Термонуклеарна бомба: целото писмо од Иванов до Трамп

Колумна на Сашо Кокаланов

Драги Трампе,

Веројатно сте чуле за мене, јас сум Хорхе од Македонија. Хорхе ми е уметничко име, инаку се викам Ѓорге, како Џорџ, само на македонски. Не знам како можеле да ме крстат исто со Џорџ Сорос, но името не го менувам, освен на референдум, тоа ми е принципиелен став, ве молам разберете дека тоа не е насочено против вас…

Исто така, ве уверувам дека тоа што ме викаат Хорхе нема врска со мојата етничка припадност: под полна морална и кривична одговорност тврдам дека не сум Мексиканец и немам ништо со Латинска Америка. По потекло сум антички Македонец, православен антички Македонец, од племето на паљурските Хунзи. Чисто сакам да го нафрлам овој факт: ние Хунзите никогаш не сме се обиделе нелегално да влеземе во САД. Никогаш!

За да нема недоразбирања и да ја ослободам нашата комуникација од непотребна непријатност поради еден настан од минатото, за да не биде протолкуван од ваша страна на погрешен начин, сакам најпрво да објаснам и да расчистам како се случи тој настан што може да стои како пречка меѓу нас двајцата, знаете, она кога му намигнав на вашиот претходник Барак Обама.

Бевме на молитвениот појадок. Седеше на соседната маса и постојано гледаше во мене и во еден момент јас трепнав, што потоа беше перципирано од страна на САД како намигнување. Јас за тој Обама немам ич високо мислење. Ако не ми верувате, прашајте дали за осум години мандат некогаш сум му стапнал во Белата куќа. Намигнувањето случајно ми се испушти и потоа немав како да го вратам назад. Намигнување не е аболиција, не може да се повлече.

Пријателе Трампе,

Знам дека Македонија е мала земја и оти можеби не сме ви приоритет број еден во моментов, но ве замолувам да потрошите барем година-две од вашиот мандат за решавање на нашите внатрешни проблеми. Не сакам да ви се заканувам, но во спротивно може да станеме извор на нестабилност за регионот, Европа, па и за целиот свет. Нема јака Америка, со слаба Македонија, тоа го знаете и вие.

Ве молам не барајте нѐ веднаш на картата, навистина во денешниве карти не сме големи како некогаш. Не знам како да ви ја опишам нашата географска големина. Ние сме дел од Европа, а Европа како континент е помала од Казахстан, што значи дека Македонија е помала од Казахстан. Но, имаме големо срце и богата историја, а имаме и голема, голема криза. Преголема, со оглед на денешната големина на земјата, би додал.

Кога ја прифаќавме платформата со Никола мислевме дека Мексиканциве сакаат малку да нѐ разнебитат. Кога пред некој ден го добив преводот, останав во шок. Тие сакале целосно да нѐ разнебитат како македонски народ

Иако броиме жители колку Менхетен во ваш Њујорк (сум бил неколкупати – прекрасен град со преубави кули, особено вашите), сепак постојано се соочуваме со бројни предизвици. Во моментов имаме проблем да составиме влада.

Не знам колку сте во тек, имавме избори во декември, веројатно не сте ги следеле со големо внимание, зашто баш тогаш вие биравте мебел со Меланија за во Белата куќа.

Мојата партија, ВМРО-ДПМНЕ, од која морав чисто формално да се департизирам, но која остана врежана во моето срце, однесе убедлива победа на изборите, која, за жал, беше изразена само со 15.000 гласа разлика и два пратеника предност пред опозицијата. Во секој случај, недоволно за да има мнозинство во парламентот. Сепак, си реков, како Господ никој не е, па јас им го дадов мандатот, со надеж дека, со Господ напред, шефот Груевски ќе направи мнозинство. Но, и Господ и ВМРО-ДПМНЕ ги изневерија моите очекувања и влада не беше направена.

Драг Трампе,

Не знам како се случи тоа да не состават влада. Тоа беше шок. Пред да си легнеме со првата дама Маја, не знам дали ја знаете, не е позната колку Меланија, не се занимавала со манекенство никогаш, но знае да свири на пијано и на хармоника, велам, пред да си легнеме, владата беше завршена работа.

Бевме веќе во пижами кога на нашата државна телевизија „Сител“, нешто како „Фокс њуз“, само уште попрофесионална, или вие како што велите уште понефејк њуз, значи ептен на место телевизија, кажаа дека мојата ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила сите барања на нашиве Мексиканци и дека утре ќе се разбудиме со нова влада. Маја ме натера да се јавам во партијата за да проверам, обично не им додевам кога си имаат работа, ми потврдија дека останало за договарање само уште ситница – да не се оди во затвор, друго сѐ е завршена работа.

