За почеток, што би се рекло, една анегдота од животот. Требаше размерно бргу да ми биде доставена една книга од Охрид. И додека се договаравме со пријателите од Охрид на кој начин ќе ми биде испорачана книгата, се сетив да му се јавам на еден овдешен познаник, инаку вработен во едно од скопските основни училишта, кој веднаш ми излезе во пресрет.
Одел тоа попладне за Охрид и истата вечер се враќал, така што книгата ја имав кај мене веќе следниот ден. Со оглед на неговото работно место, се разбира дека знаев дека ќе оди во Охрид. Тој ден, имено почнуваше изборната кампања и ВМРО-ДПМНЕ го имаше својот стартен предизборен митинг токму во Охрид. Следниот ден, кога ја добив книгата, разбрав дека половина од работниот колектив на основното училиште на познаникот биле на митингот. „Другата половина остана. Мораше некој да ги чува децата“, вели човекот што ми ја донесе книгата.
Ова е само мала илустрација за (зло)употребата на државните службеници во партиски цели. Мала, ама сепак важна, затоа што не станува тука збор само за уцена со работно место или некаков поинаков клиентелизам, туку за злоупотреба на работното и на слободното време. Во случајов на прибирање на вработени од основното образование (заедно со наставничкиот кадар) по автобуси за да шетаат по Македонија на партиски митинзи, може слободно да се каже дека станува збор и за злоупотреба на децата во партиски и предизборни цели, кои наместо да учат, одат на училиште за да бидат чувани, како што вели мојот доставувач на книги.
Погибијата на Асановски, всушност е еклатантен пример на болеста на општеството во кое живееме, каде што ниту поединецот, ниту колективот не се важни, туку исклучиво само личните и партиските интереси, кои потоа се проектираат како државни и национални
Па, барем да им дадеа распуст додека трае кампањата. И онака градот е презагаден, а поради предизборната кампања нема кој да води сметка за тоа. Сепак, не мора на сѐ да се гледа така црно. Ако педагозите и наставниците ги оставаат децата за партиски митинзи, тогаш можам да замислам на што и на какви вредности ги учат кога се на училиште. Од овој аспект може слободно да се заклучи дека е можеби подобро во текот на целата учебна година да има митинзи, а децата да добиваат домашно образование. Од институционалното и така нема некое фајде.
Но, се разбира, не се само образованието и загадувањето жртви на „вишите партиски цели“, жртви се и човечките животи. За среќа, мојот познаник на патот за Охрид не ја доживеа трагичната судбина на Седад Асановски, човекот што беше прегазен на превојот Стража, на патот за Охрид, односно токму на митингот на ВМРО-ДПМНЕ. И оставен да лежи на патот. За да не задоцни автобусот на митингот.
Погибијата на Асановски, всушност е еклатантен пример на болеста на општеството во кое живееме. Макјавелистичката желба на власта за власт, при што, нели, не се бираат средства, само ја покажува матрицата на владеењето само за себе, каде што ниту поединецот, ниту колективот не се важни, туку исклучиво само личните и партиските интереси, кои потоа се проектираат како државни и национални. Зашто, ако беше поинаку, ќе се покажеше барем малку емпатија за настраданиот симпатизер на партијата. Ако веќе не се отиде кај семејството да се изрази сочуство и да се понуди барем некаква утеха, тогаш барем да се излезеше во јавноста со некое соопштение.
Ако веќе не се излезе со соопштение, тогаш барем на некој од бројните митинзи да се оддадеше почит со минута молчење. Ама, ништо од тоа.
Поважно е да се нацрта австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во првиот ред на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, отколку било чии човеков живот или било чие образование или било какво загадување. Општество без емпатија и солидарност не е општество или барем не може да се нарече цивилизирано. Ако некој сѐ уште мисли да живее по законите на неандерталските заедници, нека му е со среќа. Јас секако не мислам и нема да се согласам остатокот од животот да го поминам така.
Партискиот штаб решил дека е подобро е да го урани митингот со Курц, отколку да го одржи во ударното време, кога би останале без Курц
Кога сме веќе кај централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град на Републиката, злобниците велат дека неговото одржување цели две недели пред изборите, што секако се противи на сите вообичаени практики, па и правила на политичкиот маркетинг, се должи токму на Себастијан Курц и неговиот пренатрупан распоред.
Наводно, не можел да дојде во ударните денови пред изборите, па партискиот штаб решил дека е подобро е да го урани митингот со Курц, отколку да го одржи во ударното време, кога би останале без Курц. Други, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ пресметале дека Скопје е и онака изгубено, па не им било битно кога ќе се одржи централниот митинг. Како што тоа обично се случува, се чини дека вистината е и во двете образложенија.
И кога сме веќе кај митингот на владејачката партија, забележавте ли мала промена во политичката стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Сега не само што се потпираат на странскиот фактор, туку некако и ги менуваат меѓународните пријатели, па така Антонио Милошоски во својот говор меѓу пријателите на партијата ќе го вброи и новиот американски претседател Доналд Трамп.
Што им е тогаш Хилари Клинтон, со оглед на фактот дека лидерот на партијата Никола Груевски не се штедеше ни себеси ни средства за да се фотографира со неа, а министерот за одбрана и висок партиски функционер Зоран Јолевски беше на номинацијата на Клинтонка за американски претседателски кандидат? Од каде сега Трамп им излезе пријател? Затоа што дадилката му била Србинка?
Во меѓувреме, додека ние се занимаваме со важни партиски теми, Републичкиот завод за статистика излезе со податок дека во последното (третото) тромесечје во Македонија починале 90 доенчиња.
Аирлија избори, што би рекол поранешниот премиер Никола Груевски.