Ракопис

„Маршал Тито“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

nebeska-skopjanovna1

 

Зимата 1985 година кога беше измерена најниската температура во Скопје од минус 25,6 степени, во кино „Култура“ се прикажуваше филмот „Билитис“ на Дејвид Хамилтон. Официјално, календарски, зимата беше започната на 21 декември претходната, 1984 година, но, суштински таа започна непосредно по новогодишните празници кога „Билитис“ беше ставен на репертоар. Од  14, од 18, од 20 и од 22 часот. Четирите проекции дневно беа ударно најавени со еден единствен плакат на улицата „Маршал Тито“ (ама огромен, речиси билборд за тоа време!) во кој директно гледаше прозорецот на изнајмената студентска соба на Џасмин Петровиќ. И зимата и студот и филмот за младата Србинка која студираше француски јазик во Скопје никогаш не завршија. И ден денес, како средовечна жена, Таа и во најтоплите летни месеци си  обува куси чорапчиња и се наметнува со памучни џемперчиња; а кој филм и да го гледа, во едното око секогаш ѝ се прикажува меката еротска драма од „Билитис“. Помеѓу Пети Д’Арбанвил како Билитис  и Мона Кристенсен како Мелиса. Тука некаде е и Бернар Жиродо, ама не како некој многу важен.

Џасмин Петровиќ пред да дојде „из Ниш“ во Скопје воопшто не беше слушнала ниту за Пјер Луис, ниту за неговата соблазна поема „Песните на Билитис“ од 1884 според која е направен филмот на контроверзниот Дејвид Хамилтон; не беше слушнала ни за Хамилтон дури, ама одлично знаеше француски од нигде никаде и беше речиси оглувена од сопствената сексуалност што татнеше во неа како непознат брз воз во кој ниту можеше да се качи, ниту можеше да престане да го чека…

Иако живееше на улицата „Маршал Тито“, Џасмин одеше на факултет преку мостот „Гоце Делчев“. Така ѝ беше кажано – така беше запомнила. Камениот мост сѐ уште не ѝ беше влегол ни в око, ни в нозе како логичен пат до слушалната во огромниот, бетонски факултет, каде што уште на првиот час срцето ѝ го украде Мирка, на Мирка – Ѕвонко, а… само некој час подоцна, Џасмин дозна дека токму таа, пак, му го украла срцето на Ѕвонко. Беше тоа невидена кражба! Три срца во еден ден! До новата 1985 срцата станаа најдобри пријатели. Или, непријатели,.. или несудени љубови,.. или отворен, недоцртан триаголник со три преостри, проколнати и раскрвавени агли…

Ѕвонко со денови умираше кандисувајќи ја Џасмин да каже „ Oui, je veux aller avec toi“ на „Билитис“, Џасмин умираше да оди на „Билитис“ со Мирка, Мирка – умираше само да седне до Ѕвонко каде било, макар и на „Билитис“. Се договорија да одат сите тројца заедно. На проекцијата од 14 часот… Филмот ги голтна сите тројца одеднаш и засекогаш. Џасмин ја препозна Мирка во Мелиса и не можеше да ја догушка и додопира во мислите… Дури во темнината срамежливо подаде рака кон нејзините мали гради, ама Мирка најдругарски на свет ја пресретна со својата студена дланка и ја стегна како блискост, како разбирање, како сѐ, ама не како возвратена страст. Нејзините вцрвенети образи беа за Ѕвонко кој, пак, сето време ја соблекуваше кутра Џасмин со своите големи, темни очи… Останаа сите тројца и на наредните три проекции тој ден, од 18, од 20 и од 22 часот. Никому не му се излегуваше од кино „Култура“, да можеа ќе останеа да го гледаат „Билитис“ до крајот на своите животи, или,.. барем додека не наполнеа педесетина години…

