Истражувањa

Многу кривични пријави за избори, малку во затвор

Од преку 800 кривични пријави за криминални дела поврзани со изборите, со 165 обвиненија и со 131 пресуда, во затвор казната ја издржале само четириесетина лица, покажуваат статистиките од 2008 до 2015 година. Ваквиот тренд главно се должи на партизацијата на институциите, како и на амнестиите на претседателот Ѓорге Иванов

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Секој шести осомничен за кривични дела поврзани со изборите бил осуден на првостепена судска инстанца, а секој трети (или 18-ти од осомничените), одлежал затворска казна, покажува истражувањето на БИРН. Бројките се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година, односно заклучно со последните одржани избори во 2014 година.

Во тој период, според податоците што ни ги достави Јавното обвинителство, биле поднесени кривични пријави против вкупно 818 лица. Обвинителството поднело обвиненија против 165–мина учесници во изборни кривични дела, а од нив во периодот 2008-2015 биле осудени 131 лице.

Обвинителството не достави податок колку од осудените ја издржале казната, но нашето истражување покажа дека од над стотината првостепени пресуди, во затвор завршиле неколку десетици, што значи дека во натамошната постапка голем дел од осудените добиваат ослободителни пресуди или бегаат.

Најмногу кривични пријави имало во 2008 година, кога во Македонија беа одржани најкрвавите, први предвремени парламентарни избори.

Извор: Јавно обвинителство на РМ

Но, иако уште од 2008 има пресуди за дела против изборите и гласањето, казните почнале да се спроведуваат дури од 2010 година, кога 6 луѓе заминале во некое од КПД-ата.

Но, иако уште од 2008 има пресуди за дела против изборите и гласањето, казните почнале да се спроведуваат дури од 2010 година, кога 6 луѓе заминале во некое од КПД-ата.

Титаник“ е епилог на драмата што започна уште во 2008

„Титаник“ е името на првата истрага на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тимот на обвинителката Катица Јанева почна да ги анализира „бомбите“, истражувајќи ги злоупотребите во изборни цели. На „бродот“ на СЈО, карта добија двајца поранешни министри (Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески), Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата, и тројца вработени во МВР, Киро Тодоровски, Надица Велевска и Мунир Пепиќ. Истрага беше отворена и за Едмонд Темелко, градоначалникот на општина Пустец во Република Албанија, како и за Коста Митровски, вработен во државната администрација и претседател на Општинската изборна комисија во Центар. Но, во поновиот историски период на РМ, трендот на изборни нерегуларности се забележува уште во 2008 г.

Тимот на обвинителката Катица Јанева почна да ги анализира „бомбите“, истражувајќи ги злоупотребите во изборни цели / Фото: МИА

Тимот на обвинителката Катица Јанева почна да ги анализира „бомбите“, истражувајќи ги злоупотребите во изборни цели / Фото: МИА

На први јуни 2008 година се одржаа шестите парламентарни избори во Република Македонија, први предвремени. На изборниот ден имаше неколку тешки инциденти, а во Арачиново во престрелка со полицијата загина едно лице. Во Чаир во близина на изборно место во дворот на ОУ „7-ми Март“ (денес „Адем Јашари“), беа ранети вкупно седуммина партиски активисти и избирачи. Двајца од ранетите имале тешки телесни повреди од куршуми, испукани од повеќечлена вооружена група во „изборна“ престрелка кон политички противници. Најтешко повреден беше Беќир Асани, долгогодишен член на ДУИ и локален партиски функционер во Чаир.

Петмина гласачи имаат телесни повреди по инцидентот, четворица од нив биле ранети со огнено оружје, а една жена е повредена кога паднала, барајќи место да избега од куршумите. Избирач со тешки телесни повреди е жена-пензионерка која добила куршум во колено, скршеница на потколеницата и скршеница на лакотот кога паднала покосена од куршумот на изборните насилници.

БИРН контактираше со роднини на неколку повредени гласачи и сите потврдија дека за лекувањето од изборните истрели сами ги плаќале сметките. Станува збор за повозрасни граѓани, а најмалку двајца од нив веќе починале, а не добиле отштета. Најтешко повредената жена во инцидентот е хендикепирана од тешките рани од куршуми на ногата.

