Вести

На Пешевски, Канческа и Трајковски ќе им бидат одземени пасошите

За барањата за притвор за Груевски, Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески одлуката ќе се знае најрано утре

Кривичниот суд одлучи на Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер обвинет за случајот „Траекторија“ да му ја одземе патната исправа. Истата одлука е донесена и за Елизабета Канческа – Милевска, поранешна министерка за култура за случајот „Тендери“, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски за случајот „ТНТ“. За сите овие лица СЈО бараше да им се одреди притвор.  

На тројцата обвинети за „Тарифа“, исто така им се одземени пасошите, со обврска да се јавуваат еднаш неделно пред суд. Патната исправа ќе му се одземе и на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник министер во МВР, за случајот „Трезор“, поврзан со набавката на опрема за следење на електронски комуникации од 860 илјади евра преку фирмата „Финзи“, а за потребите на МВР.

За Мендух Тачи, обвинет за Титаник 2, одбиено е барањето на СЈО за определување мерки за претпазливост. СЈО бараше на Тачи да му се забрани да одржува контакти или врски со определени лица, но судот го одбил тоа барање.

За случајот „Топлик“, судот го уважил барањето за одредување мерки за претпазливост на 5 лица. За сите петмина обвинети за „ТНТ“ одредени се мерки за претпазливост, а судот го одбил барањето за притвор за градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и наместо тоа ќе му се одземе пасошот и ќе биде задолжен секој вторник да се јавува во суд.

За случајот „Траекторија“ притворот се одбива за поранешниот вицепремиер Пешевски и нему, заедно со поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, одредени им се мерки за претпазливост.

Двата најголеми предмети на СЈО, „Таргет и Тврдина“ и „Титаник“ вчера вечерта беа предадени во Кривичниот суд, што значи дека најрано утре (недела) може да се очекува одлука за барањата за определување мерка притвор.

За овие предмети, мерка притвор се бара раководните луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.

Вчера беа објавени одлуките на судот за случаите „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“.

За случајот „Тотал“, во кој е обвинет уредникот на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ Латас за даночно затајување, судот одлучил да не му одредува мерка притвор, но одземен му е пасошот и тој има обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува во Основниот суд.

Во случајот „Тифани“ обвинета е Ивона Талевска, уредник во „Вечер“ и во „Сител“ за даночно затајување. И неа ѝ е одземен пасошот и таа има обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува во судот.

Во предметот во јавноста познат како „Тревник“, каде што се обвинети три лица, меѓу кои и Драган Павловиќ Латас, а се однесува на бесправно градење на три викенд куќи во Зелениково, определени се мерки за претпазливост против З.П. и С.П. Тие секој работен понеделеник во месецот треба да се јавуваат кај надлежно службено лице во судот, а одземени им се и патните исправи и имаат забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

За случајот познат како „Тортура“, поврзан со апсењето на Љубе Бошкоски, за шест припадници на единицата за брзо распределување „Алфи“ определени се мерки за претпазливост. За Ивица Анчевски – Пуки, поранешен командант на единицата „Алфа“ определено е секој петок во месецот да се јавува во суд а има и забрана да се приближува и да одржува контакт со друго лице, наведено во решението на судот. За останатите петмина припадници на „алфите“ беше определено секој петок да се јавуваат пред суд.

За случајот познат како Титаник 3, одбиено е барањето за притвор против Е.А. за уништување на изборен материјал.

За овие одлуки, СЈО најави дека ќе поднесе жалби до Апелацискиот суд во понеделник.