Аутизмот е релативно ново невролошко нарушување и според класичната медицина, лек сѐ уште не постои, бидејќи не се знае со сигурност што го предизвикува. Класичната медицина кај оваа дијагноза препорачува работа со дефектолог, логопед, психолог. Под аутизам се подразбира широк спектар на симптоми, од многу лоши случаи: невербални изолирани деца кои се нишаат, не ве гледаат во очи, имаат постојано болки во стомакот, напади на бес, агресија, самоповредување, па сѐ до деца со минорни проблеми во логиката, проблеми со изолација, дигестивни проблеми, деца кои не се агресивни.
„Ние спаѓаме во вторите“, ја започнува својата приказна една млада мајка чие дете страда од аутизам.
„Знаете ли кој шок го доживеавме кога ни кажаа дека Петар има аутизам? Се сеќавам дека еден месец плачев и постојано се прашував: ‘Зошто баш ние? Кога, како, од што?’ Кога се соземавме, одлучивме да го применуваме ‘ДАН’ протокол, и почнавме со терапија на скапи суплементи кои ги набавуваме од САД и Германија. Тие чинат 400 евра месечно. Нашето дете исто така оди на третмани со дефектолог, логопед, психолог кои чинат 200 евра месечно, а пробавме и со инјекции ГЦ Маф за кои дававме по 660 евра месечно.“
„Ја раскажувам мојата приказна за да го преставам нивото на очај, страв и паника кај родителите чии деца имаат тешка форма на аутизам “ ни кажа оваа млада жена која, иако првично се согласи да зборува јавно, сепак на крај реши идентитетот да не ѝ биде откриен.
Отров се продава како алтернативен лек
„Родителите соочени со тешката дијагноза, од една и со лавиринтите на нашата администрација, со чекање по болнички ходници, со упати, со ‘Мој термин’ , со нашиот здравствен систем во кој недостасуваат стручни лица, од друга страна, се чувствуваат безнадежно и очајно, и се свртуваат кон алтернативни методи, со што стануваат жртви на бескрупулозни измамници“, вели таа .
„Се нудат непроверени, неодобрени суплементи, постојат ‘чудотворни’ лекови и терапевти кои ве мамат и заведуваат да не купувате препарати од класичната медицина, велејќи дека тие ве трујат со хемикалии. Тие велат ‘купувајте од нашите производи, тие се 10 до 20 пати поскапи, но сигурно делуваат’. Ставаат слики од деца и пресреќни мајки, а всушност не можеш ниту една од овие приказни да ја потврдиш, ниту знаеш каде се лоцирани овие компании“ вели таа, признавајќи дека и самата посегнала по алтернатива во очаен обид да му помогне на детето.
„Знам, бидејќи на моето дете три месеци му убризгував ГЦ Маф инjекции, ги шверцував на царина како козметичко масло, а всушност не знам што содржат и не се одобрени од англиската и од Светската здравствена организација . И ништо не се случи по примањето на инекциите, никаква промена“, сведочи со растреперен глас нашата соговорничка за која секој ден е борба со аутизмот кај нејзиното дете.
Еден таков „чудотворен лек“ кој се продава тајно меѓу родителите на децата со аутизам е и препаратот TheMasterMineralSolution познат како ММС или ЦД протокол. Меѓутоа познавачите велат дека ММС е всушност – натриум хлорит, хемиско соединение кое во киселата средина на желудникот се претвора во хлор диоксид, агресивен гас, кој е експлозивен и е главна состојка на бојните отрови. Како таков се користи во индустријата за избелување на текстил и хартија и како силен дезинфициенс во базените и отпадните води. Со еден збор, натриум хлорит претставува високо токсично, корозивно средство, кое според својот состав е најслично на варикина.
Препаратот е забранет за хумана употреба од страна на Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА), како и од агенциите на Англија, Австралија, Ирска, Нов Зеланд, Германија и многу други земји. Во Канада е забранет поради неодамнешен случај на човек за кој информираа медиумите дека за малку ќе го изгубел животот од употреба на ММС.
Но, препаратот, иако забранет, не е недостапен. Тој може да се порача преку интернет и неговата цена, на поранешните југословенски простори се движи од 18 до 30 евра во зависност од тежината на пакувањето.
Постојат неколку веб-страници кои го рекламираат и од кои слободно може да се нарача, по што пратката се добива преку пошта.
Родителите, свесни дека препаратот е забранет за употреба, најчесто го набавуваат преку интернет или го внесуваат нелегално од Бугарија и Србија. Тие најчесто се поврзани преку тајни Фејсбук групи, затворени за неистомисленици.
