Истражувањa

Како беше екстрадиран последниот командант на логорот Јасеновац

Во првиот, од двата текста што БИРН ги подготви за Динко Шакиќ, говориме за тоа како, пред 20 години, последниот командант на концентрациониот логор Јасеновац, бил лоциран и екстрадиран од Аргентина.

Свен Милекиќ, Загреб

Седејќи во својот дом, во малиот крајбрежен град Санта Тересита, кој се наоѓа околу 350 километри јужно од Буенос Аирес, стариот хрватски емигрант, на новинарот Хорхе Камарас, гордо му изјави: „Јас сум хрватски патриот, кој што се борел за својот народ. Така почнав. Бев човек од доверба“.

Прилогот на Камарас, емитуван на аргентинскиот телевизиски Канал 13, во април 1998 година, на почетокот изгледаше како разговор за Хрватска како фудбалски противник на Аргентина, на претстојното светско првенство во Франција истата година.

Сепак, Камарас, набрзо ја смени темата на интервјуто.

„Сте биле во Јасеновац?“, праша новинарот, а старецот прво се однесуваше како да не го слушнал прашањето. Одговори потврдно дури кога прашањето повторно му беше поставено.

„Бевте командантот на логорот, на крајот?“, праша новинарот.

„Не, јас бев директор, а не командант, само 100 дена. Видете, кога бев (надлежен), ниту еден стражар или лице од управата, не смееше да допре затвореник, без разлика дали се работеше за Евреин или за некој друг“, одговори старецот.

Извештајот на Камарас за аргентинската телевизија откри дека 76-годишниот емигрант, Динко Шакиќ, всушност, е поранешен командант на концентрациониот логор Јасеновац, кој во Втората светска војна го водеше хрватското фашистичко усташко движење.

Шакиќ, во усташка униформа во 1943 година и со својата сопруга Нада, пред нивната куќа во Загреб, на Велигден, 1945. Фoтo: БИРН/Свен Милекиќ

Усташите, кои владееја со профашистичката марионетска Независна Држава Хрватска (НДХ), донесоа расистички закони и вршеа прогон на Србите, Евреите, Ромите и антифашистите. Само во логорот Јасеновац, во кој немаше постојани гасни комори, усташите убија повеќе од 83.000 луѓе.

Според центарот „Симон Визентал“, кој е познат како „ловец“ на нацистите и на нивните соработници низ целиот свет, Шакиќ беше последниот жив командант на логор од Втората светска војна.

Тој живееше во Аргентина повеќе од 50 години, кога во 1998 година, за прв пат, го сврте вниманието на меѓународните медиуми.

Имено, кога Камарас за прв пат го лоцирал Шакиќ, тој го контактирал центарот „Симон Визентал“, со кого заедно го подготвиле извештајот. Неколку месеци претходно, Камарас ги прочитал сведоштвата на преживеаните од логорот Јасеновац и се запознал со оваа тема.

Шакиќ брзо стана главна приказна во аргентинските и во меѓународните медиуми, а центарот „Симон Визентал“ го притискаше Буенос Аирес да го уапси.

Но, стариот Хрват исчезна на неколку дена. Новинарите шпекулираа дека можеби се крие во соседен Парагвај. Некои хрватски новинари дури и отпатуваа во Аргентина, во обид да го најдат и да разговараат со него.

Хрватите подвоени во врска со случајот против Шакиќ

Ловецот на нацисти, Ефраим Зуров, сметаше дека на Хрватска и е потребна „лекцијата од Јасеновац“. Фото: EПA/Јорг Кастерсен.

Дури и пред апсењето на Шакиќ, се поставуваше прашањето, дали нему треба да му се суди пред суд во Хрватска или во Југославија, во чиј состав во тоа време беа само Србија и Црна Гора.

Многумина во Хрватска, на барањето на Белград за негова екстрадиција, гледаа како на антихрватска провокација, поврзана со војната што заврши само три години претходно.

Ефраим Зуроф, директор на центарот „Симон Визентал“ во Виена, објаснува дека на крајот се залагал за екстрадиција на Шакиќ во Загреб, бидејќи во тоа време на Хрватска ѝ требала „лекцијата на Јасеновац“, повеќе отколку на Србија.

„Исто така, во Хрватска, ние (центарот „Симон Визентал“) имавме одредено влијание, а Израел, во тоа време, немаше целосно воспоставени дипломатски односи со Хрватска“, вели Зуроф за БИРН.

„Хрватска немаше друг избор освен да му суди. Хрватска сакаше да влезе во ЕУ и во НАТО, така што тие не можеа да си дозволат, командант на некое место како што е Јасеновац, да се движи слободно“, додава тој.

