Рустем Мустафа, еден е од над 100-те поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кого ССК го повикаа на разговор, врзано за неговата улога во војната 1998-1999. Тој не успеа да ги убеди ССК дека ги исполнува сите услови за добивање на правна помош.
ССК, односно т.н. Специјален суд, кој треба да им суди на поранешните припадници на ОВК за злосторства извршени помеѓу 1998 и 2000 година, за време и веднаш по војната во Косово, го одби неговото барање за надомест на неговите правни трошоци.
А дали Косово можеби ги рефундирало неговите трошоци, Мустафа не откри.
ССК, пред кои судењата допрва треба да започнат, обезбедува правна помош за осомничените и обвинетите кои можат да докажат дека немаат средства за да платат адвокат и при тоа, кога станува збор за доказите потребни за одобрување на правната помош, применуваат ригорозни процедури.
„Слично на многу јурисдикции, ако осомничениот или обвинетиот побараат правна помош од ССК, тој/таа мора да пополнат образец – „Изјава за средствата“. Во оваа форма, тој/таа мора да обезбедат сигурни официјални документи за неговите/нејзините финансиски средства и имотот, за да може канцеларијата на одбраната да утврди дали тој/таа ќе можат да ги платат трошоците за адвокат или не“, изјави за БИРН, Ангела Грип, портпарол на ССК.
„Ова ѝ овозможува на канцеларијата на одбраната да процени на кој начин едно лице ќе го плати адвокатот и дали да се препорача плаќање на правна помош. Ако некое лице не обезбеди информации или обезбеди лажни информации, правната помош може да биде одбиена“, додаде Грип.
Информациите вклучуваат банкарски извештаи за сите сметки на подносителот на барањето, извештаи за неговите кредитни и дебитни картички, детали за приватните или деловните средства, информации за акциите, обврзниците, инвестициите, бизниси, како и за неговите обврски и трошоци.
За разлика од процедурите на ССК, косовскиот закон за правна заштита и финансиска поддршка на лицата на кои ќе им суди судот во Хаг, не бара од овие лица да обезбедат сигурни официјални документи за нивните финансиски средства и имот.
Оваа година, од косовскиот буџет се издвоени 20 милиони евра, за да се обезбеди финансиска поддршка на обвинетите на кои ќе им се суди пред ССК.
„Иако се планира да се потрошат овие пари, тоа не значи дека тие ќе бидат потрошени во целост. Доколку не се потрошат, остатокот ќе биде прераспределен за следната година“, се вели во писмениот одговор за БИРН, на Министерството за правда на Косово.
Иако судењата сѐ уште не се почнати, обвинителите досега на разговор повикаа бројни припадници на ОВК, меѓу кои беше и претседателот Хашим Тачи, кој беше сослушан во јуни.
Судот во Хаг утврди правен надомест од 100 евра за еден час застапување, без оглед од каде доаѓаат адвокатите.
Ако некое лице треба да замине во Хаг, а нема пари за патување и сместување, тие трошоци ќе ги сноси судот. „Врз основа на оваа шема, има доволно средства за соодветна одбрана на обвинетите или жртвите“, нагласува Грип.
Косовското Министерство за правда одлучи да користи посложен пристап.
„Плаќањата ќе се вршат врз основа на тарифите утврдени од Адвокатската комора на Косово, адвокатската тарифа во Холандија, тарифата на земјата од каде потекнува адвокатот и тарифата на ССК“, велат од Министерството.
На сите на кои ќе им се суди, а кои ќе бидат ослободени од обвинението, ќе им се исплати надомест за деновите поминати во притвор, за материјалните загуби или за душевната болка што ја претрпеле како резултат на судењето.
Аријанит Коци, еден од косовските адвокати кој застапува дел од припадници на ОВК, вклучувајќи го и Рустем Мустафа, пред ССК, вели дека косовските власти треба да го следат примерот на ССК и да утврдат единствени тарифи за адвокатите, за да се избегнат проблеми.
Коци смета дека косовската јавност треба да знае колку им се плаќа на адвокатите, особено на оние, кои ќе бранат осомничени поранешни припадници на ОВК, кои денеска се на некоја функција.
„Во спротивно, криењето на оваа информација или нетранспарентноста, може да остави простор за злоупотреба на јавните пари“, рече тој.
Сепак, од Министерството за БИРН посочуваат дека „не можат да дадат пристап до документите поврзани со спроведувањето на законот за правна заштита и финансиска поддршка на потенцијално обвинетите лица пред ССК, бидејќи овие документи се доверливи врз основа на одлуката на премиерот од 31 јануари 2019 година“.
Минатата година, Министерството за правда потпиша договор со една американска и една британска адвокатска фирма, за обезбедување на „правно советување во изготвување, развој и презентирање на правната позиција на Косово“ пред ССК, во вкупен износ од 400.000 евра.
Според одлуката на премиерот од јануари 2019 година, документите во врска со активностите на овие адвокатски друштва се исто така доверливи, па затоа е нејасно што овие фирми всушност направиле за дадените пари.
Дискриминација на обвинетите пред домашните судови?
Секоја година, Косово издвојува три до четири милиони евра, за трошоци за правна помош за луѓето кои не можат да си дозволат адвокат, во случаите пред домашните судови, иако, според Судскиот совет на Косово, тоа не е доволно.
Директорот на косовскиот институт за правда, Ехат Мифтарај, вели дека ССК, гарантирајќи правна помош за сите оние кои не можат да си дозволат да ангажираат адвокат, ги поддржува „меѓународните принципи“.
Но, косовската влада ја удвојува оваа помош и на тој начин нуди „привилегии на одредена категорија луѓе“, посочува Мифтарај.
„Плаќањето на трошоците на група луѓе, потенцијално обвинети од ССК и неисполнувањето на обврските кон другите граѓани, кои се соочуваат со кривична постапка (пред домашните судови на Косово) претставува кршење на принципот дека сите се еднакви пред законот“, додаде тој.
Во согласност со практиката на другите меѓународни трибунали, ССК не предвидува исплата на патни трошоци за семејствата на обвинетите, кои би сакале да присуствуваат на нивното судење.
Сепак, Министерството за правда предвидува исплата на патни трошоци за потесното семејство и партнерите на обвинетите, и според нивната одлука, обвинетиот годишно можат го посетат до 12 членови на семејството.
При секоја посета се плаќаат патни трошоци за најмногу три лица, а бројот на посети е неограничен.