Во ова писмо сега не би ве замарал со детали околу затворов, на кратко, имавме нешто малку криминал изминативе десет години, јас пробав колку што можев да ја средам таа работа со аболиција, ама не помогна, ме натераа овие вашиве од Западот да ја повлечам. Што, претседателе, се испостави дека е главна пречка за денес да се направи влада. За пет-шеесет дела, за неколку милијарди украдени долари и нешто малку корупција, насилство и прислушување, мојата земја сега мора да страда и да нема вистински премиер туку технички, меѓу нас кажано – една шушумига од Пробиштип, дозволете да забележам – поизгубен и понезаинтересиран за политика дури и од мене.

Никогаш нема да го заборавам тој траорен миг кога ми се јави шефот некаде по полноќ, да ме разбуди и да ми каже дека нема ништо од владата. Бев почестен меѓу првите да дознаам, обично не ми се јавуваат за ништо, па сѐ последен дознавам, но овојпат ми се јавија, што само по себе беше знак дека се случило нешто страшно.

Мандатот што му го дадов остана кај него. Ми беше незгодно, кога му е најтешко во животот и кога страда, јас да бидам ситна душа и да му го барам мандатот да ми го врати назад. Човечки ли е, кажете, при една таква загуба, загуба на власт, мене до мандатот да ми е дојдено. Кога сам ме праша што правиме со мандатот, му реков: – Ајде Никола, ти сега за мандатот, не мораш ич да ми го враќаш, нека остане кај тебе некое време, најважно е сега да се средите малку во партија, да се соочите со загубата и потоа сите заедно да видиме како заеднички да ја продлабочиме кризата.

Мој драг Трампе,

Од тој момент, јас, моето семејство и мојата земја живееме пекол. Пекол од кој само вие можете да нѐ извлечете. Ако сакате, нормално. Секој ден се будиме уценети и загрозени. На удар е нашата сувереност, државата ни е доведена во ситуација на потчинетост и зависност. Како се случи тоа?

Ако дозволите денес јас да работам според Уставот, утре тоа ќе го бараат и од вас. Затоа, претседателе, да се држиме заедно, за да не висиме одделно

Ви спомнав веќе дека ние имаме овде наши Мексиканци. Се викаат Албанци. Фин народ, долго време беа кооперативни, сѐ можеше со нив да се договориш, од тендер до закон во парламент. За разлика од вашите Мексиканци, овие беа толку послушни што сами си ѕидаа ѕидови, секој околу својата куќа. Но, идилата со нив заврши.

Два дена пред да му го дадам мандатот на Никола, они да ти седнале во Тирана и да ти потпишале некаква заедничка платформа. И јас и Никола, верувајќи им дека не ни мислат ништо лошо, ја прифативме платформата и еден месец од нејзиното потпишување не се замаравме воопшто со неа. Но, јас, искусен политичар ко што ме дал Господ, ја дадов за секој случај на превод кај моиве во кабинет. И добро што го направив тоа.

Најдраг пријателе Трампе,

Кога ја прифаќавме платформата со Никола мислевме дека Мексиканциве сакаат малку да нѐ разнебитат. Кога пред некој ден го добив преводот, останав во шок. Тие сакале целосно да нѐ разнебитат како македонски народ. Веднаш му се јавив на Никола. Ти, Грујо знаеш ли што има во платформата? Ми рече дека поим немал. Па сум му ја читал на телефон половина час. И тој беше шокиран. Среќа, Ѓорге, што не направивме влада, зашто јас им ја прифатив на писмено – ми вели. Ќути, Никола, имало Господ, нѐ спасил – му одговорив. Тој веднаш организираше спонтани протести, а јас си дадов завет дека мандатот не го давам никому.

Не знам како да ви го кажам ова одоколу. Ние знаеме дека вие сте наш, сакам да кажам, на наша страна. Но, очигледно дека шефовите на Германија, Франција, Велика Британија, Канада, ЕУ, НАТО, па дури и вашиот Стејт департмент, ви се истргнати од контрола, па би ве замолил ако можете да ги смените. Мене ќе ми го направите ќефот ептен оној секретарот на НАТО Јенс Столтенберг ако го тргнете, зашто најгрубо ми се меша во работата. Замислете, тој секретар, јас претседател, и сега тој мене ќе ми кажува што да правам со мандатот.

Брате Трампе,

Јас мандатот не го давам! Знам дека мразите радикали, а јас сум сега притиснат од радикални легалисти, кои секој ден ми го цитираат членот 90 од Уставот на РМ според кој морам да го дадам мандатот на тие што имаат мнозинство. Никогаш во животот не сум подлегнал на радикали, нема ни овојпат! Вие барем знаете што значи да си под закана на разни видови радикализам. Верувајте, овие радикалните легалисти се најлоши!

Трампе, војводо,

Сорос во Македонија врие од вакви легалисти. Знам, бидејќи долго време и самиот бев инфилтриран таму за одблизу да им ги следам активностите. Џорџ е наш заеднички непријател. Ако дозволите денес јас да работам според Уставот, утре тоа ќе го бараат и од вас. Затоа, претседателе, да се држиме заедно, за да не висиме одделно.

Искрено Ваш,
Хорхе