Регион

Косово конфискува 75 нелегални вили на Шар Планина

Меѓу сопствениците се политичари, пратеници и судии

Основниот суд во Пеќ привремено конфискуваше 75 вили во планинското одморалиште Брезовица, меѓу кои и имот на високи политичари, судии и роднини на важни политички личности во земјата.  Одлуката за привремена конфискација е донесена поради сомнение дека тие се изградени незаконски.

 „Тие се под надзор и контрола на државниот обвинител“, се вели во судската одлука.

Со одлуката се одобрува барањето на Основното обвинителство во Феризај/ Урошевац донесена по рацијата што беше спроведена на 11 октомври 2022 година. Тогаш десетици полицајци учествуваа во голема операција во Брезовица, во која беа запленети околу 100 згради, меѓу кои и 80 вили за кои имаше сомневање дека се нелегално изградени во националниот парк.

Меѓу 75-те привремено запленети вили се и оние во сопственост на поранешниот лидер на Демократската партија на Косово, ПДК, актуелен пратеник Енвер Хоџај, на тројца судии, меѓу кои и на шефот на судот во Феризај/Урошевац, Мустафa Тахир, судијата на Врховниот суд Агим Малиќи и судијата на Апелацискиот суд, Башким Хисени.

Судот ги заплени и вилите на двајцата браќа на поранешниот претседател Хашим Тачи, кој периодов го чека судењето за воени злосторства во косовскиот Специјален суд во Хаг.

Во декември минатата година, поранешниот градоначалник на Општина Штерпце/Штрпце, Братислав Николиќ, општински директори и раководители на приватни компании беа уапсени во друга операција поради наводна дивоградба во планинското одморалиште.

Вкупно, во досегашните операции поврзани со случајот се уапсени околу 30 лица.

Расим Малоку, обвинител што работи на овој случај, за БИРН изјави дека очекува да бидат отворени повеќе обвиненија.

„Ние подготвуваме второ обвинение. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме дури трето обвинение. Истрагата ќе продолжи и во 2023 година, бидејќи тоа е голем случај и не можевме сè да вклучиме во едно обвинение“, додаде тој.

Малоку објасни дека законот за Националниот парк Шар Планина забранува изградба на такви згради во областа.

Откако заврши косовската војна, во Брезовица се изградени многу вили, од кои некои наводно се на политичари и на други јавни функционери, а некои имаат нејасна сопственост.

Xhorxhina Bami и Behar Mustafa