Родителите кои се поборници на леков, уверени се дека ММС ќе ги уништи паразитите во нивниот организам кои наводно се причина за аутизмот, по што детето ќе оздрави или ќе се намалат симптомите.
„Родителите од Македонија не излегуваат јавно да зборуваат, бидејќи ММС е всушност варикина и мислам дека и тие знаат што им даваат на своите деца и затоа се кријат. Има приказни дека има подобрување, како едни мои пријатели кои го користат, а има и приказни дека не само што ништо не помогнало, напротив, состојбата се влошила “, раскажува жена која е член на овие групи, согласувајќи се на разговор под услови на анонимност, како што вели, за да не се соочи со бесот на останатите мајки кои кријат дека средството им го даваат на своите деца.
ММС на децата им се дава преку уста, со пиење или со клистирање. Поради одвратниот вкус, за кој велат дека е сличен на варикина, родителите ги приморуваат децата на тоа.
„Во склоп на процедурата спаѓа и клистирање на децата по 3 пати на ден, како наводно би се исфрлиле паразитите поради кои настанува аутизмот. Мајките обично ставаат и фотографии на кои се гледа изметот на децата во вид на врвки, кои според нивното убедување се исфрлени паразити (имаат и име, Ropeworm), а тоа е всушност излупена цревна мукоза со малку фекална содржина“ објаснува за БИРН Снежана Спировска, лекарка која е добро упатена во проблематиката.
Таа вели дека симптомите кои се јавуваат при пиење за кои родителите ги опишуваат, се класични симптоми на труење со хлор, повраќање, мачнина и дијареја.
Спировска која подолго време следи што се случува во овој домен, објаснува дека доколку некоја од мајките пријави класични симптоми на труење, тогаш другите мајки и администраторките одговараат дека всушност се работи „за започнат процес на прочистување” и дека тоа е само фаза кон целосното излекување и мора да се биде упорен со протоколот.
Кој стои зад чудотворниот лек
Водечка улога во промоцијата на ова средство на глобално ниво има извесна Кери Ривера. Таа го усовршила овој „протокол” за аутистични деца врз основа на работата на Џим Хамбл, кој под закрила на неговата црква за здравје и исцелување „Генезис“лечи маларија, канцер и СИДА во Африка со ММС.
„Бараме од луѓето да бидат серозни за изучувањето на ММС додека престојуваат на семинарот. Но, ние не кажуваме никому како да се однесува, кога ќе го напушти комплексот. Бараме од луѓето да доаѓаат тука и да ја следат обуката во текот на неделата, да го разберат сето ова како нивни бизнис, но кога ќе заминат сето она што го прават не е во наша контрола, ниту волја“се вели на официјалната веб страница на црквата.
„Главната база на црквата е во Доминиканската Република, каде што нашол уточиште и самиот Хамбл, бидејќи некои земји трагаат по него, а оваа држава не врши екстрадиција“, пишува британскиот „Гардијан“ во текст со наслов „Човекот што ги поттикнува болните и тие што се на умирање да пијат индустриско белило“ .
Во текстот на Сара Вотер, блогер истражувач, посветен на теми од областа на здравството, се вели дека Хамбл соработува со затворските служби во Африка, правејќи експерименти врз затворениците.
Таа потенцира дека Хамбл е еден од најбогатите луѓе во светот, годишно има по пет милиони муштерии, а во оваа држава е ослободен од даноци поради црквата. Тој не го продава само лекот, држи семинари, курсеви, обуки , по што новите членови за 10 дена добиваат сертификат и влез во црквата. Од богатите членови, црквата бара да донираат по еден милион долари.
Луѓе кои биле членови на затворената Фејсбук група на која се поттикнува примената на овој препарат на просторот на поранешните југословенски простори , велат дека зад пропагирањето на овој метод како чудотворен лек стои д-р Слаѓана Велков, контроверзна лекарка која има голем број следбеници на социјалните мрежи.
Според српските медиуми, иако Високото јавно обвинителство се заинтересира за нејзината работа, Слаѓана Велков продолжува преку Фејсбук да го форсира ММС и да дава совети.
„Нејзината документација е пратена во Обвинителството за високотехнолошки криминал кое се занимава со вакви случаи “ пишува српски Телеграф.
Медиумите се повикуваат на снимката поставена на Ју тјуб од една конференција во Словенија каде што Велков објаснува дека мајки од Македонија, Србија и од другите ЈУ простори веќе го користат MMS кај своите деца.
БИРН се обиде да стапи во контакт со Слаѓана Велков, но таа не одговори на прашањата кои ѝ беа испратени писмено, а Фејсбук групата за поддршка на овој вид лекување не е јавна. Влезот во тајната Фејсбук група каде што мајките разменуваат мислења, не ни беше дозволен.