Ѓорге Иванов и тогаш бил со „широка рака“

Во 2009 година скопското обвинителство поднесува обвинение против тројца напаѓачи, а судскиот процес трае речиси три години. Пресудата е изречена на 28 мај 2012-та година, но осудените никогаш не ја издржале казната на која се осудени, од по 7,5 години затвор.

Во одговорите кои ги добивме од скопскиот кривичен суд стои дека тројцата се водат дека се во бегство. Првообвинетиот во случајот е Бушат Хасани. Тој, иако од 2008 бил осомничен, а јавното обвинителство во 2009 му поднесува обвинение за изборни инциденти, е дел од амнестијата што ја потпишал Претседателот Ѓорге Иванов во април 2011 година.

Претседателот Ѓорге Иванов во април 2011 година ја потпишал амнестијата на Бушат Хасани кого јавното обвинителство во 2009 му поднесува обвинение за изборни инциденти

Иванов во 2011 година ја потпишал амнестијата на Бушат Хасани кого јавното обвинителство во 2009 му поднесува обвинение за изборни инциденти

По инцидентот во Чаир, Хасани не бил приведен ниту уапсен за тоа дело туку полицијата му открива пиштол во автомобил, поради што го апси и му поднесува кривична пријава за нелегално оружје. Додека тече правната постапка за изборните насилства, Хасани е осуден на 6 месеци затвор за оружјето. Тој бара амнестија од Претседателот Ѓорге Иванов и ја добива, иако во исто време против него веќе е подигнато обвинение за изборно кривично дело за кое е предвидена минимална затворска казна од минимум 5 години затвор. Во тој период претседателот нема право да помилува или амнестира осуденици за изборен криминал. Но, го помилувал за друго дело, што ни потврдија од Кабинетот.

Една година по амнестијата, Хасани е осуден на 7 години и 6 месеци затвор. Казната не е реализирана, затоа што заедно со уште две осудени лица веќе е во бегство. Поради тоа, ранетите не можеле да добијат отштета преку граѓанска парница за повредите нанесени на први јуни 2008 година.

Случајот е затворен, а во правосилната пресудата стои дека осудените заедно со уште неколку Н.Н. лица (непознати) учествувале во изборната престрелка. Досега не е утврдено кои се останатите лица, учесници во инцидентот. Тројцата осудени, утврдил судот, имале врска со политичката партија ДПА, додека двајцата нападнати, односно оштетени, биле членови на ДУИ. Покрај тоа, за превоз осудените користеле возила кои биле во сопственост на државни институции или јавни претпријатија.

Изборите во „бомбите“

Еден од осомничените во „Титаник“ е и Коста Митровски, претседател на општинската изборна комисија на Центар. Него опозицијата преку„бомбите“ го обвини дека сакал да украде изводи од избирачкиот список за да се убедуваат неизлезените гласачи во Центар да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој губеше од актуелниот градоначалник Андреј Жерновски. Во аудио записот од „бомбите“ се слуша дека Митровски успеал да извади избирачки ливчиња што биле надвор од вреќите, а Јанакиески го повикува веднаш кај него со ливчињата.

Откако беше обелоденета снимката на 10 март 2015 година, опозицијата во ДИК бараше разрешување на претседателот на Општинската изборна комисија за Центар, но мнозинството не одлучи така и Коста Митревски остана претседател на ОИК Центар и за референдум на општината за изгледот на ГТЦ.

Полиција инволвирана во изборен криминал

МВРО-ВМРО е кованицата која според опозицијата ја изговара поранешната министерка Гордана Јанкуловска, а е поврзана со нејзиниот опис на функционирањето на МВР во изборниот циклус во 2013 година. Но, има и многу други детали од „бомбите“ кои откриваат учество на полицајци или началници во изборни „ујдурми“.

Во еден аудио материјал се слуша како екс министерот Миле Јанакиески и тогашниот началник на СВР Струмица Марјан Наковски договараат брзо издавање на 300 нови лични карти. Законски постои можност избирач по брза постапка да ја обнови личната карта за еден ден за да го оствари своето уставно и законско право да учествува и да гласа на избори. Но, 300 избирачи?

