Во четирите месеци откако Зоран Заев беше избран за премиер на Македонија од коалицијата предводена од неговиот Социјалдемократски сојуз, СДСМ, ветровите на промените ја зафатија државата.
Исчезнат е стравот и заплашувањата од претходниот режим воден од Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, кој ставаше железна стега врз институциите на државата и општеството во последните 11 години.
Контрастот на ситуацијата пред промената на власта е остар. Разликата во атмосферата може да се забележи само со една прошетка низ главниот град, Скопје. Луѓето зборуваат слободно, без да се вртат да проверат кој ги слуша.
Новата влада ги отвори вратите на власта што досега беа цврсто затворени и обвиени со таинственост. Таа започна отворен дијалог со невладините организации и медиумите и промовираше инклузивен транспарентен пристап до власта.
Заменет беше јазикот на конфронтации и навреди употребувани од претходниот режим со речник на толеранција и почит.
Како што новата Влада на Зоран Заев прави почетни чекори кон отвореност и транспарентност, време е Европа и НАТО да реагираат со поддршка и охрабрување
За првпат беа отворени затворите за посета на новинари, а следуваше и посета на затворот од страна на премиерот, кој сакаше лично да ги види условите во Идризово – услови кои Советот на Европа постојано ги критикуваше.
Во првите недели, Владата усвои амбициозна програма за реформи.
Таа се обврза на целосно имплементирање на препораките што се содржат во извештаите на независната експертска група, на системски работи поврзани со владеењето на правото, т.н. Извештај на Прибе, кој последен пат беше презентиран минатиот месец.
Тоа е втор извештај од ваков тип, откако претходната Влада не успеа да ги имплементира повеќето од препораките кои беа содржани во првиот извештај.
Но, предизвиците пред кои стои новата власт се бескрајни, а истовремено очекувањата на луѓето се подеднакво големи.
Штетното наследство на Груевски и неговите колеги од кои голем дел сè уште се пратеници, оставија отворени рани за кои ќе треба долго време за да заздрават. Довербата во државните институции, особено во судството е пониска од кога и да е од независноста пред 25 години.
Етничките поделби поради националистичкиот популизам на ВМРО-ДПМНЕ ја продлабочија недовербата меѓу етничките зедници.
Граѓанските организации што беа изложени на една срамна кампања на заплашување промовирана од претходниот режим, кој им праќаше тимови на даночни инспектори и финансиска полиција во нивните канцеларии неколку месеци пред смената на власта, се уште чекаат судска разрешница и завршување на истрагите.
Се чини дека приоритет на Владата е да обезбеди правичен процес за многуте случаи на криминални активности, злоупотребата на моќта и корупцијата направена од претходниот режим и да го расветли скандалот со прислушувањето.
Сепак, иако беа започнати многу истраги за криминал против Груевски и други лица на високи позиции, никој не е осуден.
Ова се случува и прокрај големите напори на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), основано во 2015 година за да ги истражува ваквите случаи.
Истото се однесува и на инволвираните во насилните напади на пратениците од опозицијата, меѓу кои и Заев, во Собранието на 27 април, и покрај постоењето на снимките кои ги идентификуваат сите инволвирани, вклучително и пратениците кои ги отворија вратите на Собранието и ги пуштија напаѓачите.
Мантрата на „Шарената револуција“ која минатата година маршираше низ земјава гласеше „Нема правда, нема мир“. Доколку не се успее да се обезбеди правичен процес тоа дополнително ќе ja намали довербата на луѓето во функционирањето на независното судство и ќе го зголеми нивното нетрпение да ги видат зад решетки оние што се одговорни за инцидентите од минатото.
Најголемата пречка за да се оствари ова е високо политизираното судство, трауматизирано од политички притисоци на кое беше изложено од страна на минатиот режим.
Да го цитираме погоре споменатиот Извештај на Прибе, објавен минатиот месец: „Контролата и злоупотребата на правосудниот систем од страна на мал број судии на моќни позиции да служат и да промовираат политички интереси сè уште во значителна мерка не е исчезната.“
Соочени со оваа ситуација, прашање е дали самото судство ќе преземе неопходни реформи и ќе се однесува како независна институција во функционална демоктратија базирана на владеење на правото. Извештајот на Прибе, за жал, не нуди одговор на тоа важно прашање.
Во атмосфера на партизирана политика која доминираше за време на претходниот режим, нема гаранции дека тие судии кои се однесуваа како агенти на ВМРО ДПМНЕ ќе се променат и дека ќе се однесуваат како што независните судии и треба да се однесуваат.
Како што претстојното назначување на нов Јавен обвинител треба да го замени претходниот кој е дискредитиран, новата Влада со своите постапки ќе треба покаже дека заробувањето на судството и другите државни институции од претходниот режим било преседан што нема да се повтори.
Засега, граѓаните на Македонија колективно можат да здивнат со олеснување дека кошмарот на претходните години конечно заврши. Потребен е голем напор за да се осигура дека тој нема да се врати
Како и да е, потребата правдата да биде задоволена ќе остане. Развлечени истраги и постојани одбивања од судовите да излезат во пресрет на барањата на СЈО за мерки за претпазливост за најсериозните наводни сторители ќе ја поткопа довербата на јавноста во нив.
Демонстрирањето на потполна поддршка на СЈО и востанувањето на специјално одделение во Кривичниот суд за процесирање на сите случаи презентирани од Специјалното обвинителство може да помогне процесот да се забрза.
Уште поитен предизвик со кој се соочува Владата ќе биде да се обезбеди дека локалните избори на 15 октомври и вториот круг на 29 октомври, ќе се одвиваат без нерегуларностите кои беа карактеристика на изборните циклуси под претходниот режим. Тоа воедно ќе биде прилика Владата да ја зголеми поддршката меѓу гласачите.
Успешен резултат за СДСМ ќе го зголеми капацитетот на Владата да продоли со реформи, на локално ниво, како и да осигура поеднаква распределба на ресурсите ширум зејата и да ја смени насоката на процесот на централизирана контрола практикуван од Груевски и неговата партија.
Владата нема многу маневарски простор во Собранието. Се потпира на поддршката на само 62 од 120 пратеници. Тоа не е ни одблизу доволно да се осигура двотретинско мнозинство, потребно за многуте правни мерки што е потребно да се донесат.
Консензуалната политика, која треба да овозможи земјата да ги разреши предизвиците на надворешната политика, не само во однос на спорот за името со Грција, останува невозможна се додека ВМРО-ДПМНЕ не го отстрани Груевски од лидерската позиција и не се реформира како партија.
Денес, Груевски и неговата партија остануваат најголемите препреки за враќање на нормалноста и владеењето на правото во Македонија.
Во текот на наредните месеци, доколку новата Влада продолжи со позитивните реформи, ЕУ ќе треба да овозможи политичко охрабрување, не подоцна од Состанокот на Советот на Европа во декември.
Ова треба да биде придружено со обновување на препораката за отворање на преговорите за членство во ЕУ, без условите кои беа поставени пред две години како последица на политичката криза.
Доколку се убеди Грција да ја прифати добрата волја што ја демонстрира Македонија по изборот на Заев за премиер и реципрочно да одговори, догодина може да се очекува долгоочекуваното членство во НАТО, како и отворање на преговори за членство во ЕУ.
Ова ќе овозможи огромно зголемување на довербата во регионот и ќе го задржи „балканскиот дух“ од минатото на дистанца.
Засега, граѓаните на Македонија колективно можат да здивнат со олеснување дека кошмарот на претходните години конечно заврши. Потребен е голем напор за да се осигура дека тој нема да се врати.