Што сакаат тие мажи?

Медиумите, па и целото опкружување, деновиве ќе бидат преплавени со теми за жените, за мажите, за меѓуродовите односи, за феминизмот, за рамноправноста, за кафеанските прослави, за подароците… Повод, се разбира, е 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

Така било отсекогаш, или барем откога јас помнам, а како што сега стојат работите, така ќе биде и во иднина. Да бидеме искрени, темите сами по себе не се проблем. Проблемот е во нивната форма, која буквално ги надминува нивните содржински аспекти и го оневозможува секој обид критички да се расправа за нив.

Кога ќе се спомене 8 Март, кај мене се будат две асоцијации, две сеќавања на повеќе или помалку неуспешни обиди да се надмине зададената рамка во која ги третираме правата на родовата или на која било друга рамноправност.

Првиот обид е врзан за моите дамнешни средношколски денови, кога мојата тогашна професорка по физика, со индигнација одбиваше да го прими скромниот букет цвеќе што учениците ѝ го наменија како подарок за Денот на жената. Поттекстот беше дека нејзе не ѝ е потребен 8 Март за да ја потсетува на нејзината рамноправност како жена и дека ваквиот однос кон неа на некој начин значи нејзино омаловажување во однос на „машкиот професорски корпус“.

Што се однесува на мене, јас и денес мислам дека потегот на мојата професорка беше мошне лош, навредлив и длабоко омаловажувачки кон добрата намера на нејзините ученици, а со самото тоа и кон учениците како такви.

Ако сакаше професорката да им всади на децата свест за родовата рамноправност и општествениот третман врз жената, молам – можеше да жртвува некој час и да одржи предавање за граѓанската одговорност или за феминизмот и неговата општествена оправданост. Вака, сеќавањето ми остана само како горчлив вкус на навредата што ја доживеав поради тоа што чекав редици пред некоја цвеќарница за да ѝ купам, меѓу другото, некој каранфил и на мојата професорка по физика.

Вториот пример е од 1980-тите и се однесува на можеби најсериозната полемика за „женските прашања“ на просторите на некогашна Југославија што ја водеше Игор Мандиќ со тогашните феминистки, главно хрватски интелектуалки (иако полемиката се водеше во белградски „НИН“). Повод за полемиката беше критичкиот осврт на Мандиќ за три книги од женски авторки, насловен како „Кујнска книжевност“ и објавен во „НИН“ на почетокот на 1983 година.

Една од полемичарките тогаш го обвини Мандиќ за поистоветување на родот и книжевното дело. „Додека машкото озборување отмено се нарекува документарна проза, женското романопишување се става во резерватот на кујната. Тој критичар пишува за жените, а не за книгите. Зошто своите анимозитети ги изразува во книжевна рубрика, останува мистерија за која може само да се нагаѓа“ (Сунчана Шкрињариќ).

Мандиќ, пак, за една друга полемичарка (Славенка Дракулиќ, тогаш и Илиќ) ќе напише: „Госпоѓо Дракулиќ, вие не сте вирго ин такта, вие сте вирго ад акта“. Подоцна Игор Мандиќ ќе ги објави овие полемики под свое име во книгата „Што всушност сакаат тие жени? Катаклизма на феминизмот“ (Što, zapravo, hoće te žene? Kataklizma feminizma, 1984).

Иако поодамнешни, овие примери, чинам, јасно го покажуваат високиот степен, не толку на неразбирањето, колку на недоразбирањата во однос на едно толку важно прашање, како што е родовата рамноправност. Ниту оној средношколец што на почетокот на март чекал редица пред некоја цвеќара, не го правел тоа за да ги омаловажи своите професорки, туку за да задоволи некоја општествена и очекувана форма, ниту, пак, Игор Мандиќ ги сместува сите авторки во „кујнскиот азил“.

Впрочем, Мандиќ остана запомнет по својот критичарски стил „без влакно на јазикот“, со кој беа погодени (па и навредени) многу повеќе машки од женски автори, па никој не го нарече „машкомрзец“.

За да се постигне некаква рамнотежа, односно да се избегнат овие недоразбирања, освен воведувањето на веќе задолжителниот политички коректен, поточно исплакнат од секоја срж, говор, можеби борците (борките?) за женски права треба да направат инверзија на насловот на книгата на Мандиќ и да се прашаат што, навистина, сакаат тие мажи?

Во таа смисла, мислам дека навистина би било интригантно четири децении по полемиката Мандиќ со феминистките, да се појави книга со наслов: „Што, всушност, сакаат тие мажи? Катаклизма на патријархатот“. Во таа смисла, прилично сум склон кон Хана Арент, која на едно место ќе каже: „За да ја осознае жената, феминистичкото движење ќе мора првин да се зафати со осознавање на мажот“.

Она што на феминизмот, како тежишно движење во последните децении, мора да му се признае е подигнување на свеста првенствено за улогата на жената во современото општество. Сѐ повеќе мои (машки) пријатели се декларираат како „феминисти“ (а и јас нескромно се вбројувам меѓу нив).

Впрочем, во мојот „балон“, во моето најтесно опкружување не постои никој што не ги поддржува жените и нивното право на достоен и рамноправен општествен живот. Во таква атмосфера, човек дури ќе помисли дека семејното насилство е намалено на незначителен минимум, дека жените имаат подеднакви шанси да станат директори и важни раководители во големите корпорации, дека нема никакви разлики во платите, дека се почитуваат породилните отсуства и специфичните мајчински обврски, дека сексуалните вознемирувања од позиција на моќ (а и другите) се далечно минато… Ама, едноставно, не е така!

Корпусот на човекови права е еден и неделив. Дискриминацијата по родова основа е истата дискриминација што се прави и по другите основи: според сексуалната ориентација, инвалидитетот, болестите, етничката припадност, бојата на кожата и по која било друга различност на таканаречените ранливи групи.

Како и да се декларираме ние, идеалите се уште далеку. Едноставно е, не може некој да се бори за женски права, а да се згрозува кога некој маж со брада ќе се појави во јавноста со фустан, и тоа да го квалификува како „неприродно и болно“ однесување, со задолжителната забелешка: „Ова ли се тие западни вредности?“. Госпоѓи, госпоѓици и господа, не може да се биде „традиционалист“ и истовремено да се биде „феминист“.

Не знам дали овој 8 Март ќе им купам подароци на моите блиски жени. Можеби ќе купам, можеби нема, сѐ зависи од расположението и слободното време. Ама секако ќе го прославам празникот на борбата за правата.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија