На судењето на поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, сведок изјави дека борците, кои наводно биле под контрола на обвинетите, го апселе и убивале несрпското население во базата Ердут, во Хрватска, која што ја водел Аркан.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Заштитениот сведок, РФЈ-102, на судењето на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг изјави дека во есента 1991 година, несрпското население било апсено, тепано и убивано во базата на паравојската на Аркан во Ердут, во Источна Славонија.
Во изјавата, која во поголемиот дел беше дадена зад затворени врати, сведокот опиша како кон крајот на 1991 година, луѓето на Ражнатовиќ ја привеле во базата во Ердут.
Според нејзините зборови, луѓето на Аркан „ја испрашувале и ѝ се заканувале дека ќе ја убијат”.
Сведокот, во писмената изјава, истакна дека, додека луѓето на Ражнатовиќ ја испрашувале, „слушала како ги претепуваат“ другите притворени лица.
Во текот на вкрстеното испрашување, адвокатот на Станишиќ сугерираше дека таа не била очевидец на убиство на затвореници, туку дека за тоа слушнала од други луѓе.
РФЈ-102 го прифати ова како вистинито.
На Станишиќ, поранешен шеф на српската СДБ, и на неговиот помошник, Симатовиќ, повторно им се суди по обвинението за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.
Според обвинението, единицата на Ражнатовиќ била дел од СДБ на Србија.
МКТЈ го обвини Аркан за воени злосторства, но тој беше убиен во 2000 година во Белград, пред постапката да започне.
На оваа расправа сведочеше и заштитениот сведок РФЈ-038, која зборуваше за базата на гардата на Ражнатовиќ во Ердут, каде што во 1991 година работела како готвачка.
Сумирајќи ја нејзината писмена изјава, која хашкиот суд ја прифати како доказ, обвинителите во судницата пренесоа дека сведокот ги опишала „случајните апсења” и злоупотребата на несрпското население во базата во Ердут, како и протерувањето и исчезнувањето на Хрватите и на Унгарците од селото.
За Ражнатовиќ, кого секој ден го гледала во базата во Ердут, рече дека „сите му се плашеле, и млади и стари”.
Бранителот на Станишиќ го праша сведокот дали некогаш видела како во базата во Ердут носат затвореници.
„Не, но мојата колешка виде кога го донесоа мојот маж со лисици на рацете”, рече РФЈ-038.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Судењето продолжува на 31 октомври.