Вести

Се гласа десетти состав на парламентот

Изборите се одржуваат по три месеци одложување поради пандемијата | Фото: БИРН

Десетти пат од независноста, а петти предвремени, македонските гласачи денеска ги избираат своите пратеници во законодавниот дом. Редовни парламентарни избори, поради истечен мандат на составот на Собранието, немало уште од 2006 година. Денешните избори се најблиску до терминот што требаше да биде редовен, само поради тоа што корона вирусот ги одложи за три месеци.

Вторпат ќе се гласа среде недела, по 2006 година, кога, исто така, изборите се одржаа во среда на 5 јули.

На изборите учествуваат 15 партии и коалиции со свои кандидатски листи, што е повеќе од претходните два изборни циклуса кога имаше 11 (во 2016 година) и 14 (во 2014), но многу помалку од изборите во првите изборни циклуси, кога понудата броеше над триесет партии и коалиции.

Изборниот модел се менуваше со текот на годините, од целосно мнозински на првите два изборни циклуса, на делумно пропорционален во 1998, а од 2002 година е воведен сегашниот регионално-пропорционален систем со шест изборни единици.

Изборниот систем со шест изборни единици и со пресметување на мандатите преку Донтовиот модел, не само што не е поволен за помалите политички партии (поради што постепено се окрупнуваа коалициите и се намалуваа редните броеви на гласачкото ливче), туку тој не им оди во прилог и на кандидатите што сакаат да учествуваат преку независните листи.

Независна кандидатура немало уште од 2008 година. Во 1994 година, кога изборите сè уште беа според мнозинскиот модел во 120 изборни единици, имало дури 283 независни кандидати.

Затоа, пак, денес има шест партии и коалиции што за првпат учествуваат на избори, што е повеќе од претходните два изборни циклуса. Во 2016 година имаше два дебитанти, а во 2014 четири нови партии.

Право на глас денеска имаат 1.814.263 избирачи. Тоа е вториот најголем избирачки список за парламентарни избори во историјата на земјата, по оној во 2011 година, кога биле регистрирани 1.821.122 гласачи. Во далечната 1994 година, на изборите учествувале 1.360.792 гласачи, што значи денес има речиси половина милион, односно  453.471 гласач отколку пред 26 години.

Избирачкиот список најмногу се зголемил меѓу 1994 и 1998 година, за над 212 илјади гласачи. Во поново време, најголем раст имало меѓу 2008 и 2011 година, за 42 илјади избирачи. Единствениот пат кога бројката во списокот отишла во минус меѓу два парламентарни избори циклуси  е во 2014 година. Тогаш избирачкиот список беше намален за 41 илјада гласачи. Овој исклучок го потврдува правилото – денешната бројка е за речиси 30 илјади гласачи поголема од таа на претходните избори.

Во однос на излезноста во бројки нема драматични разлики. Таа речиси секогаш се движи меѓу еден и милион и двесте илјади избирачи. Единствено во  2006 година излегле помалку од еден милион, односно околу 975 илјади избирачи. Најмногу гласачи во вкупен број излегле на 15 септември 2002 година, милион и 218 илјади гласачи. Последните парламентарни избори се втори по излезност. Тогаш излегле милион и 192 илјади.

Очекувањата за излезноста денеска се различни. Во кампањата, меѓу партиските понуди и острите напади и обвинувања врз противниците (меѓу другото со објавување снимени разговори) се појави и загриженост за слабиот одѕив и повици до избирачите да гласаат. Стравот од пандемијата со Ковид-19, како и сè помалиот интерес на граѓаните за изборниот процес, ги зголемува стравувањата од мала излезност.