Косово го одликува началникот на штабот на Военото воздухопловство на САД, Дејвид Голдфејн, чиј авион, за време на бомбардирањето на НАТО на Југославија во 1999 година, беше соборен.
Дие Морина, Приштина
Командантот на Косовските безбедносни сили (КБС), Рахман Рама, во петок, во име на претседателот на Косово, Хашим Тачи, му го врачи признанието „Орден на слободата“ на началникот на штабот на Военото воздухопловство на САД, Дејвид Голдфејн, поради неговиот ангажман во воздушните операции, со кои во 1999 година беше ставен крај на војната во Косово.
Генералот Рама „му се заблагодари на генералот Голдфејн за жртвувањето во одбраната на демократските и човекови вредности, во текот на последната војна во Косово”, се вели во соопштението на Министерството за КСБ.
Рама истакна дека косовските граѓани секогаш ќе му бидат благодарни на американскиот народ и на американските вооружени сили.
Голдфејн e пилот кој учествуваше во бомбардирањето на НАТО, кое имаше за цел да ја запре воената кампања на југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, во Косово.
Во мај 1999 година, Југословенската војска во западна Србија го урна авионот Ф-16 со кој Голдфејн пилотираше. Тој преживеа, а го спасија војници на НАТО.
НАТО ги стартуваше воздушните напади, по неуспешните мировни преговори со Милошевиќ.
За време на бомбардирањето, југословенските сили спроведоа голема кампања во Косово, што резултираше со протерување на повеќето косовски Албанци.
Хашкиот трибунал подоцна го обвини Милошевиќ и шест други високи функционери на Белград, за воени злосторства во Косово. Милошевиќ почина пред да му биде изречена пресудата.
Бомбардирањето запре на 10 јуни 1999 година, по потпишувањето на Кумановскиот договор и усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН. Следеше повлекување на југословенските воени сили од Косово и стационирање на 36.000 меѓународни мировници.
Според српската влада, за време на 78-дневната кампања на НАТО, најмалку 2.500 лица биле убиени, а 12.500 повредени.
Српското Министерство за одбрана тврди дека 631 припадник на српските вооружени сили биле убиени од страна на силите на НАТО.
Сепак, точниот број на жртви не е познат ниту денес. Хјуман рајтс воч соопшти дека бројот на цивилни жртви бил околу 500 лица.
НАТО никогаш не ги откри загубите.
На годишнината од бомбардирањето на НАТО, одбележана во март оваа година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тогаш на функцијата премиер, изјави дека кампањата на НАТО е „една од најбруталните агресии во историјата на војувањето“.
Од друга страна, поранешниот премиер на Косово, Иса Мустафа, изјави дека годишнината од бомбардирањето е “историски ден за Косово и за НАТО, но и за концептот на слобода и потребата за нејзина заштита од злосторничките режими“.