Институциите „слушнале“ и допрва ќе разговараат
Следејќи ги социјалните мрежи и преписката на родителите, откако се уверила дека ситуацијата за многу аутистични деца станува загрозувачка и алармантна, Спировска случајот го пријавила во неколку македонски институции но, досега ниту една не покренала барање за истрага.
„Од никого од нив не добив никаков повратен одговор или реакција“, вели таа и додава дека со ваквиот „протокол“ родителите, иако во обид да го излекуваат, всушност го загрозуваат животот на детето.
БИРН побара одговор од Министерството за здравство, од каде посочија дека до овој момент нема добиено никаква претставка од родители за оваа појава. Но, апелираат до родителите да ги следат исклучиво препораките на стручните медицински лица, да не се користат средства кои можат да бидат штетни, а се препорачани од нестручни лица кои дејствуваат надвор од здравствени установи.
„Ќе разговараме со претставници на родители на деца со аутизам, како и со стручни медицински лица, со цел во континуитет да им укажуваме на родителите за штетноста од оваа појава, како и негативните последици од стручен аспект“, се вели во писмениот одговор од Министерството за здравство.
На Клиниката за детски болести тврдат дека се запознаени со ситуацијата, но велат дека досега не интервенирале при ваков вид труење. Лекарите знаат дека родителите го држат во тајност третманот, така што сметаат дека можеби некои случаи поминале и така, без да се дознае вистинската причина.
„Не ја исклучуваме можноста и да не сме добиле искрен податок за воведување на некои од овие супстанции од страна на родителите“, велат за Призма на Клиниката за детски болести.
Од Бирото за лекови пак, предупредуваат дека и варикината и хлор диоксидот кој служи како избелувач и за дезинфекција, се хемикалии кои се опасни по животот на луѓето доколку се пијат.
„Согласно одредбите од Законот за хемикалии, предметната смеса како производ кој се користи во домаќинствата за чистење или избелување, подлежи на постапка на регистрација во Министерството за здравство и спаѓа во групата на опасна хемикалија, корозивна за здравјето на луѓето и опасна по животната средина. Спаѓа во групата на биоцидни производи поради својството на ЦЛ-хлор како дезинфициенс. Хемикалиите што наоѓаат примена секаде и може секој слободно да ги купи и користи се регулирани со Законот за хемикалии“, објаснува Лидија Савиќ, од Бирото за лекови.
Производот што илегално се продава како „чудотворен лек“ во Србија каде што јавното обвинителство покрена истрага за високотехнолошки криминал е испитан во ВМА (Воено медицинската академија) во Белград.
Алекасандар Батричевиќ, инженер по биотехнологија и биохемиско инженерство, во изјава за БИРН е категоричен – ММС е високо токсична материја. Тој вели дека кога ова средство ќе се најде во киселата средина на желудникот, поради нискиот PH станува нестабилно и ослободува гас наречен хлор диоксид.
„Значи ММС е натриум хлорит кој кога ќе стигне во желудникот станува хлор диксид. Класификацијата му е Т+ , што значи висока токсичност, опасен по животната средина. Во организмот на човекот ги оштетува ткивата, ги нагризува, пече, ги кине синџирите на ДНК, протеините, може да предизвика анемија и внатрешно крварење“, објаснува Батричевиќ.
Комбинацијата на натриум хлорит и лимонска киселина кои го сочинуваат ММС, може да направи хаос во организмот и да доведе до смрт, алармираат токсиколозите.
„Доза од 10 до 15 грама може да доведе до откажување на бубрезите и да предизвика смрт кај човекот. Во помали дози предизвикува мачнина, повраќање и дијареја. Ова е класично средство за избелување и дезинфекција и просто е неверојатно некој да го препорачува како ‘спасоносен лек’“, тврди проф. д-р Драган Јоксовиќ, токсиколог на ВМА, пренесува„Политика“.
И додека во САД е во тек судски процес во кој со казна од максимални 34 години затвор се соочува извесен Луис Даниел Смит, кој заедно со неговите следбеници продавале ММС, институциите во Македонија се инертни, а очајните родители во потрага по спас практично тајно, во сопствените домови ги принудуваат своите деца да пијат отров.
Реакција има само од Првата детска амбасада „Меѓаши“ од каде што потсетуваат на Конвенцијата на правата на децата. Оттаму апелираат до сите родители да внимаваат во изборот на методи и средства кои ќе ги користат во насока на подобрување на квалитетот на живеење и здравјето на нивните деца, затоа што одговорноста е на нив.