Интервјуа

Македонија не е подготвена за климатските промени

Со планови од 10 страници нема да се избориме со климата, вели во интервју за БИРН, екоактивистка Елена Николовска

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Метафорички се вели дека за проблемите размислуваме кога ќе почне да ни гори под нозете, но ако проблемот се вика климатски промени, горењето воопшто не е метафора.

Големиот пожар во Сибир, кој зафати површина поголема од Белгија, ја подгреа дебатата на оваа тема. Некои фотографии што се објавија, се покажаа како лажни (особено таа со еленот со запалени рогови), но и вистинските беа повеќе од доволно драматични за да предизвикаат паника низ светот каква што уште одамна требаше да се крене, ако се прашаат експертите и активистите што се залагаат за посилна акција за справување со климатските промени.

„Ова што се случува е многу страшно. Од една страна гори шума на место каде што би требало да биде студено. Втор проблем е што тој пожар, кој постојано се шири, дополнително внесува јаглерод диоксид во атмосферата, кој како стакленички гас е најмногу виновен за климатските промени“, вели во разговор за БИРН, Елена Николовска, која спроведува проект за климатски промени во невладината организација „Еко свест“.

Екоактивистите очекуваат пожарот во Арктичкиот круг да биде пресвртница, по која нема да мора да користат сложени пресметки, анализи и студии за да докажуваат дека навистина се случува глобално затоплување. Ќе треба само да покажат кон чадот што се издигнува од најсеверните краишта на планетата.

„Имало и другпат пожари во Арктичкиот круг, но ни од далеку олку големи. Ова не може да биде инцидент, туку е последица на високите температури што долго време се задржуваат на тоа место, а кои се резултат на стакленичките гасови во атмосферата. Во Норвешка има температури над 30 степени со денови, во Сибир исто така, во Европа се уриваат рекорди, кога има толку многу „инциденти“, значи дека имаме тренд“, додава Николовска.

Паниката што сите овие случки ја создаваат, нема да ги реши проблемите, но Елена и нејзините колеги се надеваат дека таа ќе придонесе повеќе да се зборува за климата. Не само на Сибир, туку и во Македонија.

Пустина за 50 години или помалку

Сушите, пожарите и пороите ќе ја опустинуваат земјата | Фото: БИРН

Меѓувладините панел-научници од целиот свет што работат на климатските промени уште одамна имаат изработено сценарија што ќе се случува со Македонија и со регионот во наредните 30 до 50 години. Предвидувањата се дека во регионот ќе има повисоки температури и долги суши што ќе бидат прекинувани од поројни дождови, кои ќе траат подолго од сега и ќе ги одмиваат плодните слоеви почва. Ќе зачестат и невремињата со електрични празнења и со град. Сето тоа ќе придонесе земјата да опустинува и да станува непогодна за земјоделско производство и тешка за живеење.

Ова е позитивното сценарио, кое би се остварило ако во меѓувреме дополнително не се зголеми нивото на стакленички гасови во атмосферата, што би ги забрзало сите тие процеси.

Екоактивистите очекуваат пожарот во Арктичкиот круг да биде пресвртница, по која нема да мора да користат сложени пресметки, анализи и студии за да докажуваат дека навистина се случува глобално затоплување

„Нашите градови, нашите живеалишта не се прилагодени на такви услови. Направени се да функционираат во некакви нормални услови. Не се отпорни на поплави, ниту на топлотни бранови. Ние уште од сега треба да почнеме да планираме и сите средства буквално да ги истураме во прилагодувањето на сите сектори“, вели Николовска.

Прва на удар ќе биде храната. Како што објаснува, ако сакаме сѐ уште да се произведува храна во земјата, треба да заборавиме на идиличните пејзажи со шарени полиња. Сите посеви ќе мораат да бидат покриени со мрежи за заштита од град или да бидат затворени во пластеници и стакленици. Ако нема системи капка по капка, ќе нема ниту вода.

Одгледувањето свињи ќе станува невозможно бидејќи тие не можат да ги издржат високите температури, а кравите и другиот добиток сѐ помасовно ќе ги напаѓаат африкански болести, кои се шират бидејќи им одговараат временските услови.

„Ние мора да размислуваме што ќе работат сите тие луѓе што денес живеат од добиток, или од производство на  сточна храна, кога сето тоа ќе го снема“, нагласува Николовска.

Што (не) се прави за спас од катастрофа

Елена Николовска: Ќе мора да истураме пари за борба со климата | Фото: БИРН

Водно убаво се гледа од канцеларијата на „Еко свест“, на шестиот кат во зграда во скопскиот Голем ринг. Додека другите таму гледаат обична планина, Николовска гледа потенцијално ерозивно подрачје, на кое мора да престане да се гради и мора дополнително да се пошуми на повеќе места. Тоа е предвидено во климатската стратегија „Отпорно Скопје“, која се изработи со поддршка на УНДП. Од прозорецот се гледа дека се случува сосема спротивното.

„Дури и она што го имаме запишано на хартија, не го спроведуваме. Кога во градот ни требаат паркови што ефикасно би се справиле со поројни дождови и со аерозагадување, кои би вршеле повеќе функции истовремено, ние гледаме создавање тревни површини, кои вршат само една функција, го апсорбираат вишокот вода. Во град каде што целиот мал и голем ринг се еден голем топлотен остров, наместо да ги насочиме сите пари што можеме за повеќе дрвја, ние ги трошиме за садење трева, или дури за адреналински паркови“, посочува таа.

