Вести

Избори 2020 – тесно и неизвесно до крај

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, прогласи победа, а ВМРО ДПМНЕ објави дека влегува во преговори за формирање влада

Првичните нецелосни податоци во бурната изборна ноќ покажаа речиси изедначен резултат меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Партиските штабови беа воздржани и внимателно ги дозираа и информациите и емоциите, токму поради исклучително тесниот изборен резултат, кој се менуваше од минута во минута. Прес-конференциите се закажуваа, па се одложуваа.

Со овој изборен резултат овојпат многу појасно, се повтори сценариото од 2016 година кога тесниот резултат произведе партиски комбинаторики кои дополнително одредија кој ќе седне на Илинденска бр. 2.

Од Државната изборна  комисија соопштија дека од обработени 93,96% гласачки места, коалицијата предводена од СДСМ освоила 36,13% од гласовите, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 34,65%.

Тоа значи дека со овој изборен резултат, разликата е помалку од 1,5 процент. ДУИ освоила 11,57%, Алијанса за Албанците 8,79%, Левица 3,96%, ДПА 1,48%.

Еден час по полноќ, пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, наместо лидерот на партијата, прв се обрати генсекот, Игор Јанушев, кој со задоволство соопшти дека победиле во најголем број градови и населени места.

„ВМРО-ДПМНЕ влегува во нова трка за обезбедување мнозинство за составување нова влада“, рече Јанушев пред присутните и дополни дека опозицијата добила повеќе гласови од владејачката партија.

Половина час по него се обрати и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој прогласи победа, а меѓу своите беше најавен како идниот мандатар.

Заев рече дека во моментот имаат „убедлива предност од три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ“, со можност за уште еден или двајца.  Нашата коалиција е победничката коалиција на овие парламентарни избори“, рече тој пред присутните и дополни: „Волјата на народот се потврди“.

„Конечно народе мој следува правда“, говореше Заев со химничен тон и возбуда.

По оваа неизвесна вечер, ДИК во текот на денот треба да ги соопшти освоените мандати во новиот 120-член парламентарен состав, а од тука и клучното прашање кој ќе обезбеди 61 пратеник за формирање на новата влада.

Очигледно е дека ДУИ останува клучен политички фактор за преговори за идната Влада, бидејќи кај албанскиот електорат, партијата која ја предводи Али Ахмети освои најмногу гласови.

Со солиден изборен резултат и повеќе пратеници во идниот парламент влегува и „Алијанса за Албанците“, партија која имаше само тројца пратеници во претходниот состав, а овде е и Демократската партија на Албанците. Во Собранието извесно е дека за првпат влегува и партијата „Левица“.

Овие избори, кои за првпат беа со реквизити за заштита од коронавирусот, ги одбележа одзив од над 50%, што партиите во првичните реакции за јавноста го поздравија, иако бројките покажаа слаб одзив на гласачите во шестата изборна единица.

Следува период на сумирање на податоците и време за приговори. Уставот предвидува дека новоизбраното Собрание треба да одржи конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, што значи во првата седмица од август.