Преправани записници на локалните избори во Чаир
Општинската изборна комисија во Чаир, на локалните избори во 2013 прогласи победник уште по првиот круг. Споредбата на записниците на партиските набљудувачи со резултатите кои до ДИК ги доставила ОИК во Чаир пак покажа разлика која може да го оспори легитимитетот на избраниот градоначалник. Кога во ДИК биле споредени записниците на набљудувачите и на ОИК, било утврдено дека оние на комисијата биле преправани, односно на првопласираниот кандидат Изет Меџити му биле додавани гласови, а им биле одземани гласови на неговите ривали. ДИК случајот го пријави во скопското Обвинителство, ја разреши комисијата чиј секретар беше Исмет Гури (сега осомничен од СЈО) и назначи нова ОИК. Обвинителството почна и истрага, се стигна и до обвинение, но не добивме информации за судска пресуда, објаснуваат од ДИК.

Наковски по локалните избори и по смената на директорската позиција во Бирото за јавна безбедност во МВР , од СВР Струмица заминува на позиција во Бирото како помошник-директор за Криминалистичка полиција. На таа функција е кога е објавена бомбата со негов глас и сѐ уште ја извршува истата работа во МВР.

Поранешниот началник на СВР Куманово, Љубомир Ѓурчевски вели дека според негови сознанија во последните години е забележливо поизразено учество на високи полициски функционери, но и на полицајци, во активности кои се многу слични на дефинициите на кривичните дела поврзани со изборите.

-Го имало и порано, но таквата употреба на полицајци или полициски началници во партиски изборни цели станува сѐ поголемо во 2011, бидејќи тогаш имаше тесна разлика помеѓу власта и опозицијата. Од изборите во 2011 година ми остана во сеќавање и случајот кога инспектори во цивил во цивилни возила на крим-полицијата развезуваа гласачи до изборни места во Шутка – вели Ѓурчевски за БИРН.

Според него, за сѐ е виновна партизацијата во полицијата, а полицајците биле користени и во предизборните партиски активности кога вршеле закани врз бизнисмени или на земјоделци, со цел да ги натераат да гласаат за владејачката партија.

Координирани казни за таксисти

Еден од помалку обработуваните изборни случаи произлезени од опозициските „бомби“, е кога вицепремиерот Владимир Пешевски бара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да санкционира, односно да им нареди на полицајците да вршат технички прегледи на возила и да пишуваат казни на возачи од одредена превозна компанија во Куманово на изборниот ден. Причината зошто тоа го бара, Пешевски ја објаснува со зборовите „затоа што возат за опозицијата“.

Во 2014 токму во Куманово, соговорник на БИРН кој е сопственик на превозна компанија, објаснува дека неговите возачи за помалку од два сата добиле десетици казни за сообраќајни прекршоци.

-Поради големиот возен парк на мојата компанија, бев избран од Општинската изборна комисија за 150 илјади денари да го вршам транспортот и на изборниот материјал и на членовите на избирачките одбори до изборните места. Рано наутро ја завршивме обврската, но после 10 часот почнаа да се јавуваат возачите дека полицијата ги казнува. Добија казни за изгребани сијалици, незапалени такси табли, за немање сијалица. За еден час им пишале 42 казни на моите таксисти, а некои имаа по две-три казни. Му се јавив на началникот на СВР Куманово за да се информирам, тој ми одговори „Па возите за една партија, тоа е работата“ – објаснува за БИРН, сопственикот на компанијата Делукс.

Никој не знае што е со прекршочната за изборите на Иванов

Покрај кривични дела, Изборниот законик предвидува и серија прекршоци за кои се предвидени парични казни до 5 илјади евра. Најпознат политичар кој од ДИК доби иницијатива за покренување на прекршочна постапка е претседателот Ѓорге Иванов, односно организаторот на неговата кампања за втората претседателска кандидатура.