Дури и хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман, го уверуваше Израел дека сака на Шакиќ да му се суди во Хрватска, а Загреб и официјално побара негова екстрадиција, врз основа на обвиненијата за воени злосторства.

По официјалното барање на Хрватска, Шакиќ престана да се крие и полицијата го уапси во неговата куќа. Додека влегуваше во полицискиот автомобил, со насмевка на лицето, локалните жители му довикуваа: „Убиец“.

Додека траеше процесот на екстрадиција, хрватските политичари изразија поделени ставови во врска со неговиот случај.

Вице Вукојевиќ, висок претставник на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и претседател на Комисијата за утврдување на воените и повоените жртвите од Втората светска војна на хрватскиот парламент, изјави дека случајот е резултат на „меѓународен притисок врз Хрватска“, кој „отишол предалеку“. 

Насловната страница на списанието „Магазин“, на која се најавува екслузивното интервју со Шакиќ и првата страница од интервјуто. Фото: БИРН/Свен Милекиќ

„Преку случај против еден човек, чија вина допрва треба да се докаже, се лансира цела серија обвиненија против земјата. Јас сум за гонење на сите потенцијални воени злосторници. Но, дали знаете барем еден учесник во Втората светска војна, кој бил на страната на сојузниците, а кој подоцна бил обвинет за воени злосторства?“, праша Вукојевиќ.

Според истражувањето со кое беа опфатени 300 лица, а кое во тоа време го спроведе хрватскиот весник „Вечерњи лист“, 43 отсто од испитаниците беа за екстрадицијата на Шакиќ, додека 23 отсто беа против. Другите не го дадоа своето мислење. Речиси 60 отсто сметаа дека случајот на Шакиќ е резултат на меѓународниот притисок врз Хрватска, додека само 8,3 отсто сметаат дека не е.

Многумина во Хрватска, тогаш веруваа оти целта на овој случај е оваа земја да се прикаже како „профашистичка“, и покрај јакото антифашистичко движење што постоеше во Втората светска војна – иако во деведесеттите години голем број на антифашистички споменици во Хрватска беа или оштетени, или уништени, или тргнати.

Екстрадицијата се приближува, а антиципацијата расте

Шакиќ, по екстрадицијата, на 18 јуни 1998 слета на аеродромот во Загреб. Фото: ЕПА/Aнтонио Бат

Хрватските медиуми со денови шпекулираа за точниот датум на кој Шакиќ ќе биде екстрадиран. Аргентина објави дека Хрватска има време да го преземе од Буенос Аирес, до 27 јуни.

Борис Влашиќ, во тоа време беше новинар на „Јутарњи лист“, кој замина во Буенос Аирес за да известува за екстрадицијата на Шакиќ.

Откако задоцнил на својот закажан лет за Аргентина, тој морал да купи нов билет. При тоа, случајно го видел датумот, за кој хрватското Министерство за внатрешни работи купило три билети од Буенос Аирес за Загреб – за Шакиќ и за двајца полицајци во негова придружба. Влашиќ тогаш купил билет за истиот авионски лет.

„Колегите од редакцијата во Загреб со денови ми пренесуваа информации од свои извори, дека тој ќе биде екстрадиран на тој и тој датум, или некој друг ден, и ми велеа да бидам подготвен да реагирам. А јас го знаев точниот датум на неговото доаѓање, па бев мирен“, раскажува Влашиќ за БИРН.

Медиумите на 17 јуни објавија дека хрватската полиција ќе го придружува Шакиќ на летот што од Аргентина, преку Германија, ќе пристигне во Загреб.

За време на летот, Влашиќ му пришол на Шакиќ и го прашал како се чувствува, бидејќи се враќа во Хрватска.

„Шакиќ, веќе стар човек, рече нешто како: ’Јас сум среќен бидејќи се враќам во својата татковина’“, раскажува Влашиќ.

„Старецот, со лошо обоена коса, кој со ланци го носеа во друга земја, за да му се суди за воени злосторства, вели вакво нешто. Мислам дека имаше поинаква перцепција за тоа каде оди“, додава тој.

Пред точно 20 години, на 18 јуни, 1998 година, Шакиќ слета на аеродромот во Загреб, за да се соочи со судење за злосторствата што ги изврши пред повеќе од 40 години.

Покрај присуството на голем број полицајци, судски службеници, на неговиот брат Томислав и адвокатот Иван Керн, речиси никој друг не го пречека на аеродромот – само двајца негови симпатизери, од кои едниот држеше транспарент на кој пишуваше: „Динко Шакиќ, добредојде во татковината“.