Вести

Маргинализираните заедници на удар по кратењето на помошта од УСАИД

Десетици граѓански организации губат голем дел од своето финансирање

Жените кои со години трпеле семејно насилство многу често наоѓаа здравствена и психолошка поддршка, но и првично засолниште со помош на невладините организации. ЛГБТ луѓето, пак, кога ќе се соочеа со насилство во својата средина прибежиште наоѓаа во таканаречената Сигурна куќа. Но, сега ќе биде изгубена ваквата поддршка за маргинализираните заедници, кои се заборавени од државата.

Ова се всушност дел од ефектите кои веднаш се почувствуваа и во Македонија по извршната одредба на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се паузираа сите УСАИД проекти на 90 дена.

Toj ја потпиша одредбата уште на 20 јануари, денот на неговата инаугурација, а неколку дена подоцна сите грантисти на американската агенција за меѓународна помош, добија известување веднаш да ги прекинат своите активности.

Хелсиншкиот комитет веќе го затвори шелтер центарот Сигурна куќа , а како што вели извршниот директор на организацијата Коалиција Маргини, Славчо Димитров, се очекува дека голем дел од програмите ќе бидат укинати по периодот на суспензија.

„Oсобено ќе бидат скратени оние програми кои што се занимаат со различност, еднаквост и инклузија, кои се специфично таргетирани од администрацијата на Трамп“, рече Димитров.

Коалицијата Маргини ќе мора да прекине и со серијата програми кои се однесуваат на психосоцијална поддршка на жени кои се жртви на насилство и ЛГБТИ луѓе. Истовремено нејасно е дали организацијата ќе може да продолжи со давање и на правна поддршка, но и застапувањето на тековни судски случаи и работа со институции.

За илустрација, лани оваа организацијата и своите партнери, а со поддршка на УСАИД дале услуги на 142 жртви на семејно и родово базирано насилство.

Ефектите од ваквото кратење на парите се чувствуваат и низ регионот. Според анкета која ја одговориле 31 граѓанска организација од Западен Балкан, 23 организации изгубиле или веројатно ќе изгубат финансирање во вредност од повеќе од 11,7 милиони долари што во просек, претставува 36% од нивните буџети за 2025 година.

Пет организации за женски права изгубиле повеќе од 90% од својот буџет за годинава, а две веќе морале да ги затворат своите канцеларии.

Во регионот и десетици луѓе ќе ги изгубат своите работни места, а со намалени ангажмани ќе останат и над 200 психолози, социјални работници, адвокати и застапници.

Сара Миленковска, проектна координаторка во Коалиција Маргини, потенцираше дека ваквото кратење на парите е особено опасно во контекстот на растечките анти-родови движења во Македонија кои се борат против родовата еднаквост, правата на ЛГБТ заедницата и особено трансродовите луѓе, но често таргетираат активисти и новинари.

„Важно е да ги гледаме овие движења како безбедносна закана. Тие не само што шират говор на омраза против ЛГБТИ заедницата и маргинализирани групи, туку сè повеќе гледаме повици за насилство“, рече таа на средбата со новинари.

Пример за вакво таргетирање се случило со млад квир уметник кој соработувал со Коалција Маргини. На профилите на социјалните мрежи на фестивалот Скопје Прајд Викенд била објавена фотографија од уметникот кога бил дете, по што администраторот на страната на фестивалот бил двапати повикан на информативен разговор во полиција, затоа што стотици луѓе од анти-родовото движење таргетирано го пријавиле постот за педофилија.

„Згаснување на дел од организациите, значи и губење на јавен глас во демократската сфера кој ќе говори за овие прашања. Просторот кој што полека веќе се испразнува ќе стане простор за ширачите на дезинформации, говор на омраза и ќе биде полесно окупиран од анти-родовите движења“, заклучи Димитров.