Репортажи

Изборната ноќ во Тетово

„Следните недели ќе имаме по 50 ТВ-прилози дневно за да нè прашуваат со кого ќе влеземе во владата…“ им рекол Ахмети на сопартијците

Набљудувачите на изборите во Македонија сметаат дека  е невообичаено во 23 часот на денот кога се гласа – два часа по затворањето на избирачките места – да нема милитантни поддржувачи кои прославуваат во центарот на Тетово.

Единствените кои, во тоа време, беа на улиците се чини дека беа оние кои брзаа да се вратат дома по долгиот ден.

Како по традиција и за време на последните парламентарни избори во 2016 година, поддржувачите на скоро секоја партија излегуваат на централниот плоштад и слават од моментот кога гласањето завршило.

„Големо шоу ќе има на главниот плоштад, булеварот, но и низ улиците во центарот на Тетово. Не може да разберете кој победил, а кој изгубил. На крајот, никој нема да признае дека избрзал. Оние кои ќе завршат како губитници ќе речат: ‘Ни ги украдоа гласовите’“, вели насмеан локален новинар од Тетово.

Сепак, имаше забава која започна веќе во 23 часот, но се одржуваше на речиси 4 километри од центарот, во селото Мала Речица, сместено е седиштето на ДУИ.

Канцелариите на другите партии на етничките Албанци во Тетово, како Демократската партија на Албанците, БЕСА, па дури и Алијансата за Албанците се чини дека беа празни.

Од Алијанса решија да ја следат пост-гласачката атмосфера од нивната скопска канцеларија, иако Зијадин Села, лидерот на партијата, беше носител на листа во шестата изборна единица, што за свој центар го има Тетово.

Како што се приближувате кон Речица, сообраќајот станува погуст, а светлата кои доаѓаат од зградата на ДУИ, што изгледа како огромна вила, почнуваат да доминираат.

Во дворот пред зградата е поставена говорница осветлена со сини светла. Новинарите ја чекаат следната партиска објава, додека некои од партиските активисти играат.

Зурли и тапани на прославата на ДУИ | Фото: БИРН

Четворица музичари кружеа околу масата со стотиците приврзаници кои се собраа во дворот на ДУИ за поддршка на партијата, за цел да ги забавуваат додека го чекаат резултатот од гласањето.

Групата поддржувачи е разновидна, составена од функционери на ДУИ, жители на Речица и оние од Тетово. Сепак, жените кои беа присутни можеа да се избројат на една рака.

Нејат Абдулаи, 38 годишен жител на Речица и постојан поддржувач на ДУИ, со себе ги зел неговата сопруга и возрасната ќерка за да прослават пред седиштето.

Тој рече оти е сигурен дека ДУИ требало да ја зачува својата позиција како најголема партија на Албанците во Северна Македонија, бидејќи „тие секогаш работеле во најдобар интерес“.

Неjат Абдулаи со сопругата, ќерката, роднините и сосетките | Фото: БИРН

„Јас и мојата сопруга не работиме во државна институција и никогаш не сме биле вработени од ДУИ, но ние ги поддржуваме, бидејќи тие се најдобри кога станува збор за зачувување на интересот на Албанците во оваа земја“, рече тој.

Многумина од групата веруваат дека ДУИ е партијата која овозможила нивниот глас да се слушне во македонската држава.

„За скоро две децении, тие постигнаа големи резултати и беа нашиот глас во владата. Тие беа искрени, а обвинувањата за корупција се само шпекулација и никогаш немало конкретен доказ против нив (претставниците на ДУИ)”, вели човек од толпата.

„Тие се бореа сами против сите, против македонските етнички партии и исто така и против партиите на Албанците, кои сакаат само да нè делат“, вели друг.

Но, не сите во публиката ги делат истите мислења и не се сите оптимисти. Еден 43 годишен човек рече дека ДУИ направила многу добри работи, но исто така не успеала да се реформира и во своите редови да вклучи добро образованите луѓе.

„Јас немам повеќе од 8 години училиште, но сум доволно паметен за да разберам дека партијата не работи доволно за во своите редови да ги привлече образованите луѓе. Времето на воените команданти заврши, и сега она што треба да направат е да им се даде поголема моќ на луѓето од друг профил. Треба да заврши и времето за вработување пријатели и роднини“, рече тој.

