Советот за одбрана на човековите права и слободи, од општина Јужна Митровица и Академијата на науките и уметностите на Косово, дадоа податоци за шест убиени невини граѓани, сите од албанска националност.
Сепак, домашните и меѓународните весници од тоа време и извештаите од меѓународните невладини организации, дадоа сосема различни податоци, затоа што некои од повредените во масакрот подоцна починаа во болниците во Митровица и во Белград.
Сепак, во скоро секој тогашен текст во весниците, беше објавено дека едно петгодишно дете, чиј пол и националност не се споменуваa, е меѓу убиените во масакрот. Фотографијата направена од фоторепортерот на весникот „Њујорк Тајмс“, Тајлер Хикс, го документираше фактот дека во масакрот на Зелениот пазар загинало и едно дете.
Врз основа на податоците на Фондот за хуманитарно право (ФХП), можеме да го утврдиме идентитетот, полот и националноста на детето: нејзиното име било Елизабета Хасани, девојче од ромска националност, родена на 11.05.1994 година во Италија, од родителите Иса и Нада Хасани.
Врз основа на ова, следува дека вкупно седум невини жртви биле убиени во масакрот на Зелениот пазар. Но, споменикот во центарот на градот, подигнат од општина Митровица, во март годинава, содржи само имиња на шест убиени Албанци. Името на Елизабета Хасани не е наведено на спомен-плочата.
Откако го открив ова на 2 август 2020 година, без да сум свесен дека овој датум е и Ден на сеќавање на ромскиот холокаустот, објавив коментар на Фејсбук.
Новинари, аналитичари, општествени и политички активисти, научници и многу огорчени граѓани, реагираа на објавата, како и активистите и граѓанските организации од Митровица. Сите тие имаа исто барање: на сите жртви на војната да им се оддаде почит без дискриминација и името на Елизабета Хасани, што е можно поскоро, да биде впишано на спомен-плочата веднаш до имињата на другите жртви.
На крајот, реагираше и Фарук Муја, заменик градоначалник на Митровица. Сепак, наместо да им вети на жителите на Митровица и на Косово дека општината веднаш ќе го врежи и името на Елизабета Хасани на спомен-плочата, тој одржа предавање за тоа како треба да се однесуваат граѓаните на Косово со општинските власти.
Муја истакна дека ако ние како граѓани имаме приговори кон локалната самоуправа, тие забелешки треба да ги презентираме пред општинските власти, а не да ги презентираме јавно, затоа што со тоа постапуваме егоцентрично и бараме слава.
За среќа, подоцна пристигна одговор од општина Митровица во кој општината ветува дека „оваа грешка – која не е направена намерно и за која општината не е виновна – ќе биде исправена без никакво двоумење“. Сепак, иако таа даде ветување, општината ја опиша реакцијата на граѓанското општество, како напад врз неа.
Општина Митровица треба да престане да му се обраќа на гласникот и да се фокусира на пораката. Исто така, се надевам дека до крајот на оваа недела, таа ќе ја исполни својата јавна определба и ќе ја смени спомен-плочата. Во спротивно, вредните активисти на граѓанското општество ќе продолжат да потсетуваат на тоа. Јавно.
Комеморациите за жртвите од војната во Косово, мора да бидат добро истражени и инклузивни. Доколку е потребна инспирација, треба да се следи пристапот на Сараево, каде се поставени спомен-плочи за одбележување на масакрите во улицата Ферхадија и пазарот Маркале, во знак на сеќавање на жртвите од бошњачка, српска и хрватска националност. Никој не е изоставен.