Се сеќавам на еден случај, уште од времето на некогашна Југославија, кога во едно скопско основно училиште беше примен телефонски повик со закана дека во училиштето е поставена бомба. Тогаш немаше интернет, мобилни телефони, имејл-комуникации… Повикот беше примен на фиксен телефон. Полицијата беше известена, беа спроведени сите протоколи во вакви ситуации, лоцирано беше дека повикот е направен од една јавна телефонска говорница и – виновникот набргу беше откриен!
Интересното во овој случај беше дека не станува збор за ученик од училиштето, ниту за алиби-систем да се избегне некаква писмена работа или испрашување, туку за возрасен човек, кој дури не е доведен во никаква роднинска, пријателска или соседска врска со кој било од учениците на училиштето. Констатирано е дека станува збор за човек со нарушено психичко здравје и не премногу пресметлив во моментот на извршувањето на делото, односно заканата.
Мојата недоволно капацитативна меморија, сепак, ми го актуализираше овој случај од времето на моите млади новинарски години, се разбира во светлото на сѐ позачестените лажни закани за поставени бомби во овдешните првенствено образовни, а потоа и други институции.
Ја знаете онаа поговорка: „Ако одиш во Македонија, никогаш немој да пееш, да танцуваш и да шириш лажни вести. Секогаш ќе те победат.“
Ете, веќе неколку дена интензивно се обидувам да влезам во главата или во главите на оној или оние што лажно се закануваат со поставување непостоечки бомби. И, морам да признам, без никаков успех.
Ако ја отфрлиме претпоставката дека станува збор за пубертетски мангупи, бидејќи навистина ми е тешко дека некој тинејџер ќе се сети да се закани со поставување бомба во Народната банка или во централната Железничка станица во Скопје, тогаш не ми останува ништо друго, туку да помислам дека станува збор за своевиден психијатриски случај или случаи, чија свест, најблаго речено, е прилично конфузна, односно тешко пресметлива.
Во недостиг од релевантни информации од истрагата, како што тоа обично се случува, почнаа да се шират различни верзии на различни теории на заговор. Во првата фаза (што би рекле нашите спортски коментатори), кога лажните дојави беа врзани само за образовните институции, фокусот беше ставен на следењето на „патот на парите“, односно чаршијата ги „обвини“ приватните агенции за обезбедување, кои, според старите мафијашки принципи, би ќариле така што училиштата ќе ги заштитат од нив самите.
Кога појавата веќе доби помасовни димензии и поразновидни цели, теориите преминаа на полето на глобалните геополитики. Првин во циркулација влезе теоријата дека сево ова е масло на Бугарија, која со внесување хаос во земјава ќе докаже дека Македонија не е кадарна да биде членка на Европската Унија. Потоа во приказната се појави Русија, демек со нејзината наводна политика за прелевање на кризата на балканските подрачја. И на крајот во играта влезе и НАТО, кој сево ова го прави за да се обвини Русија и на тој начин да се неутрализира овдешното проруско расположение.
Дури и да ги земеме предвид теориите и целите на таканаречената хибридна војна, тешко е да се разбере што се сака да се постигне со ова ширење паника, која полека преминува во фазата на „волк, волк!“, односно своевидна рутина и за полицијата, а богами и за „загрозените“ поединци.
Ширењето лажни вести, особено од овој тип, е одамна позната метода на „специјалните“ војни. Главната цел е да се создаде контролиран хаос и впечаток дека легалната власт не може да ја исконтролира наметнатата криза.
Имам неколку причини да се сомневам во сите овие теории на заговор и воопшто на вплетканост на таканаречените „странски служби“ во она што ни се случува.
Навистина е непотребно какво било странско вплеткување на некој странски фактор за да се предизвика криза во земјата. Па, нам кризата ни е вообичаениот модус на живеење. Ако ја нема, ќе ја измислиме
Како прво, зошто некој воопшто би сакал да предизвикува контролиран хаос и да арчи ресурси за оваа намена, кога и самите сме доволно способни во државата да предизвикаме многу поголем хаос од оној што кој било „стратег“ би можел да го замисли.
Не мора, значи, да се отвораат имејл-адреси на „протон мејл“ сервисот или на некои други сервиси со гарантирано криење на компјутерската адреса и на другите податоци. Доволно е само да извадите неколку автобуси на улиците на Скопје и буквално да ја блокирате целата држава. Заедно сосе институциите, кои, пак, ја имаат таа особина самите, без ништо да ги предизвика, одвреме навреме да се – блокираат! Онака, како некоја нивна традиција што веќе влегува во категоријата на зачувување на културното наследство.
Не се потребни ни физички блокади. Доволно е да имате некој градоначалник (или градоначалничка) со извесен каприц, па да видите што е хаос.
Натаму, нема никаква потреба да се тестира способноста на владата да се справи со овие ситуации. Едноставно е: не е способна, не може или, што е поверојатно, не сака да се справи со какви било ситуации. И затоа е навистина непотребно какво било странско вплеткување на некој странски фактор за да се предизвика криза во земјата. Па, нам кризата ни е вообичаениот модус на живеење. Ако ја нема, ќе ја измислиме.
И на крајот, како клучен аргумент во одбрана на мојата теза ќе наведам дека не верувам дека кој и да има какви било интереси во и со Македонија, ќе се осмели нас тука да нѐ манипулира со лажни информации. Па, ние сме светски шампиони на ова поле и просто не можеме да егзистираме без благословениот фактор на лагата.
Наш локален пронајдок се лажните надежи, лажните револуции, лажните правди, лажните величини, лажните иднини… Па, сега за лажни информации ли ќе правиме муабет? Па, уште за лажни дојави за бомби!
Впрочем, ја знаете онаа поговорка: „Ако одиш во Македонија, никогаш немој да пееш, да танцуваш и да шириш лажни вести. Секогаш ќе те победат.“
Затоа верувам дека „епидемијата“ на лажни дојави за бомби е целосно домашен производ.
Зошто? Онака!
А кој го прави тоа?
Е, на тоа прашање немам одговор, освен оној од почетокот на текстот. Некој психијатриски случај, да не кажам некоја будала. А, тоа сме сите ние.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија