Во време кога е потребна силна опозиција како контролор на власта, ВМРО-ДПМНЕ ги влече најсамоубиствените чекори за партијата. Реши да не учествува на собраниските седници и во работата на парламентарните тела. Образложение – нема соодветни услови да партиципираат во работата на Собранието, додека шест нивни колеги се во притвор. Партијата се определи за протести.
Протестот е демократско право на секого, но тоа не ја доведува опозицијата пред избор „или – или“. Таа може и да протестира, и да учествува во работата на паралментот, бидејќи клучните битки се водат таму, каде што нив сега ги нема.
Да потсетам: ВМРО-ДПМНЕ од 7-ми јануари годинава се до формирањето на новата Влада, деновите во парламентот ги помина исклучиво со еден рефрен: „Не за Тиранската платформа!“ Откако Груевски прв ја прифати таа платформа, но тој не беше прифатен од ДУИ за коалициски партнер и неговата партија мораше да замине во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ почна со алармирање 24/7 за опасноста од „погубниот документ“ потпишан во Тирана.
Протестот е демократско право на секого, но тоа не ја доведува опозицијата пред избор „или – или“. Таа може и да протестира, и да учествува во работата на паралментот, бидејќи клучните битки се водат таму, каде што нив сега ги нема
Со платформата се будеа, за неа дебатираа, со неа заспиваа. Со неа го правдаа недавањето на мандатот на СДСМ за формирање влада, заради неа го опструираа изборот на претседател на Собранието, заради неа некои наивно загазија боси во трње на 27-ми април…
Во сите настапи на вмровците најжестоката критика особено беше насочена кон една од точките на платформата: „Употребата на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право“.
И можете ли да замислите: сега кога предлог-законот за употреба на јазиците е во парламентот, токму сега вмровците никаде ги нема!!!
Прашувам, зошто од ВМРО-ДПМНЕ поднеле 50 амандмани на предлог-законот ако не се присутни таму каде што се расправа за нив? Кој ги извлече пратениците од парламентот токму сега и за какви цели? Нема одговор. Не знам дали навистина не знаат, дали не разбрале дека Груевски на тој начин одработува „раат“ за параламентот или свесно се лажат дека се бунтуваат против „политичкиот прогон“. Каде? Пред Министерството за правда во 18 часот (?!) кога таму нема никој. На кого му испраќаат порака? На портирот?
Онаа мала група демонстранти е еден вид неинформирана публика за очекувана размена во стилот на „Момински мост“, местото на кое Груевски треба да ја одвлече енеријата од парламентот и да одработи кооперативност за лични цели.
Не знам дали вмровциве се при очи слепи, или решиле да глумат лудило? Нели им е чудно што Груевски за првпат по 11 години излезе на улица и тоа што околу него има само стотина луѓе? Затоа што мнозинството не сака да учествува во последното предавство што тој и го приредува на партијата, наведувајќи ја на уличен отпор во замена за отсуство и молк во парламентот, ускратувајќи и ја можноста за институционална битка во Собранието.
Ако е за институционален бојкот, зошто тој „институционално“ оди на разговари кај Иванов со Заев, Џафери и Ахмети? Знае ли некој во партијата – зошто? И уште им соли ум да ги туркаат кандидатурите за лидерската функција во фер-плеј.
Онаа мала група демонстранти е еден вид неинформирана публика за очекувана размена во стилот на „Момински мост“, местото на кое Груевски треба да ја одвлече енеријата од парламентот и да одработи кооперативност за лични цели
Ако е ова „патриотската стратегија“ на Груевски, тогаш, за секој партиски член ќе биде чест да се нарече предавник. Лидер што има искрени намери, кога е во фаза на заминување од функцијата ги става под мораториум сите активности и функционира исклучиво технички. Тоа е демократска практика во светот, со цел да се остави период за транзиција на раководството, без подметнување кукавичини јајца во гнездото на идниот лидер.
Но, Груевски токму во фазата на очекуваниот мораториум се среќава со амбасадори, се обраќа преку ФБ, крои стратегии, дава насоки за дејствување кои временски го надминуваат датумот на неговото лидерско пензионирање, со што го отвора прашањето: како ВМРО-ДПМНЕ ќе избира нов лидер ако сегашниот го прави нацртот на идните активности. Еве, пратеничката група уште сега најавува бојкот на седницата за буџетот на 22 -ри декември. Што значи тоа? Дека ќе функционира по моделот „И по Тито -Тито?
Тогаш, каква е смислата да се одржува Конгрес и да се зборува за промени? Особено за концептуални?
Ова што сега се случува во партијата е сведено на политички фолклор, еден вид „партиска демократија за наивното членство“, популистичка техника за морално оправдување на последното предавство на партијата од страна Груевски. Таа партија е колонизирана на ист начин како што до вчера беше колонизирана и државата, и клиентелизмот е длабоко вкоренет во сите пори, па сега некои кандидати за лидерската функција како да паднале од Марс, допрва се скандализираат од невидениот притисок врз делегатите.
Да биде лакрдијата поголема, Груевски пред нив зазема поза на човек со демократска репутација, соопштувајќи дека никој нема право да го користи неговото име за да собира поени за кандидатура. Можноста името на Груевски да биде „добра препорака“ за кандидатура во ВМРО-ДПМНЕ, само покажува во каква магла е заглавена оваа партија и од какви ПМ-честички е умртвен нејзиниот демократски потенцијал.
И ако ВМРО-ДПМНЕ остане слепа на шашмите и продолжи да го бојкотира парламентот, утре ќе нема никакво право да критикува каков буџет бил усвоен или каков закон за јазици. Ќе им биде поставено прашањето: Каде бевте вие „патриоти“, кога се гласаше за тоа? Особено, откако ќе се види за што помогнал нивниот бојкот – дали за ослободување на шесте пратеници или на некој д’уг.