Темно е и мрак го обвива. Тоа е оној период во ноќта кога костурите излегуваат од ормарите, кога вампирите ги напуштаат гробовите, а врколаците завиваат на месечината, кога не се знае дали денот завршува или почнува, кога не се мерат ни часовите туку се обележуваат со 0:00…
Му се мати во главата. Над него се само ѕвезди. Никаде месечина. Му треперат колената. Му се чини дека ќе ја загуби рамнотежата. Мора да влезе во автомобилот. Некој се обидува да го запре? Не! Тоа неговата придружничка седнува до него. Го стартува моторот. Веќе е посигурен. Тоа е неговото царство. Моќната машина. Светлата од автомобилите од спротивната страна го заслепуваат. Го збунуваат. Го зашеметуваат. Сѐ пред очите му е бело. Но, тоа не го колеба. Пред него е патот полн соништа и илузии.
Овој случај е важен за македонската политичка историја, не само поради последиците, кои, какви и да се, никако нема да бидат безначајни, туку многу повеќе како парадигма на аздисаното децениско владеење на една недоветна, арогантна и самобендисана политичка гарнитура
Одеднаш чувствува тап тресок. Не е сосема сигурен што се случува. Дали некој го удира неговиот автомобил или тој удира во нешто. Но, тоа не може и не смее да го запре. И не го запира. Сѐ посигурен е во себе. Продолжува да вози. Во ретровизорот гледа дека еден автомобил упорно го следи. И повторно тап тресок. Дали некои раце тропаат по неговата хауба, дали тој постојано се удира во нешто, или тоа се само там-тамите од африканските џунгли што во неговата глава упорно го форсираат ритамот на „Тешкото“, тој не може да си објасни. Но, не е параноја. Некој сигурно го следи. Еве, сега зад него се ротациони светла. Еве, пред него автомобил му го попречува патот. Што е ова? Кој се осмелува да го ремети во и онака нервозната ноќ?
Полицајците го легитимираат. Не е проблем. Тој не направил ништо лошо. Секогаш бил добар човек. Модел за пример. Млад и успешен. Малку се повозил со моќната машина по градот. Каде е тука криминалот? Ќе се јави таму каде што треба и сѐ ќе биде во ред. Но, нешто не е во ред. Чувствува дека луѓето од другата страна на телефонот не сакаат да го разберат. Повторно му се стемнува пред очите. Мисли дека ќе падне. И почнува да трча. Сам, длабоко во ноќта.
Изгубен во темнината и во светот.
Сѐ додека не стаса до автомобилот што го нарача, за да го однесе од ова проклето место. Добро, не е ништо страшно. Ќе се снајде. Не му е првпат. Уште во автомобилот со темни стакла што го вози од местото смислува план. Ако има некаква вина, тогаш ќе ја преземе возачот на автомобилот. Не треба ни да го убедува. Ќе му даде понуда што не може да се одбие.
Автомобилот е службен и возачот е задолжен за него. Не смеел да го остави друг да го вози. Тоа е сериозен дисциплински прекршок за кој ќе биде суспендиран, а можеби и избркан од работа. А ако има штета,.. па таа ќе се плати. Но, работите не одат како што треба. Не е доволно возачот да признае и да се потпише. Има сведоци. Ах, таа придружничката, ќе види таа… А и полицијата е под контрола на СДСМ. А тие немаат програма, па вака сакаат да ја рушат државата.
Но, не е проблем. Неговите веќе ќе смислат нешто. Знаат дека не е виновен. И не е. Него, всушност, го бркаа. Да, тоа е добро. Тој е жртва. Тој е доброто момче. И конечно Диме, во раните утрински часови легнува во својата мека постела. Нешто веќе ќе се смисли.
***
Вака некако би изгледала некаква фикциска верзија на најдолгата ноќ на дополнителниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, само што животот (особено политиката) не е фикција. Некогаш е многу повеќе од тоа. Како во случајот на несреќниот Спасов.
Овој случај е важен за македонската политичка историја, не само поради последиците, кои, какви и да се, никако нема да бидат безначајни, туку многу повеќе како парадигма на аздисаното децениско владеење на една недоветна, арогантна и самобендисана политичка гарнитура.