ulica-makedonija-a

Едно зимско утро, непосредно по новогодишните празници, додека го чекаше ѓезвето да се огласи на ринглата за да стави лажичка кафе во него, педесетгодишната Џасмин прочита: „Proslavljeni britanski fotograf Dejvid Hamilton (83), poznat po serijama fotografija aktova mladih devojaka, a nedavno optužen za silovanje svojih modela, nađen je večeras mrtav u svom domu u Parizu, saznaje se nezvanično“. Веста беше од пред два месеца, ама до Џасмин стигна токму тогаш. Малку ѝ беше ова да го дознае само на српски, затоа брзо-брзо побара информација и на француски јазик. „Le photographe David Hamilton retrouvé mort à son domicile parisien.“ Во едното око мигум почна да ѝ се прикажува меката еротска драма од „Билитис“. Со другото ја виде Мирка седната до неа во партерот на скопските младешки спомени. Ѕвонко, нивниот  Бернар Жиродо, ѝ седеше од другата страна, ама тој не беше некој многу важен. „Време е да отидам во Скопје“, свечено си соопшти себеси Џасмин и ја исклучи сѐ уште немата рингла. Речиси триесетте години што ја делеа од Скопје шумно зовреа.

Единственото место каде што можеше да отиде во Скопје и да биде препознаена и примена беше киното „Култура“. Му плати на таксистот пред Старата железничка станица и од Музејот на град Скопје, бавно, чекор по чекор, ја заоде „Маршал Тито“. Ништо не беше како во нејзините сеќавања. Сѐ беше станало поинакво, дури и растојанијата од една до друга продавница, кафуле… се беа смалиле. Некако сутесно ѝ стана и во душата. Го здогледа својот некогашен прозорец – нови завеси, веројатно и  со нови глетки од зад нив, а потоа погледот ѝ се лизна удолу, кон таблата „Улица МАКЕДОНИЈА“. „Го нема ни ‘Маршал Тито’ веќе“, рече Џасмин, ама ја слушна само шалот преку нејзината уста. Сврте десно, во уличето „Луј Пастер“.

kino-kultura-bilitis-a

Тропна на големата врата на кино „Култура“. Немаше кој да ѝ отвори. Се разврте, го немаше ни огромниот плакат, речиси билборд, за „Билитис“. Еден забрзан човек со мустаќи, стутулен во својата јакна, ја озаби големата врата на киното и пред да исчезне во некое ново внатре, ѝ дофрли на Џасмин:

  • Госпоѓо, барате некого?
  • Да. Киното „Култура“… Сакам да го гледам филмот…
  • Одамна не постои киното. Нема веќе филмови. Сега ова е Центар за современи изведувачки уметности и современа култура. Понекогаш има претстави…
  • А „Билитис“?
  • Не. „Ајнштајновите сништа“, „Солун – град на духови“, „Лерин – полиња жито, ридови крв“… Што е Билитис?
  • Јас сум Билитис – усрамено промрмори Џасмин и замина по „Луј Пастер“ кон Домот на АРМ кој сега беше којзнае што…

Беше студено, беше очајно студено, можеби дури и минус 25,6 како зимата 1985. Џасмин почувствува несовладлива потреба да ја гушка својата Мирка; Билитис да ја милува својата Мелиса… Во умот ѝ задуваа речениците на Пол Луис како алина: „Ние двете се мушнавме под покривка од проѕирен лен. Ги покривме дури и главите, а ламбата ја осветлуваше ткаенината над нас. Го гледав, така, нејзиното сакано тело во една таинствена светлина. Ние бевме поблиску една до друга отколку обично, посвои, поголи. ‘Небаре во иста кошула’, рече таа. Останавме покриени преку глаива за да бидеме уште пооткриени и во тесниот простор под покривката се мешаа мирисите на две женски тела, како на две природни кадилници. Ништо на светот, па дури ни ламбата, не нè гледаше таа ноќ. Која од нас беше онаа што љуби, а која љубена, само таа и јас би можеле да речеме. Но мажите за тоа нема ништо да дознаат.[1]

Човекот со мустаќи, стутулен во својата јакна, ја држеше големата врата на кино „Култура“ ширум отворена и втренчено гледаше во грбот на Џасмин. Изгледа беше Слободан Унковски.

kino-kultura-crkva-a

Фотоилустрација: З.Р.