Останато

Лекции на Хашкиот трибунал за воените злосторства

На конференцијата што за наследството на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) се одржува во Сараево, хашките обвинители зборуваа за начинот на кој ги развивале истрагите за сторителите на воени злосторства и за нивните команданти.

Емина Диздаревиќ, Сараево

Шефот на Оперативниот оддел на обвинителството, Роберт Рид, во петок, во рамките на конференцијата што се одржува во Сараево, изјави дека собирањето на докази било клучно за успехот на случаите пред судот на ООН во Хаг.

„Се поставува прашање, како ги отворавме истрагите. Одговорот е едноставен – одевме таму каде што не водеа доказите“, рече Рид.

Обвинителот, Алан Тигер, истакна дека било важно да се дојде до докази за целите и врските во командниот синџир на одговорност, односно директно да се поврзат директните извршители со лицата што биле далеку од местото на настанот.

„Целите може да се откријат и преку логиката на изјавите на тогаш раководните лица, особено кога може да се слушне пофалба, наместо казна“, рече Тигер.

Високиот застапник на обвинителството за првостепена постапка, Квеку Вандерпује, говореше за важноста на ДНК наодите како докази, како и за нивното собирање и зачувување.

„Дури и ако не можат да се искористат денес, можеби ќе можат во иднина, и затоа е потребно да се зачуваат ДНК доказите“, објасни тој.

Говорејќи за наследството, главниот обвинител, Серж Брамерц, изјави дека базата на податоци на Хашкиот трибунал има повеќе од девет милиони страници, до кои обвинителсствата од регионот имаат пристап.

Истакна дека домашните правосудства веќе користеле 120.000 страници.

Во базата на податоци на Обвинителството на БиХ, како што информира вршителката на должноста главен обвинител, Гордана Тадиќ, во моментов постојат 642 случаи, во кои сторителот е познат, 612 со непознат сторител, додека 1.669 се водат според одреден настан.

„Покрај тоа, има повеќе од 300 случаи на воени злосторства кои се сметат за најсложени“, рече Тадиќ.

Покрај сопствената база, обвинителството, рече Тадиќ, во секојдневната работа ја користи и базата на Хашкиот трибунал.

Вратите на Хашкиот трибунал официјално ќе бидат затворени на крајот на годината, откако ќе им бидат изречени пресудите на Ратко Младиќ и на шестмината боснски Хрвати обвинети за воени злосторства во Херцег-Босна.

Останатите предмети на МКТЈ, вклучувајќи го и предметот на Радован Караџиќ, кој е во жалбена постапка, ќе ги преземе Механизмот за меѓународни кривични трибунали.