на Кратово, и ракометарот Далибор Лукиќ. Двајцата вкупно дале 74 илјади денари.

За споредба, за време на предизборната кампања во 2017, во првите 10 дена, имало 76-мина донатори и две фирми, кои за партијата уплатиле над 39 илјади евра.

132 илјади евра донации за Данела Арсовска Фото: БИРН

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, за изборите во 2017 имала дури 207 донатори само за Град Скопје. Од нив добиле околу 47 илјади евра.

На овие локални избори, за партијата нема донации од физички лица, туку само од една фирма. Ама затоа на сметката на кандидатката што партијата ја поддржа за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, како донатори се јавуваат функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

На листата се пратеничката и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Светлана Колариќ, актерот Роберт Вељаноски, ексдиректорот на државниот студентски центар, Крешимир Павиќ…

Судејќи по презимињата кои често се повторуваат, за Арсовска донирале и фамилии.

Од сите 145 луѓе и три фирми, таа добила донации од над 132 илјади евра.

Демократската унија за интеграција не пријавила донации во пари. Само услуги, и тоа во вредност од 42 илјади денари, кои ДУИ си ги дала самата себе, а ги добила и од партиско-истражувачкиот политички центар „Абдулаќим Адеми“.

Бесплатни услуги како донации

Како донација се сметаат давањето бесплатни услуги на партиите, како и продажба на стоки или давање услуги по цени пониски од пазарните.

Кај Алијанса за Албанците и Алтернатива има само двајца донатори: Лулзим Алиу, потпретседателот на Алтернатива, и Дритон Сулејмани, директорот на Природно-научниот музеј, кои заедно вкупно уплатиле околу 2.000 евра.

Kај Беса, ставката донации е 0, а кај ДПА има тројца, кои вкупно уплатиле 110 илјади денари.

Од 200 денари до 45 илјади денари се движат сумите што ги добивала Левица во првите десет дена кампања од 19 донатори. Од донации партијата собрала нешто помалку од две илјади евра.

Сè на сè, уплатите се далеку под сумите од претходната локална изборна „трка“.

Може и од сметка на сметка

Извештаи за примени донации во првите 10 дена кампања доставени до ДЗР | Визуализација: БИРН

Иако сметководствено ДУИ за пола кампања не добила донации, не си префрлила ниту пари од партиската сметка во првата половина од кампањата.

Пренос на пари од партиската сметка засега не пријавил ниту СДСМ.

Иако нема донатори за над 60 општини, ВМРО-ДПМНЕ има на што да се потпре за предизборната кампања.

Во извештајот што го доставила до Државната ревизија напишале дека од една на друга сметка префрлиле три милиони денари, односно над 48 илјади евра, а им останале непренесени приходи од околу 667 илјади евра. Тоа го содржи извештајот што се однесува на педесетина општини.

Од главната сметка префрлале помали износи на наменската сметка, по околу 110 илјади денари на неколку општини, како Карпош, Прилеп, Неготино и други.

Над 53 илјади евра префрлила Беса, а над 38 илјади евра отишле кај посебната сметка на Алијанса-Алтернатива. Левица во три наврати си префрлила околу 30 илјади евра од основната сметка.

И парламентарната ДПА, со само еден пратеник во Собранието, направила трансфер од сметка на сметка – 26 илјади евра.

Евидентно од извештаите е и тоа дека Левица и Беса напишале за што ги потрошиле парите во првата половина од кампањата.

Пред изборите, секој петти во месецот – донација

Подарежливи низ годината, отколку за време на кампaња | Фото: БИРН

Но, иако во време на кампања донаторите се бројат на една рака, праксата не е таква и во текот на годината кога нема избори.

Тогаш донаторите се подарежливи.

Така, на пример, 570 уплати стигнале на партиската сметка на владејачкиот СДСМ за пола година, од јануари до крајот на јуни. Меѓутоа, ова не е бројот на донатори, бидејќи еден донатор има по пет, шест, па и седум уплати.

Министри, директори, градоначалници, претседатели на општински совети, месечно го одврзувале ќесето и на контото на партијата уплаќале различни износи.

Најмногу во март, кога биле регистрирани 111 уплати. На списокот нема фирми.

Директорот на Катастар, Борис Тунџев е еден од поредовните, па не пропуштил ниту еден месец. На секои петти во месеците јануари, февруари, март, а потоа и во април, мај и јуни уплаќал по 3.250 денари.

Редовен бил и поранешниот „громовец“ Панчо Минов, кој донирал по 3.500 денари.

Најдлабоко во џебот брцнале адвокатот на СДСМ и член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Стевица Јосифовски, кој уплатил 150 илјади денари.

Црвена линија за донации

Физичко лице може да донира најмногу 3.000 евра, а фирма до 30.000 евра.

Иста сума како него, уплатил и градоначалникот на Аеродром во заминување, Златко Марин.

Меѓу уплаќачите, најредовни се четворица владини министри Љупчо Николовски, Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, иако сумите што тие ги уплаќале се пониски од оние највисоките.

Лидерот на партијата и премиер Зоран Заев, на 5 март, петок, држел прес-конференција. Истиот ден пред викенд, веројатно пред или по пресот, уплатил 59.900 денари на партиското конто.

По десет дена, Заев повторно уплатил, ама овојпат двојно помалку, односно 28.100 денари. Со тоа, тој е еден од донаторите со повисоки уплати.

Кандидатот поддржан од Левица за Град Скопје | Фото: БИРН

Пари на партиската сметка стигнувале и од директори низ институциите: од директорот на Службен весник, на агенцијата за конфискација на имот, директорот на затворот „Скопје“ и на прилепскиот затвор…

Некои донатори биле поскромни, па уплаќале по 90 или 100 денари, а некои биле со „пошироко срце“, како раководителката на службата за Итна помош, Милица Бубало, која, во ист ден, на 15 февруари, уплатила дури петпати по 3.600 денари.

Далеку поскромни во уплатите зад социјалдемократите, најмладата парламентарна партија Левица. За пола година пријавила 111 донации од физички лица, од кои, најголемиот број во јуни.

И овде има „традиционални“ донатори што уплаќале со месеци. Лидерот на партијата, пак, Димитар Апасиев има само една донација од 240 денари, што ја уплатил на 22 јуни.

Беса, пак, има само еден донатор за пола година. Абдуш Демири. Во јуни донирал 6.300 денари.

ВМРО-ДПМНЕ не го објави полугодишниот регистар на донации на веб-страницата, која им е законска обврска пропишана со Законот за финансирање на политичките партии.

Тие очигледно се доследни на таквата пракса, бидејќи така беше и за време на парламентарните избори во 2020 година, кога БИРН ги побара да одговорат зошто ги немаат на партискиот веб-сајт ниту финансиските извештаи, ниту извештаите за донации.

Но, не се само тие. Вакви полугодишни извештаи за донации немаат oбјавено ниту владејачката ДУИ, а и помалите партии како ДОМ и ЛДП.

Праксата покажува дека ниту некој ги гони, ниту ги санкционира поради тоа.

Кампањата завршува в петок на 15 септември, а потоа ревизорите и антикорупционерите ќе добијат уште еден ваков извештај – за донации од десеттиот ден до крајот на изборната кампања, по што следуваат извештаите со спецификација на трошоци и вкупните извештаи.

Наменската сметка, партиите ја затвораат 45 дена откако ќе бидат објавени конечните резултати.