Регион

Јакнењето на шпионските капацитети во Унгарија укажува на полициска држава

Унгарија ги зголеми буџетите на разузнавачките агенции

Во последниве неколку недели, милиони Унгарци добиле официјален формулар што треба да го пополнат за десетгодишниот попис на државата. На унгарските социјални мрежи следуваше наплив на анксиозност, понекогаш дури и отворена параноја. Зошто владата на премиерот Виктор Орбан толку детално се распрашува за домувањето, животниот стандард и за други детали на луѓето? Дали треба да кажам дека имам два телевизора со рамен екран? И каде ќе завршат сите тие сензитивни приватни податоци?

Пописите се најрегуларните алатки во рацете на владите за да собираат суштински податоци за истражување и за креирање политики. Во Унгарија, сепак, новиот попис, не само што поттикна длабока недоверба во сѐ што е поврзано со владата, туку создава и страв дека Орбан гради полициска држава.

Минатата година беше откриено дека Унгарија ги шпионирала своите граѓани, вклучувајќи новинари, сопственици на медиумски компании и политичари, со висока израелска технологија за шпионирање, наречена Пегасус. Со години се шират гласини за прикриени операции за следење новинари и членови на опозицијата, но ова беше првпат да излезат докази за тоа. Во тој момент и јас дознав дека сум бил цел на прислушување со шпионска технологија.

Како еден од новинарите што помогна да се открие системската злоупотреба на Пегасус во Унгарија, добив стотици барања од секакви луѓе откако ги објавивме нашите истражувачки приказни. Сите тие бараа од мене да дознаам дали и нивните мобилни телефони биле хакирани со оваа израелска технологија. Тогаш сфатив дека главниот наод на нашата истражувачка приказна беше дека, во суштина, „ова може да му се случи секому“.

Антипописните чувства може да служат за потсмев, секако, но не е апсолутно неверојатно дека владата може да има задни намери. Реалноста е дека разузнавачките агенции на Орбан имаат тони од многу понапредни и понападни технологии на располагање од некој здодевен онлајн-формулар.

Ширење на шпионската треска

Премиероте на Полска и на Унгарија, Матеуш Моравиецки и Виктор Орбан | Фото: Фејсбук-страницата на Виктор Орбан

Имејл-пораките за пописот почнаа да пристигнуваат во време откако при крајот на септември, весникот Times of Israel објави дека израелската компанија Авнон Груп ѝ доставува на Унгарија воена технологија за „следење онлајн-дискурси, анализирање и разбирање на јавното мислење“, и за следење на социјалните мрежи. Шефот на кабинетот на Орбан веднаш отфрли дека владата склучила договор со израелската компанија, но тоа сѐ уште може да значи дека некоја разузнавачка агенција го потпишала документот, наместо некое министерство.

Следењето на активностите на социјалните мрежи на непослушните граѓани не е нешто ново за унгарската влада. Во 2017, на пример, беше откриено дека еден од поранешните државни секретари на Орбан ѝ помогнал на истомислечката влада во Полска во следењето, мапирањето и анализирањето на фејсбук-активностите на здравствените работници што протестирале. Истрагата беше дополнителен доказ дека Полска одблиску го следи и учи од унгарскиот пример.

Онлајн-сферата не е единственото место каде што унгарската влада го подигнува нивото на следење овие денови. Пред неколку недели, независни унгарски медиуми известија дека Специјалниот сервис за национална безбедност (ССНБ), унгарска агенција што е еквивалент на американската НСА, распишала отворен повик за регрутирање на т.н. следачи – тајни агенти, чија задача би била физички да ги следат и да ги шпионираат своите цели.

 Оваа необична понуда за работа беше објавена само неколку месеци откако владата го зголеми буџетот на разузнавачките агенции за 50 проценти, што беше потег без преседан, алоцирајќи дополнителни 30 милијарди форинти (70 милиони евра) во трите цивилни разузнавачки агенции. Половина од тие пари отидоа во ССНБ, операторот и на физичкото и на дигиталното следење.

Технологијата за следење, особено сајбер-оружјата, не се евтини. На пример, неодамна дознав дека Унгарија всушност потрошила барем шест милиони евра во нето-износ за набавката на спајверот Пегасус во 2017 и во 2018. Тоа е приближно иста сума колку што платила и другата држава од ЕУ што го злоупотребила Пегасус – Полска. Во двете држави, владините агенции контактирале брокерски компании во сопственост на поранешни оперативци од комунистичката ера, кои требало да склучат договор со продавачот, израелската НСО група. За милионите што ги потрошила од даночните обврзници, Унгарија добила квота да го користи Пегасус за да следи до 50 мобилни телефони истовремено.

Сепак, Пегасус е само еден од многуте спајвери што постојат. Неколку дена пред таканаречениот „Проект Пегасус“ да експлодира во вестите минатото лето, во детална студија објавена од канадската организација Ситизен лаб беа откриени траги од друг израелски спајвер. Тие открија дека системот на спајверската фирма Кандиру, со седиште во Тел Авив, способен да навлезе, не само во смартфони, туку и во компјутери и во таблети, исто така бил опериран од Унгарија, според нивната анализа на податоците скенирани од интернет. Сѐ уште е непознато кој би можел да биде операторот на ова следење, како и кои биле целите. Вообичаено, унгарската влада не сакаше да коментира.

