Истражувањa

Како „Космос“ стана црна дупка

Специјалното јавно обвинителство денеска го отвори случајот „Космос“ под работен наслов „ТНТ“

Како да паднал метеор, така изгледа плацот каде властите го урнаа објектот „Космос“. Огромната дупка зјае во близина на Универзитетот ФОН, а преку Вардар, во соседството се новата сала „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“.

Не ја урнале само карабината од неколку ката, туку ги кршеле и темелите, а во јамата на неколку места наѕира дебелата бетонска плоча. Само високите кранови илустрираат до каде Цаноски стигнал со градење пред 1. август 2011 година, кога паднала наредбата објектот да биде срамнет со земја.

Требаше да никнат две згради со вкупно 1.000 станови, инвестиција која ќе чинеше околу 60 милиони евра.

Вратата од работничката барака е блокирана со превртена мешалка за малтер, а до неа е паркиран болдожер, кој изгледа дека одамна завршил со уривање. Насекаде има песок, купишта цигли, цевки, штици и градежен шут со ‘рѓосани железа. Расипана чешма ја нарушува гробната тишина.

Покрај калливиот пристапен пат веќе се појавила депонија полна со остатоци од храна, амбажали од пијалаци, искината облека, весници и со животински измет, а токму од тоа место, од ѓубриштето во далечината се гледаат трите убавици на „Џеваир холдиг“.

Зградата жртва на постизборниот реваншизам

Газда на „Космос“ е бизнисменот и поранешен пратеник, Фијат Цаноски. Тој се појави во политиката на изборите во 2006 година како лидер на Партијата за европска иднина (ПЕИ) со агенда да ги застапува Македонците муслимани.

Со околу 11.000 гласови влезе во Парламентот и веднаш му се придружи на Никола Груевски во новата власт. Со ВМРО-ДПМНЕ остана до 2011, кога пред изборите премина во опозиција, зашто власта во пресметката со А1 телевизија го упаси Велија Рамковски со кого Цаноски е во сватовска врска, ќерката на Рамковски е сопруга на неговиот син.

Од овој момент почнуваат посетите на градежните инспектори и неволјите за „Космос“.

Мотивите за уривањето на објектот може да се бараат и во тајмингот на акцијата, неколку месеци по изборниот триумф на ВМРО-ДПМНЕ во 2011. На овој случај му претходеа апсењето на Љубе Бошкоски и конечното затворање на А1, откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во сабота, на 30 јуни 2011 ѝ ја одзеде фреквенцијата на телевизијата во дискутабилна законска постапка.

Два дена подоцна со голема полициска поддршка се минираше „Космос“, додека истиот месец партијата на Груевски ја презеде контролата на тогашниот Совет за радиодифузија, денешна Агенција за медиуми. Интервенираше во законот и со новиот состав ја укина А2 телевизија.

СЈО во своите наоди укажува дека главниот мотив за уривање на „Космос“ била политичката одмазда. На таков заклучок наведуваат и прислушуваните разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески, кои лани ги објави опозицијата. На денот на минирањето експремиерот се интересирал дали доволно е оштетен објектот, за Цаноски да не може да продолжи со градење.

„Аааа, значи ништо немаме. Одозгора надолу. Многу ситна штета е тоа“, коментира Груевски на првиот рапорт од терен.

Сепак, останаа дилемите дали властите имале аргументи в рака за да ја урнат карабината и дали ја почитувале процедурата брзајќи да ја спроведат партиската вендета. Доколку, пак, инвеститорот навистина отстапил од планот за градба, треба да се постави прашањето дали казната што ја добил, уривање на објектот е несразмерно поголема од прекршокот што го направил.

Фамозната нулта точкаОбвинителката Фатиме Фетаи денеска објасни дека преку спрегата Влада – Општина Гази Баба, експремиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески го поттикнале градоначалникот Тони Трајковски да најде начин да го урне „Космос“ и со тоа ја злоупотребиле функцијата.

Фетаи твдри дека Трајковски го прифатил налогот и ја повикал провоосомничената, градежен инспектор во Гази Баба, таа да го подготви теренот за уривањето. Инспекторката се согласила и, според обвинителката, незаконски ја измерила височината на градбата.

Направила записник во кој напишала дека објектот е повисок за 1,43 метри од предвиденото и донела решение за остранување на објектот, меѓутоа вештачењето на Архитектонскиот факултет покажало дека првоосомничената дејствувала незаконски.

Незаконски и тендерот за уривање

Обвинителката Фатиме Фетаи објасни дека динамиката на уривање не одела брзо како што замислиле Груевски и Јанакиески и затоа повторно дале налог или го поттикнале градоначалникот Трајковски во најкраток можен рок да го сруши објектот „Космос“ со експлозив.
„Не се водело сметка дека временски е невозможно во тој период да се спроведе законска јавна набавка за рушење со експлозив. Тој дел од законот, едноставно не ги интересирал, па градоначалникот постапил незаконски и причинил штета на општината од речиси 3 милиони денари, меѓутоа поради аболицијата тој не е опфатен во истрагата“, изјави Фетаи
Линк до договорот

За прв пат власта и Цаноски ги судрија токму овие аргументи околу „Космос“ во Собранието, на надзорната комисија во октомври 2011, која за разлика од неодамнешната комисија за прислушувањето, беше продуктивна и отвори неколку аспекти околу случајот.