„Случајот Спасов“ е единица мерка за цивилизациското ниво на актуелната македонска власт. Тој не само што го руши митот на „народњаштвото“ на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, која може зад грб да функционира преку разни Белизеа, Кипари и Лугана, ама која, наводно, секогаш има разбирање за маките на народот туку отвора низа прашања за методите на владеење.
Да почнеме од навидум најбаналните: Што бара дополнителниот заменик министер во службен автомобил на полноќ? Зошто користи автомобил на Агенцијата за вработување? Како тоа ѝ бил недостапен на полицијата речиси цел ден, односно до моментот додека не смисли некаква приказна за оправдување? Зошто не му е направен алко-тест? Итн.
Одговорот на овие прашања е едноставен – затоа што Диме Спасов (и неговите колеги) така ја замислува власта, а киднапираната држава тоа мислење широкоградо го поддржува. Затоа што „па, нели сме власт“ (Гордана Јанкуловска), односно затоа што во главите на арогантните слуги на народот власта значи соголена и безгранична моќ.
Од кога тоа Министерството има вишок „туарези“ па ги отстапува или ги подарува? И што ќе му е на Министерството „туарег“. Цената на „туарегот“ (во зависност од моделот и опремата) се движи од 58.830 до 63.546 евра
Спасов вели дека избегал од полицијата, затоа што немал доверба, бидејќи била раководена од кадар на СДСМ. И има право. Затоа што во неговата глава постојат две полиции или барем една полиција со два аршина – еден за нив, друг за нас. Една правда за нив, друга за нас. Затоа што МВР со години наназад успешно се преобразуваше во МВРО. И сега ако доскорашниот министер за труд и социјална политика нема доверба во македонската полиција, тогаш за кој мој ѓавол ќе имаме ние обичните смртници, кои во просек имаме по една прекршочна пријава по глава на жител.
Но, да го оставиме за момент Спасов сам да си ја голта кашата што 11 години ја вари оваа власт. Во овој момент на текстот повеќе нѐ интересира која е потребата Агенцијата за вработување да поседува џип, па уште „туарег“? Да не ги брка невработените по македонските беспаќа за да им најде работен ангажман? Уште поинтересен податок дава министерката за труд и социјала ,Фросина Ременски: наводно „туарегот“ (и уште некои други автомобили) Министерството го подарило на Агенцијата за вработување.
Од кога тоа Министерството има вишок „туарези“ па ги отстапува или ги подарува? И што ќе му е на Министерството „туарег“. Цената на „туарегот“ (во зависност од моделот и опремата) се движи од 58.830 до 63.546 евра. Ако социјалната помош е 50 евра, пресметајте сами колку социјални помоши има во едно вакво возило. Еве, ќе помогнеме малку. Отприлика еден социјален случај од еден „туарег“, кој така широкоградо се подарува за да може Диме Спасов да прави полноќни трки, може да прима социјална помош 1.200 месеци. Или во превод сто години. Толку за „демохристијанството“, „проектите“ и „народњаштвото“.
А сега повторно за нашиот функционер Диме. Мошне интересна е неговата верзија за тоа дека го прогонувале криминалци, етнички Албанци, и тој морал да прави полноќни трки. На страна нелогичностите во приказната (бегањето од полиција и оставањето на придружничката, пријавата на службениот возач дека тој го возел возилото итн.), круцијалното прашање е што работа имал заменикот министер со мафијата и кои се тие нерасчистени сметки меѓу поранешниот министер и подземјето? Не им дал социјална помош? Од каде ги познава? На крајот од краиштата, медиумите откриваат дека еден од посочените „прогонувачи со дебело досие“ неодамна бил помилуван од претседателот Ѓорге Иванов. Кои се релациите на министерот и помилуваниот? Случајно ли е помилуван ако имал нерасчистени сметки со Спасов?
Ова не е доволно за оставка на заменикот министер. Ова е доволно за пад на целата Влада. Во некои цивилизирани земји.
Ете, затоа „случајот Спасов“ е единица мерка за цивилизациското ниво на методите на владеење во државата Македонија. Но, тоа, секако, не ги интересира луѓето во власта. Се чини дека најмалку го интересира самиот Спасов. Сепак, некоја интуиција говори дека тој и оваа вечер ќе си легне во својата мека постела со сознание дека долгото патување во ноќта штотуку започна.
А околу е темно. И мрак го обвива.