Фалсификувани ливчиња без обвинителски епилог
Во 2013 г. на 4 различни гласачки кутии во Струшко беше најдено по едно ливче вишок. Станувало збор за високо квалитетни скенирани, и во боја отпечатени фалсификувани гласачки ливчиња. Основата за фалсификатот било гласачко ливче наменето за гласање на изнемоштено, болно лице. Фалсификаторот направил 4 копии, а подоцна тие заокружени за различни партии завршиле во 4 различни гласачки кутии. Струшкото обвинителство почна постапка, а ДИК нема добиено информации за завршување на истрагата.

На 14 март 2014 година Иванов организираше отчет на неговите претседателски активности од првиот мандат. СДСМ сметаше дека Иванов предвреме ја почнал кампањата и предложи прекршочна постапка. Државната изборна комисија одлучи да покрене иницијатива за поведување прекршочна постапка според член 179-б од Изборниот законик кој предвидува „глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на правното лице ако не го почитува рокот за започнување и завршување на изборната кампања (член 69-а став (2)).“

Иако уште тогаш членови на ДИК имаа сомнеж како во прекршокот на Иванов ќе се најде правно лице кое ќе ја плати глобата, иницијативата беше покрената и никогаш не доби епилог. Неколку медиуми објавија дека иницијативата е отфрлена, а на прашањето на БИРН, не сакаа да одговорат ниту во кабинетот на Претседателот. Нѐ упатија да бараме одговор од надлежниот суд.

„Кривичните дела против изборите се исти како оние со тероризам“

Главата број 16 од Кривичниот законик на РМ носи име „Кривични дела против изборите и гласањето“. Во оваа глава од член 158 до член 165-в (вкупно 11 членови од Законикот) ги регулираат изборните кривични дела и казните предвидени со нив. Изборните кривични дела во Кривичниот законик се веднаш по главата за кривични дела против слободите и правата на граѓаните, со што се покажува нивната важност за заштита на основното граѓанско право, слободно да се одлучува за изборот на власта.

Академик Владо Камбовски смета дека кршење на изборното и кривичното законодавство, не е ништо поразлично од другите тешки кривични дела како што е тероризмот.

– Без изборно законодавство, без регуларни и легитимни избори кои ја изразуваат волјата на граѓаните, фактички немате држава (демократска и правна), туку симулакрум од држава, односно група луѓе кои доаѓаат на власт и поставуваат и применуваат принудни правила како и секоја насилничка дружина. Во таква ситуација дури не може да се прави разлика со други тешки дела, како што е тероризам, тешки дела, кои како криминално неправо претпоставуваат постоење на легален и легитимен поредок, воспоставен со закон од легитимно избрана власт, и извршени дела како исклучок од правилото. Во случај на власт конституирана со злоупотреба на избирачко право и со повреда на казнените забрани, таа основна разлика меѓу правото (легитимна власт) и неправото (која било форма на криминал) се брише, вели поранешниот претседател на МАНУ, академикот Владо Камбовски, кој се залага за реформа и со тоа што Македонија ќе има една изборна единица со отворени листи.

Љубе и Агим

Кога на крај ќе се подвлече линија за да се види кој навистина одлежал затвор за изборни кривични дела, се јавуваат само две познати имиња Љубе Бошкоски и Агим Красниќи, иако на вториот не му е докажана намерата за ова кривично дело. Кондовецот Красниќи беше фатен во изборниот ден во 2008 година со оружје скриено во возилото со кое, според полицијата, тој се упатил кон повеќе избирачки места. На крај беше осуден за нелегално поседување оружје и злосторничко здружување.

Бошкоски пак, настрада во случајот „Кампања“, беше осуден за „Злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања“ (член 165-а од КЗ на РМ), за изборите во 2011 г. Петте пресудени години ги одлежа до последен ден, иако сето време тврдеше дека е наместен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Бошкоски, воедно, е единствениот македонски политичар или партиски функционер кој досега бил обвинет и суден за злоупотреба на финансии во изборна кампања во Скопје, каде што се седиштата на најголемите партии. Освен него, и покрај силните сомнежи во јавноста, пред сѐ и поради некои извештаи на самиот Државен завод за ревизија, никој друг не одговарал на прашањето од каде им се парите на партиите за избори.