Клучниот аргумент за уривање на објектот е нултата точка од која инвеститорот почнал да го гради „Космос“. Градоначалникот Трајковски во неодамнешното интервју за ТВ Нова на Сеад Кочан тврди дека Цаноски сакал да направи два наместо предвидените три ката во подземната гаража и затоа почнал да го гради објектот од точка која е повисока за 1,43 метри од предвиденото.

„Самиот инвеститор пред и за време на градбата, секаде каде даваше интервју и на официјалните страни за продажба на становите, објавуваше дека гради објект со два ката подземен паркинг и катна гаража во близина. За објектот не беа одобрени два, туку три ката под земја и немаше предвидено катна гаража“, тврдеше првиот човек на Гази Баба.

Сакавме да го прашаме Трајковски зошто веднаш не реагирал, бидејќи знаел оти Цаноски ќе гради еден кат помалку под земја и дали можеби го толерирал бидејќи во тој момент инвеститорот на „Космос“ сè уште бил дел од политичкото семејство на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа Трајковски не прифати да разговара со БИРН на оваа тема.

Цаноски секогаш реплицирал дека недоразбирањето се случило зашто нултата точка на „Космос“ ја пресметал во однос на најблиската сообраќајница, бидејќи улицата на која излегува објектот сѐ уште не е изградена и оти во ваков случај токму така предвидувал законот.

На собраниската комисија, меѓутоа и во подоцнежните изјави, Фијат Цаноски тврдеше дека „Космос“, како градба од втора категорија, е урнат по наодите на ненадлежниот општински инспектор, Елисавета Најдовска, односно дека за неговата судбина требало да одлучува кадарот од Државниот градежен инспекторатот.

Дилемата остана и откако тогашниот директор на Државниот градежен инспекторат, Сашо Дукоски за време на надзорната комисија го избегна одговорот на прашањето дали инспекторката Најдовска била надлежна и ги упати пратениците на автентично толкување на Законот за градење во Собранието.

Тогаш инспекторката Најдовска прилично збунета, не можеше да одговори за која категорија на градби е овластена да врши надзор и да изготвува записници.

Градоначалникот Тони Трајковски

Градоначалникот Тони Трајковски

И на крај, веројатно најважно е дали во случајот „Космос“ властите посегнале веднаш по најтешката санкција за инвеститорот, нормално ако условно поверуваме во верзијата дека Цаноски градел надвор од планот.
Професорот од Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев, во своето стручно мислење изготвено по барање на Цаноски, вели дека во законот уривањето е предвидено како крајна мерка, откако претходно ќе се стопира градењето и ќе се даде рок тоа да се усогласи со проектот, фази коишто, според наодите на професрот, биле прескокнати во случајот со „Космос“.

„Според духот и словото на Законот за градење, членот 134 е предвиден како крајна мерка, по преземањето на мерки од членот 133 или за големи неправилности во градењето со кои се нарушени основните барања на градбата за механичка отпорност . Членот 134 не може да се употребува како прва мерка по воочените отстапувања од градбата“, напишал Грчев во стручното мислење.

Кумска врска

Има и друг агол на приказната, а тоа е дека станбениот комплекс се издигнал пред бизнис интересите на градежни фирми блиски до Јанакиески, меѓутоа овие наводи се на ниво на претпоставка и на обвинување од инвеститорот на „Космос“, Фијат Цаноски.

„Им навлегов во бизнис-интересите на фирмите блиски до власта бидејќи во „Космос“ се продаваше квадрат по 800 евра, а овие компании веќе имаат купено земјиште во близината и тешко дека можеа да ја постигнат оваа цена. Директен конкурент сум им, зашто имам сопствена градежна фирма со која можам да изведувам поевтини станови“, објасни Цаноски за време на надзорната комисија при крајот на 2011.

Jani i Mile dijalogИзвадок од собраниска расправа за „Космос“

Јани Макрадули веднаш потоа во Собранието го праша Јанакиески дали е точно дека на 300 метри од урнатиот „Космос“, станбен комплекс треба да гради фирмата „Искра ММ“, каде како сопственик се јавува неговиот кумашин, Дејан Панделески.

Јанакиески тогаш не беше информиран, меѓутоа неколку дена откако ја срушија карабината на Цаноски во весниците се појави информација дека токму „Искра ММ“ ќе гради луксузен станбен комплекс на местото на некогашната фабрика за автобуси ФАС “11 Октомври”.

При крајот на 2011 официјалните податоци покажуваа дека „Искра ММ“ има тројца газди: бизнисменот Цветан Панделески, инаку татко на Дејан – кумашинот на Јанакиески, скопската фирма со швајцарски капитал „Ексико“ и компанија од Белизе.

Пет години подоцна на местото на фабриката ФАС „11 Октомври“ сѐ уште нема објект, а тогашниот и сегашен градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски не одговори на прашањето на БИРН до каде е реализацијата на проектов.

Фирмата „Искра ММ“ сѐ уште постои под името „Комплекс Александрија“, меѓутоа од сопственичката структура излегоа и „Ексико“ и фирмата од Белизе, а сега еден од газдите е ЗК „Пелагонија“, во чија сопственичка структура повторно се наоѓа семејството Панделески.

Кумашинот на Јанакиески, Дејан Панделески, со друга компанија е инвеститор на станбени објекти во Скопје, а неговиот глас се појави и во „бомбите“ на СДСМ, каде според опозицијата, тој бара прилепскиот градоначалник Марјан Ристески да им се одмазди на угостителите во Прилеп, кои биле против Ристески на последните локални избори.