Неодамна Балканот беше потресен од уште еден скандал со следење. Во Грција, трет израелски спајвер наречен Предатор бил вметнат во телефоните на еден од главните опозициски лидери во земјата, како и на неколкумина новинари. Сепак, регистрациските податоци за компанијата откриваат дека производителот на Предатор, Сајтрокс, не е регистриран само во Израел, туку и во Унгарија. Исто така, не е познато дали Унгарија само обезбедува хостинг за спајверските операции на компанијата или, пак, самата унгарска држава ги најмила (Сајтрокс е исто така присутен во Северна Македонија, каде што директор е Иво Малинковски).

Проблемот не е само во спајверот

Новинарите на Директ 36 Шаболц Панји и Андраш Сабо | Фото: Андраш Пето

Минатата пролет, кога Амнести интернешнел го анализираше мојот ајфон и најде траги од поранешно навлегување на Пегасус во 2019 година, морав веднаш да земам брз курс во светот на сајбер-безбедноста. Тоа што ме фасцинираше уште од почетокот беше доминацијата на израелската технологија.

Под водството на Бенјамин Нетанјаху како премиер (од 2009 до 2021), израелската држава ги поддржуваше технолошките и сајбер-компаниите на секој можен начин, намамувајќи ги најдобрите и најбистрите во оваа матна индустрија. Како што еден експерт ми објасни, на тој начин Израел станал еден од најдобрите играчи во сајбер-шпионажата, на исто рамниште со САД, Русија и со Кина.

Сепак, како купувач, не може секој да воспостави бизнис-соработка со сите овие актери. Да ја земеме Унгарија како пример, земја чие членство во НАТО е сериозна пречка за купување понапредна воена технологија од руско или од кинеско потекло. Без разлика на јасната приврзаност на владата на Орбан кон овие две држави, тоа едноставно е невозможно поради формалните обврски кон НАТО.

Понатаму, САД можат да престанат да им дозволуваат на своите компании да ѝ обезбедуваат некои од своите алатки за следење на Унгарија поради сѐ поблиските односи на оваа централноевропска држава со Русија и со Кина. Тоа, заедно со одличниот квалитет на шпионската технологија со која располага, го прави Израел најочигледниот избор за сите земји со слични проблематични демократии, кои бараат снабдувач, но се заглавени меѓу големите сили.

А технолошките компании од Израел можат да понудат многу повеќе од спајвер. На пример, НСО групата, компанијата што е зад Пегасус, исто така го продава Сирклес, производ што се користи за пресретнување телефонски повици, СМС пораки и други мобилни податоци (локациите на таргетот и други податоци). А НСО не е единствениот снабдувач од Израел што нуди таква врвна технологија.

Кога ги пребарував отворените податоци за една брокерска компанија што го увезува Пегасус во Унгарија, најдов документ во кој се наведени некои од нејзините најдоверливи продавачи. Израелските и некои американски компании накратко опишани во документот, се чини дека се токму оние што веќе ѝ доставувале технологија на Орбановата Унгарија. Ова се работи што веројатно се случувале во државата со години, под различни државни власти и без знаење на јавноста.

Две од најинтересните израелски фирми се Корсајт АИ од Тел Авив и Виисајтс Солушнс. Двете се во бизнисот со видеоследењето засилено со вештачка интелигенција. Кога нивните производи се поврзани со системот на ЦЦТВ камери, сѐ што се појавува на екраните веднаш се скенира преку алгоритам за препознавање лица. Системот на Корсајт АИ тогаш ги идентификува и ги спојува поединците што се гледаат на снимките и „ги става во претходно подготвени датабази“, според документот.

Производот на Виисајтс Солушнс, пак, оди уште подалеку и „може да препознае одредени однесувања или настани, како тепачка, сообраќајка или лице што учествува во некој инцидент, зависи за што ќе се користи“. Лесно е да се претпостави каква корист од оваа технологија може да има унгарското општество. Но, не е помалку очигледно на каков сѐ начин таа може да се злоупотреби во, на пример, следењето на организаторите и на учесниците на антивладини протести.

Уште еден знак на предупредување е тоа што откако победи на парламентарните избори во април годинава, Орбан целосно ја ремонтираше структурата на унгарските разузнавачки агенции.

Прво, и на министерот за внатрешни и на министерот за надворешни работи и трговија им беа одземени нивните безбедносни служби – контраразузнавањето и странското разузнавање, кои беа споени со канцеларијата на кабинетот на премиерот. Второ, нова централизирана структура беше создадена со воспоставувањето на т.н. Национален информациски центар, кој се нарекува и „суперразузнавачка служба“ во унгарските медиуми.

Ова ново тело беше создадено за да собере секаква информација од сите различни разузнавачки и безбедносни агенции. Сега, канцеларијата на кабинетот на премиерот конечно може да има брз и директен пристап до последните разузнавачки информации.

Сето ова е загрижувачки развој на настаните, кој останува релативно незабележан за странските набљудувачи. Деновиве ЕУ се расправа со унгарската влада главно околу антикорупциските мерки, понекогаш обрнувајќи внимание на теми владеењето на правото, судството и слободата на медиумите. Сепак, следењето и националната безбедност не станале теми за кои се дискутира на тој начин, бидејќи ЕУ речиси нема надлежност и експертиза во ова поле.

Тоа што го прави особено сомнително ова очигледно своеволно трошење пари од Орбановата влада на врвна технологија за следење е што се случува во време кога сите други владини трошоци се кратат и се подгреваат социјални немири.

Додека економијата тоне во подлабока криза поради високата инфлација, растот на националниот долг и растечките цени на енергенсите, секој ден станува сѐ поверојатно да дојде до свеж бран од големи протести. Наскоро може да има голем број гневни луѓе што се вредни за идентификација и за следење, па одбивањето да се пополни еден невин формулар за пописот секако нема да ги спаси од новото владино високотехнолошко око што гледа сѐ.

Шаболц Панји, Директ 36