Интервјуа

Јовановски: Државата може да се тужи за секое загадување, не само за воздухот

Разговор со Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи

За првпат кај нас, највисокиот суд минатата недела усвои начелно правно мислење, со кое ја задолжува државата да обезбеди здрава животна средина. Тоа значи дека врвот на судската власт застана зад правата на граѓаните, да живеат во здрава и чиста животна средина.

Со тоа се создаде правен терен, доколку од некое загадување граѓаните трпат штета, да можат да ја тужат државата.

За тоа што конкретно значи оваа одлука на Врховниот суд, разговаравме со Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, граѓанска организација, која со други организации и државни институции, е дел од платформата за еколошка правда.

БИРН: Врховниот суд донесе начелно правно мислење со кое ја задолжи државата да обезбеди чист воздух, вода и здрава животна средина. Што конкретно значи тоа? Дали тоа значи дека секој може да ја тужи државата за загадениот воздух или само оние што имаат последици врз своето здравје?

Тоа значи дека во иднина секој граѓанин што смета дека му е повредено правото на здрава животна средина или има директна или индиректна штета по своето здравје или здравјето на некој близок од семејството предизвикана од загадување на водата, почвата, воздухот или друго, може да покрене судски спор против државата поради тоа што таа не обезбедила заштита. На пример, доколку државата не спречи правни или физички лица да горат материјали со кои се загадува амбиентниот воздух или кои истураат или фрлаат отпад во реки и во езера, со што вршат нивно загадување, или со различен отпад или препарати ја загадуваат почвата на која живеат или ја обработуваат други лица.

БИРН: Што би предвидувала таа постапка, колку би траела и какви се ваквите очекувања и кој би бил крајниот резултат?

Врховниот суд во начелниот став утврди дека граѓаните можат да ја тужат државата во управен спор пред управните судови, Управниот суд и Вишиот управен суд. Постапката за управен спор согласно Законот за управните спорови треба да биде завршена во прв степен, пред Управниот суд во рок од 9 месеци. Во постапката за управен спор, управните судови утврдуваат незаконитост во постапувањето на државата и ја задолжуваат да постапи во согласност со законот. Пред управните судови, граѓаните можат да бараат надомест на штета или доколку управните судови не утврдат надомест на штета, граѓанинот може да бара во граѓанска постапка. 

БИРН: Дали очекувате со ова мислење да се предизвика домино-ефект и државата да почне да ги менува законите и подзаконските акти и да ја поттикне државата да обезбеди поквалитетен воздух?

Начелниот став на Врховниот суд на РСМ е јасен во задолжувањето, односно утврдувањето на позитивната обврска на државата. Во согласност со ваквиот утврден начелен став, државата е должна да донесе национален план за заштита на амбиентниот воздух, кој не е донесен веќе 8 години, во кој ќе бидат предвидени мерки за чист и квалитетен амбиентен воздух. Начелниот став на Врховниот суд претставува основа за остварување на правото на здрава животна средина, не само на амбиентен воздух. Тоа значи дека граѓаните можат да бараат судска заштита доколку сметаат дека има загадување во кој било од сегментите на животната средина.