„Само народот е тој кој може да ги смени нештата“. Не, не е ова стота реприза на најпознатиот рефрен на Никола Груевски. Ова е неговиот тазе повик издаден преку ново, фиделкастровско интервју најавено во продолженија, нешто како замена за недоснимениот серијал „Македонија“, а по веќе видената прва сезона од 27 април со работен наслов: „Народот се тепа во македонскиот парламент, лидерот се шета по виенскиот Штефанплац“.
Овој човек веќе насанка многу луѓе да се соочат со правдата поради неговата политика на поделби и перманентен конфликт. Измотивира формирање патриотски здруженија преку кои ќе шири перцепција за потенцијален народен гнев, само за да си ја крене цената на својата слобода, да се пазари преку „улицата“ за своја правна неказнивност, а извршителите на неговите желби во име на „патриотизмот“, длабоко да ги заглави во судски процеси.
Заради покривање на неговото лукративно минато тој го повика народот да не седи во влечки и да ја земе судбината во свои раце. И што прави загрижениот лидер откако „народното ослободување“ на Собранието во крвавиот четврток резултира и со судски процеси и со откази за полицијаци, по кои ќе следат и други. Си седи во влечки во Белата палата, си пие руски чај, си јаде унгарски гулаш и бара начин како одново да ги претвори граѓаните во глинени гулаби за неговите бели дворови.
Задуман во „длабинската анализа“ која како виновник за партискиот крах и изборниот дебакл на површина го исфрла него, пред сѐ, него, и најмногу него, сфаќа дека се потрошени сите стари финти и дека не останува ништо друго, освен, „загрозата“ на Македонија да ја подметне во најстрашно издание. А што е тоа што пали кај „народот“, дури кога партијата е раскантана како старо „фиќо“? Се разбира, ИМЕТО! Ако не постоеше тој проблем, требаше да се измисли.
А што е тоа што пали кај „народот“, дури кога партијата е раскантана како старо „фиќо“? Се разбира, ИМЕТО! Ако не постоеше тој проблем, требаше да се измисли
Груевски најдобро знае колку избори доби веслајќи го народот, божем, во одбрана на името. Некои „бомби“ открија како изгледала „одбраната“, односно дека Груевски и неговите соработници посветено работеле на решавање на тоа прашање и биле свесни за важноста да се дојде до компромис.
Ова Груевски ѝ го објаснил на неговата партиска колешка. И добро е што работеле на проблемот. Прашањето е зошто на народот му раскажувале друга приказна. За таква претстава се подготвува сега.
„Грција, како и цел свет знаат дека ова е марионетска власт која е донесена а не избрана од народот, со цел да попушти по ова прашање, и да направи целосно редефинирање на земјата. Да ги задоволи сите други, освен сопствениот народ“, вели Груевски.
Доволно јасно за да се знае на каква приказна одново ќе сака да го изнесе народот на тенок мраз, само за да може и натаму да остане во истата фотелја, и да се пазари со правдата. Тој јасно ги открива неговите стравови: „Колку и да заплашуваат и замолчуваат, апсат или поткупуваат, конфликтноста во македонското општество ќе расте“.
Демек, тој нема да се соочи со правдата заради индиции за криминал, туку затоа што се борел против марионетска влада? Каде и како се борел? Од Штефанпалц, од ресторан, од градината на премиерската вила, од туристичка дестинација, од плацовите на Водно, од кино соба за 4Д-проекција, од оф-шор дестинации, од некоја дача, од мерцедесот..?
Македонското општество јасно покажа дека не сака конфликтност туку сплотеност и еднаквост за сите. Конфиктноста е политичко гориво во ексклузивен посед на Груевски и на врхушката околу него, па дури и кога таа врхушка веќе драматично се ситни и еродира, бидејќи гледа дека таа политика води во слепа и мрачна улица.
Никој не знае дали Македонија и Грција навистина ќе успеат да постигнат решение за спорот за името. Но, она што засега е сигурно, е дека има видлива атмосфера да се трага по компромисно решение.
Доколку навистина се стигне до успех во тој процес и се отворат интеграциските парспективи за Македонија, негативната мобилизација на „народот“ кон конфликтност како одговор на тоа, ќе биде најкукавичкиот чин што го заговара Груевски против иднината на земјата.
Конфиктноста е политичко гориво во ексклузивен посед на Груевски и на врхушката околу него, па дури и кога таа врхушка веќе драматично се ситни и еродира, бидејќи гледа дека таа политика води во слепа и мрачна улица
Вели дека „познавајќи го народот, знае дека ова нема да трае долго и дека во политиката особено важи поговорката која вели дека стапот има два краја“. Груевски сега е на добар пат да ги осети двата краја – еден од правдата, еден од излажаниот народ. Истиот народ, на кој во 2015 година му рече дека нема да прифати никакви избори, па прифати. Дека нема да има коалициска влада, па имаше две пржински. Дека СДСМ никогаш нема да дојде на власт, а дојде. Дека ќе победи на локалните избори, а катстрофално изгуби. Дека народот не треба да седи во влечки, па преку упадот во парламенотот го испрати во затворски ќелии.
Следната намера му е да го крене народот на нозе, заплашувајќи го дека решението на спорот за името ќе значи губење на идентитетот, јазикот… Кога ова го вели пријателот на Роберт Мугабе, Никола Груевски, несомнено секој треба да се замисли. И да види како Мугабе ја „одбрани“ државата.
Да ве потсетам, Груевски беше единствен политичар од европско тло, што на маргините на Самитот ЕУ- Африка во Либија во ноември 2010 година оствари средба со Мугабе, чија земја беше под санкции на ЕУ и САД поради неговото диктаторско владеење.
Средбата предизвика бројни реакции во ЕУ, а македонската јавност за неа дозна дури по неколку дена, откако се појави фотографија во весникот „Хроникал“ во Зимбабве. Следната година Зимбабе ја призна Македонија. Беше тоа неверојатен „успех“. Неспоредлив со она кога би нѐ примиле во НАТО или ЕУ.
„Народ“ што има вакви искуствени примери со партиски лидери, не треба да се плаши за иднината. На Груевски. Таа е многу неизвесна, за разлика од јасните перспективи за Македонија.