Кога станува збор за запишаното, тука има значителни отстапки од познатата девиза за земјава – сѐ имаме на хартија, а слаби сме само на теренот. Со години наназад се носат стратегии, акциски планови и други документи за борба против климатските промени. Тоа што нѐ интересираше е до каде е нивната реализација, колкав процент од мерките се спроведени, во кои области, колку пари се потрошени, уште колку ќе требаат за земјата поспокојно да ги дочека новите непредвидливи времиња.

„Колку што јас знам, нема таква проценка. Можеби ќе се прави сега, со оглед на тоа дека сега имаме пари од зелениот климатски фонд, можеби имаме и обврска да направиме проценка кои ни се ранливи сектори и колку пари би ни биле потребни да ги прилагодиме“, вели Николовска.

„Њујорк Тајмс“ објави алатка на која секој може да види колку денови над 32 степени имало во неговиот град кога бил роден, колку има денес, а колку се очекуваат во иднина. Скопје пред 50 години имало само четири дена со такви температури, пред 30 години имало девет, во 2017 се искачиле на 16, а по 40 години се очекува да има меѓу 24 и 56 дена годишно со екстремно високи температури.

Но, зошто е тешко да се пресмета, ако точно се знае што, каде и кога треба да се спроведе во земјоделството, заштитата на шумите, водоснабдувањето, урбаното живеење, здравствената заштита, енергетиката и другите т.н. ранливи области? Затоа што не се знае.

Стратешките документи, како што објаснува Николовска, содржат општи насоки што треба да се прави, на пример да се садат повеќе дрвја, да се најдат алтернативни извори на водоснабдување, да се подобри инфраструктурата итн. Најчесто ги немало компонентите кога, каде и со колку пари тоа треба да се направи.

„Не може план за прилагодување кон климатските промени да има пет или десет страници и да ги има лоцирано буквално сите проблеми. Ние не располагаме со многу податоци што се потребни за добри планови. Од друга страна, дури и да стои тоа на хартија, за секоја општина посебно, потоа тие потреби треба да се отсликаат во некоја национална стратегија за да има предвид владата што да субвенционира. Наместо како сега, на пример да се субвенционираат овошни насади без да се види дали тие се отпорни на климатските промени“, објаснува Николовска.

Граѓанските организации забележуваат дека од една страна ќе бидат потребни многу пари за овие проблеми, а од друга, државата има планови и стратегии што не се надополнуваат или се косат едни со други. Поточно – стратегиите за различни области, како за развој на земјоделството, енергетиката и други, не секогаш ги земаат предвид климатските промени, иако тие би требало да бидат потстратегии на стратегијата за справување со климатските промени.

Ќе нѐ спаси ли светот?

Нашите градови не се направени за да издржуваат поплави, вели Николовска | Фото: БИРН

Ако Македонија не успее да ги реализира своите планови и стратегии за да се заштити од климатските промени, ѝ останува уште една шанса. Тоа е големите држави во светот да ги спроведат своите обврски од Парискиот климатски договор, да се намали нивото на стакленички гасови, да се ублажи растот на температурите, па така драматичните промени што ги очекуваме можеби нема да се случат.

Колку е светот блиску до спроведување на потребните мерки за спас од климатските промени? Елена Николовска присуствувала на конференцијата во Париз и на уште три годишни климатски самити и изгледа како оптимист, со резерва.

„Многу дипломатија, многу лобирање, но мислам дека е многу потребно да се прави толкава фама секоја година, кога ќе ги собереш на едно место сите научници, сите институции што работат на климатските промени, сите сектори што се релевантни, и сите се што имаат нешто важно да кажат. Таму се политичарите да слушаат, тоа би требало да биде добра работа. Ама проблемот е што никогаш не слушаат. И секогаш се кршат копја затоа што станува збор за дипломатски односи и за висока политика“, ја опишува таа атмосферата на климатските самити.

Работите дефинитивно се движат напред, продолжува, но тоа движење е премногу бавно. Причината – не се исти заложбите кај сите држави и лидери.

„Германија вложува многу во соларна енергија, се затвораат рудници за јаглен и термоелектрани на јаглен, ама тие во Полска остануваат отворени. САД ги гледаме дека се повлекуваат од Парискиот договор комплетно, иако има сојузни држави што си ги спроведуваат мерките“, вели таа.

Шума од згради наместо од дрвја врз ерозивното Водно | Фото: БИРН

Смета дека Македонија како мала држава премногу несериозно ги сфаќа климатските самити. Секоја година претседателот на државата патува, одржува некаков говор, и толку. Според неа, тоа не се само протоколарни собири, туку таму има реални можности да се добие помош и поддршка за проекти што ѝ се потребни на земјата.

„Тоа што претседателот ќе го каже таму, може да влијае врз тоа какви фондови ќе привлечеме. На пример, ако зборува дека земјата ќе се ориентира кон соларна енергија, тоа ќе го слушнат и компаниите од таа област што можеби би инвестирале во овој регион“, објаснува Николовска.

Македонија може да користи средства од зелениот климатски фонд за да финансира проекти што би ѝ помогнале полесно да се справи со промените на климата. Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев одлучува со кои проекти ќе се аплицира.

„Досега првиот и единствен проект што го имаат добиено е подигнување на капацитетите на институциите што треба да се справат со климатските промени. Што е потребно, дефинитивно, но јас мислам дека треба многу повеќе да се фокусираме на земјоделството и на храната“, вели Николовска.

Од друга страна, земјава, иако ѝ требаат многу пари за да се подготви за влошување на климатските услови, има потежок пристап до овие фондови во споредба со понеразвиените земји. Како што објаснува Николовска, таму нѐ гледаат како кандидати за членство во Европската унија, не како неразвиена држава што целосно треба да се потпира на меѓународна помош.