Во 11:17 часот музиката престана откако кандидатот на ДУИ за иден премиер на Северна Македонија, Насер Зибери, им се обрати на медиумите.

Насер Зибери во изјава за медиумите | Фото: БИРН

На албански и на македонски јазик Зибери ја повтори пораката дека „победиле“ и „идејата за премиер Албанец за Северна Македонија исто така победила“, но тој не соопшти бројки за тоа колкава е оваа победа. „Не сакам да шпекулирам“, рече тој.

Идејата за албански премиер им даде надеж и оптимизам на скоро сите присутни. Но, исто така, послужи за меѓу насобраните да се истури бесот врз стариот партнер на ДУИ од последната влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Срамно е како тој (Заев) реагираше на нашата понуда за албански премиер. Тие делуваат како да се отворена и еманципирана политичка партија, но длабоко во себе, тоа не се. Го покажаа вистинското лице спротивставувајќи се на оваа идеја“, рече 52-годишен човек, постојан поддржувач на ДУИ од нејзиното создавање.

Новите објавени прислушувани разговори на кои Заев вели дека „Албанците не вредат ни пет пари“, уште повеќе ги налутија приврзаниците на овие партии. Некои од нив, се гневни и на лидерот на движењето БЕСА, Биљал Касами, која стана првата политичка партија на етничките Албанци што влезе во предизборна коалиција со етничка македонска партија.

„Тој е предавник… Не слушна што рече Заев за Албанците?!“ праша човек од толпата. Другите околу него извикуваа недолични имиња за Касами.

„Тој (Касами) разочара многумина приврзаници. Тие не очекуваа дека ќе ја спои БЕСА со партијата на Заев и ги изненади со денешното гласање. Не велам дека оние што беа разочарани од Беса нè поддржаа нас (ДУИ), но тие не излегоа да гласаат“, рече 21 годишен студент по политички науки.

Во 11:42 на подиумот се појави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, придружуван од други високи функционери на партијата. Толпата се возбуди и почна да го скандира неговото име. Откако се смирија Ахмети рече:

„Орлите се вратија во своето гнездо! Ние победивме и ќе бидеме повторно најголемата албанска партија во Северна Македонија, чувари на вашиот најдобар интерес…“, рече тој.

Еуфорија пред седиштето на ДУИ | Фото: БИРН

Зад него, на мониторот, се појави бројот 100.000, што го покажува бројот на гласови што ги освоиле. Ахмети објави дека ДУИ веќе обезбедиле 12 пратеници и се борат за 13-тиот. Краткото, но оптимистичко обраќање беше придружено со овации и огномет.

Партиските поддржувачи славеа  | Фото: БИРН

Откако Ахмети ја напушти сцената, се засили музиката и повторно почна играњето.

Сепак, тоа не траеше долго, бидејќи поддржувачите и новинарите почнаа да заминуваат. 15 минути полноќ, дворот пред седиштето на ДУИ беше празен, а само неколку лица останаа надвор.

На излезот, еден од поддржувачите им кажуваше на своите пријатели: „Кога го дознав резултатот на ДУИ и видов дека двете најголеми македонски партии се толку затворени, Ахмети им рече на луѓето во својата канцеларија: „Следните недели Речица ќе се трансформира во еден вид седиште на ООН. Ќе имаме по 50 ТВ-прилози дневно за да нè прашуваат со кого ќе влеземе во владата…“ Неговите пријатели почнаа да се смеат.

Малкумина ентузијасти приврзаници со автомобилите се упатија кон центарот на Тетово со зурли, за да направат врева. Потоа центарот повторно се смири.

Единствените други „ентузијасти“ во градот беа група поддржувачи на СДСМ и службени лица од канцеларијата во Тетово. Во 12:30 часот ја затворија локалната канцеларија и почнаа да доаѓаат со своите автомобили околу центарот на градот, славејќи со развиорено македонско знаме.

Освен приврзаници на ДУИ, славеше и СДСМ | Фото: БИРН

На тетовските улици наидоа само на неколку приврзаници на ДУИ. Се чини дека само овие две партии имаат што да слават…