Малтешки ред

 

Тешко е да молчиш, кога немаш што да кажеш

Малколм Марголин

 

Во согласност со наведениов цитат, се одвива расправата во парламентот што некои лажно-амбициозно сакаат да ја претстават како дебата. Но, во демократијата не е забрането бладањето да се нарече дебата, ниту да се практикува „филибастер“ или да се тегне времето како морнарско јаже, особено ако Деловникот дава таква можност. Дали некој ќе стави крај на таквата практика, зависи исклучиво од чувството на одговорност, на оние чија логореја сега го има окупирано законодавниот дом.

Анализа на угледен светски психијатар посветена на вакви и слични состојби, уверува дека ова е ситуација која бара да биде изгустирана до крај. Во превод,  логорејата која деновиве доживува романтизам во парламентот, без оглед колку се рефлектира како агресивно-вербално малтретирање на присутните и гледачите на ТВ-преносот, или како евтина промоција на долги јазици и кратка памет, треба да го доживее својот максимум.

„Народски“ кажано, ова е класичен симптом на луѓе во „терминална фаза“, онаа пред заминување, во случајов не физичко туку политичко, општествено, статусно… Во здравството, идентично е на ситуации кога болен од рак на кожата, на пример, ќе побара за последен пат да биде изнесен на јако сонце и бара да остане таму до крај. Или кога заболен од рак на белите дробови ќе посака да му ја донесат последната кутија цигари.

Логорејата која деновиве доживува романтизам во парламентот, без оглед колку се рефлектира како агресивно-вербално малтретирање на присутните и гледачите на ТВ-преносот, или како евтина промоција на долги јазици и кратка памет, треба да го доживее својот максимум

Во политичка смисла, тоа е состојба на неодолива потреба да се изгустира позицијата до последен здив, кога пред да се предаде службениот автомобил на наследникот, се бара од возачот да сврти уште некој круг или во поголем лак да вози до крајната дестинација. Држење на „уздите“ до крај, обид за густирање на стекнатата навика или привилегија до последен политички здив и промовирање доминација во надеж дека нешто сепак може да се смени, се смета за природен порив на оние што се свесни дека се пред голема загуба.

Експертите советуваат дека тоа треба да им се овозможи, бидејќи им го олеснува заминувањето и ним, но и на околината која го сведочи тоа. На засегнатите им дава впечаток дека макар и пред крајот, сториле сѐ „последното да биде по нивна желба“ и дека успеале да му обезбедат некаква поголема, речиси тестаментска, смисла на тој чин.

Знам дека парламентот не е полигон за лечење суети, но едно е јасно: по 11 години апсолутна власт, апсолутно е тешко да се прифати да се биде опозиција, и веројатно ова ќе мора да го третираме како тешка психолошка состојба. Точно е дека овие јалови дебати дневно јадат и над 20.000 евра, но демократијата е скапа работа – и тогаш кога власта опструира, и тогаш кога опозицијата бојкотира.

Фактурата секако ја плаќаме сите од буџетот. Но, многу повеќе чини онаа друга фактура, која стигнува подоцна, а нејзините ставки се испишуваат секој ден. Ја испишуваат оние на кои поради оваа ситуација им доцнат субвенциите, ја испишуваат болните од рак за кои нема лекови, но и оние кои го очекуваат почетокот на голем број проекти што се во надлежност на политичка, а не на техничка влада.  

Разбирливо, тие немаат трпение да гледаат како времето им го крадат протагонисти со квазипатриотски приказни, кои на знак на партиска труба тргнуваат во одбрана на државата нападната единствено од стравот на нивните ментори во заминување. Кај други нема разбирање за растечкото запаѓање во хушкачка реторика и изолација, кои сѐ повеќе стануваат арбитрарен знак дека со отпор кон инклузивноста и со затвореност кон светот, се бранат сопствениот и државниот идентитет.

Оние кои го пролонгираат политичкото заминување, непромислено инвестираат во најлошата можна препорака за себе во иднина: од сејачи на меѓуетничка и интраетничка омраза, до партнер кој  во иднина тешко ќе ја најде својата коалициска половина

Сето тоа води кон можна ескалација на состојбите и опасност од граѓански конфликт. Во таа фактура што ќе биде испорачана на следниот изборен тест, ќе биде прокнижено сѐ што го крепи незадоволството од ваквото пролонгирање на кризата. Така што, оние кои го пролонгираат политичкото заминување, непромислено инвестираат во најлошата можна препорака за себе во иднина: од сејачи на меѓуетничка и интраетничка омраза, до партнер кој  во иднина тешко ќе ја најде својата коалициска половина.     

Ваквите ситуации потсетуваат на некои стари предлози во регионот, дека е потребно да се подигне споменик на „незнајниот дезертер“, без оглед колку тоа радикално звучи. Образложението е логично, бидејќи граѓанските конфликти се најлоши од сите други, и единствениот победник може да биде oној што ќе одбие да учествува во нив. Во мултиетнички општества тоа значи дека патриотизмот мора да биде неетнички, за разлика од неговите актуелни „пери-носи модели“.

Ова е време кое бара вистински дијалог, а не неартикулирана логореја или атавизми од средновековни витешки битки за слава, чест и обнова на гордоста. А токму таков е обидот за политичко реанимирање на власта, преку вовлекување во секаква смисла во „малтешкиот ред“ на десничарите, со цел објаснување на „вистината“ дека странски сценарија ја уриваат државата.

Во Македонија сѐ уште не се исцрпени идеолошките манифестации на такви утописки фикции, типични за груевизмот и неговите методи. Обидот невистината да ја рационализира во повисока форма на реализмот и со народен  „хероизам“ на улиците да ја поткрепи неговата неодминлива улога во македонската сегашност преку устата на Орбан, е политичко-популистичко вагабонтство од највисок ранг, кое ЕУ за жал, не успеа да го расчисти ни во сопствениот двор.

Груевистичката тактика „нема отстапување, кога сме до ѕид – сите средства се дозволени“, мора да биде јасно санкционирана. Катарзата на оние кои промовираат самодбранбен став, инстинкт за политичко преживување или магарешки менталитет заради избегнување кривична одговорност, не смее да се претвори во одобрување на макијавелистичката слика што го легитимира политичко – коцкарскиот менталитет со став „без мене нема стабилност“ (Груевски) ниту во сарказам кон шансата за почнување на демократските процеси.

Освен што ќе ја евидентира, ЕУ конечно мора и да ја имплементира таа разлика во своите посреднички инструменти.