Над 780 илјади евра се планирани да се потрошат за украсување и декорирање на општините во земјава за Новата 2017 година. Оваа сума е за 60 илјади евра повисока од минатата година, покажува анализата на јавните набавки од Центарот за граѓански комуникации.
Во анализата се опфатени 31 општина, од кои дел веќе склучиле договори за украсување, дел спровеле е-аукции и земени се предвид постигнатите цени, а за дел пресметана е проценетата вредност на набавките.
Најмногу пари за украсување за 2017 година ќе потроши градот Скопје – над 195 илјади евра, што е за 25 илјади евра повеќе од лани. Договорот е склучен со фирмата Линк Медиа Плус ДООЕЛ, истата компанија која редовно добива тендери за украсување. Годинава, со оваа компанија веќе се склучени пет тендери, а на уште пет постигнала најповолна цена на електронските аукции и е сосема извесно дека ги добие овие тендери. Ова значи дека само годинава, Линк Медиа Плус ќе добие договори вредни над половина милион евра, што е две третини од целиот „бизнис“ за новогодишно украсување.
Планираните 600.000 денари за традиционалното новогодишно украсување на Кичево ќе бидат пренаменети за социјално загрозените семејства, соопштија од општината. Од општината соопштија дека целта е подобрување на егзистенцијалната помош на загрозените семејства.
Оваа фирма досега има склучено договори со Град Скопје, Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Струмица, а по електронските аукции се очекува да ги склучи договорите и за општините Куманово, Валандово, Гевгелија, Радовиш и Гази Баба.
Втор најголем тендер годинава за украсување го има општината Карпош, во вредност од над 100 илјади евра. Трета општина што ќе потроши најмногу пари за новогодишно украсување е општината Центар, која што склучила договор од 57 илјади евра со фирмата Линк Медиа, што е за две илјади евра повеќе од минатата година.
Овие три општини и минатата година беа на прво место според потрошени пари за светилки, фигури и новогодишни елки.
Ако се анализираат податоците во однос на бројот на жители, произлегува дека општината Карпош ќе потроши најмногу пари за украсување по жител. Според пресметките, еден жител на Карпош украсувањето ќе го чини 1.7 евра. Центарци украсувањето ќе ги чини 1.25 евра по жител, додека пак еден жител на Гевгелија украсувањето ќе го чини едно евро.
Во јавноста наголемо се ширеа апели оштините да ги откажат новогодишните прослави и парите да ги пренаменат во хуманитарни цели. Засега, само Град Скопје одлучи да ја откаже новогодишната прослава за дочек на 2017 година на плоштадот Македонија, која требаше да чини 2 милиони денари односно околу 32 илјади евра. Градот ќе ги донира парите во социјални цели.
И Општина Центар прави анализа колку би ја чинело доколку ги откаже веќе склучените договори за настап на новогодишните прослави, по јавните апели овие прослави да се откажат, а парите да се донираат во хуманитарни цели.
Сепак, останува податокот дека само за новогодишните елки, украси и светилки, од буџетите на општините ќе се одлеат над 780 илјади евра.