Анализи

Изборна кампања: Ред бајки, ред хорори

Едно жешко попладне гледавме предизборна ТВ пропаганда, за вие да не морате

Ако ви се чини познат предизборниот слоган на владејачката СДСМ, „Можеме – уште повеќе, уште подобро“, сеќавањето добро ве служи. Речиси идентичен слоган имаше ВМРО-ДПМНЕ пред десетина години, кога Никола Груевски „напаѓаше“ по сите општини под мотото „Заедно можеме повеќе.“

„Уште поубаво ќе биде моето село, а и твојот град. Заедно можеме повеќе. Заедно сме на вистинскиот пат“, пееше половина македонска естрада за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Инвентивноста“ не запира тука. Од позиција на власт, по ист шаблон се прават и видеокампањите. Предизборните спотови и на оваа власт почнуваат со забавени и широки сцени.

Во нив насмевките зафаќаат половина од кадрите и ветерот е сојузник на министрите, им дува во грбот и филмски им ги растура фризурите. Дронови сликаат нови патишта што сѐ уште мирисаат на битумен и фабрички погони почисти од аптеките.

Прикажуваат болнички ходници со реновирани ламинатни подови, подновени лулашки во боите на виножитото, додека најмодерниот комбајн одмора паркиран меѓу златното класје.

Во овие видеа, министри носат заштитни шлемови во обиколка на градилишта или сосема спокојно работат на најнови лаптопи во канцеларии осветлени од големи прозорци. Има и задоволни пензионери, кои пијат чај во расцветани градини со идеално искосена трева.

Заев на предизборен собир | Фото: Фејсбук на СДСМ

Музиката едноставно ветува уште подобра иднина.

И на овие избори ги има добропознатите „да не се повтори“ пораки. Наместо црно-белите снимки од Црвенковски, со кои нѐ плашеше ВМРО-ДПМНЕ, денес во спотовите на СДСМ, бабарогата е монохроматската фотографија од Никола Груевски.

Забавни се и митинзите.

Зоран Заев, првиот човек на коалицијата „Можеме“, едноставно не може без гафови, без разлика дали некој го снима на мобилен или, пак, јавно зборува пред следбениците.

Викендов, владејачката коалиција имаше мини-митинг во скопски Центар. Заев ги уверуваше центарци дека изборите се безопасни, иако ќе се гласа во време на  вториот бран од корона вирусот.

Сакајќи да ги убеди дека е доволно безбедно, тој рече дека излегувањето на избори е мал и, внимавајте сега, махинален чекор.

Зборот махинален значи несвесен, а не верувам дека ниту еден политичар, претпоставувам ни Заев, не сака да ви каже дека гласањето е несвесен чин. Веројатно сакаше да каже минимален чекор.

Лошо се изразил, како во „бомбата“ за шарените.

Даскалот со големо „Д“

Мицкоски на митинг во Струмица под споменикот на Гоце Делчев | Фото: Фејсбук на ВМРО-ДПМНЕ

Твитер и Фејсбук се „исправија“ на нозе поради „досетливите“ спотови на ВМРО-ДПМНЕ.

Хуморот навистина се користи во политичките битки и не е првпат опозицијата да ја исмева власта преку сатирични спотови. Меѓутоа, резултатот е проблематичен кога сатиричната кампања е производ на луѓето што се смееја на лошите вицеви на Никола Груевски, како оној од изборите во 2016:

„Зошто на Заев му се црвени очите? Кога ги слушал ‘бомбите’ слушалките по грешка ги ставил на очи. Ха, ха, ха!“

Се нагледавме сеир за промотивното видео во кое лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски доаѓа од нигде-никаде и го исправа свитканиот народ со само еден допир на раката. Внимание предизвика спотот во кој Мицкоски враќа девојка од аеродром и ја убедува да не си оди од Македонија покажувајќи ѝ налепница на која пишува ВМРО-ДПМНЕ.

А, девојката запрепастена од појавата на лидерот, со широка насмевка на лицето воскликнува:

„Господине Мицкоски, што правите Вие овде?“

Се појави и видео во кое мајка, ѝ раскажува на ќерка си алтернативна верзија на приказната за Црвенкапа, каде што Заев е волкот, а „чесниот и честит“ ловџија е професорот Христијан Мицкоски.

„И на крајот дојде Даскалот“, поентира мајката-раскажувач.

Се чини дека кога се снимале спотовиве, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го окупирал режисерското столче, а вистинскиот режисер не се одважил да го праша:  

„Господине Мицкоски, што правите Вие овде?“

Мицкоски, кого во предизборните спотови го нарекуваат Даскалот, „скромно“ идентификувајќи се како историска фигура од габаритот на Делчев, на митинзите зборува како да е дел од историските документарци што на времето ги гледавме на МТВ.

Небаре го глуми Делчев во епизода од серијата „Тврдокорни“. Звучи како говорите да ги препишал од Ѓорги Абаџиев, авторот на расказите за вистинскиот даскал.

Нападно користи архаични изрази од типот „грст жолтици“, акцентски целости и прекумерна доза патетика.

„Пред некој ден бевме во Ресен, врнеше дожд, малку врнеше, а дождот е бериќет.“

„И тогаш еден ресенчанец ми рече – нема бериќет за мене, претседателе. Со пила ја исеков јаболкницата, род што даваше, семејство што хранеше“, раскажа Мицкоски на саботниот митинг во Кавадарци, со тон кој ве тера да проверите дали на програмата е сè уште митингот или почнала турска серија.

Мицкоски, веројатно, за да биде поубедлив во улогата на даскалот Делчев, со другите илинденци е на „ти“, ги спомнува само по име.

„Даме, Питу, Никола…“ како заедно да славеле десетгодишнина од матура.

Генетичари

Свој придонес за ова забавно предизборие имаат кампањите на албанските и на помалите партии, како и секојдневните „бомби“.

Во време на пандемија, кога недостасуваат инфектолози и пулмолози, Македонија, сепак, може да се пофали само со врвни генетичари. Претседателот на „Интегра“, Љупчо Ристовски смета оти „Македонецот има моќен крвен запис“, а лидерот на албанската опозиција, Зијадин Села е убеден оти Албанците се родени лидери.

Сите ќе ги правел директори.

За разлика од Села, Али Ахмети не е по зборувањето, ами по делата. Тој во предизборниот спот влезе кога неговиот тим губеше ракометарски натпревар и лидерски го „донесе“ пресвртот.

Нивниот кандидат за премиер Насер Зибери, пак, одржа фиктивна седница пред Владата, сакајќи да испрати порака дека неговиот мандат е завршена работа. Човекот си играше власт, нешто што кадрите на Ахмети го прават со децении.

А, некој некаде рече и дека Македонија е земја во која на свадби пукаат пиштоли, а на избори „бомби“. Површен преглед на дневните вести укажува дека бомбите генерираат најмалку ист, ако не и поголем интерес во јавноста, во споредба со спотовите. Промоцијата и заглушувањето на јавноста преку овој нов тип партиски кампањи преку разни тредичи, добри човеци и слични анонимуси се разбира има за цел да натера еден дел од гласачкото тело да смени страна или да остане дома.

Она што е специфично за овие избори е дека „изведувач“ на снимките што ги користат и двете страна е популарниот Кичеец. Човекот во изминативе години, по сѐ изгледа, има снимено повеќе материјал од цела македонска естрада заедно.