Пишува: Иван Чаѓеновиќ | Подгорица, Вирпазар, Скадар
На Скадарското Езеро, некои тоа го прават на полесниот начин: ставаат електроди во водата за да уловат крап и јагули со помош на струја од 110 волти, што доаѓа од трансформатор приклучен на автомобилски акумулатор. Додека зашеметените риби испливуваат на површината, тие ги собираат и ставаат во чамецот.
Други пак ги одмотуваат мрежите и ги распостилаат по калливото дно. Предавнички редови со стапови може да се видат по крајбрежјето на јужната граница на Црна Гора со Албанија.
Но, според еден од црногорските рибокрадци на најголемото езеро на Балканот, старите начини се најдобри. Она што порано било правено со фенери денес се прави со батериски лампи.
Во брод со рамно дно под превезот на темнината, тој свети со батериска светилка во плитките води каде што живее крапот меѓу трските. Кога ќе забележи крап, тој фрла харпун со три запци. Ретко промашува и може да фати над 100 риби во една ноќ.
„Ако не можам да фатам риба или две, би требало да убијам некого”, вели со насмевка крупниот рибокрадец за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).
Одбивајќи да биде идентификуван, 45-годишниот татко на три деца објаснува како неговото семејство со генерации лови риба во езерскиот регион Зета, јужно од Подгорица.
Харпуните се строго забранети на Скадарското Езеро. Исто како и риболовот со електрична енергија, подводните пушки или динамитот. А за време на сезоната на мрестење, од средината на март до средината на мај, забранети се и сите други средства за риболов, вклучувајќи трски и мрежи.
Но, забраната не е пречка за рибокрадците.
Локалните жители кои живеат во националниот парк на црногорската страна од езерото се шегуваат дека во текот на ноќта областа станува виртуелен Лас Вегас заради трепкачките батериски лампи.
Иако рибокрадците ризикуваат да бидат казнети со парични казни во висина до 20.000 евра и три години затвор, малкумина некогаш биле кривично гонети.
Рибокрадецот од Зета, вели дека чуварите на паркот го фатиле неколку пати и го пуштиле.
„Главно тие се луѓе од оваа област”, вели тој. „Понекогаш, некои од нив ми се придружуваат”.
Активистите кои се борат за заштита на животната средина предупредуваат на еколошка катастрофа во една од последните слатководни дивини во Европа, заради рибокрадците кои со струја, харпуни, јадици и мрежи секоја година бесправно ловат риби во вредност од милиони евра и поминуваат речиси без никаква казна.
Голем дел од уловот се продава на блиските пазари во Подгорица и крајбрежниот албанскиот град Скадар, каде скадарскиот крап се смета за деликатес.
„Најголем дел од луѓето имаат визија за Скадарското Езеро како гигантски банкомат во кој наместо да внесуваат ПИН код, можат да украдат колку што сакаат риба”, вели Данило Мрдак, ихтиолог и професор по биологија на Универзитетот на Црна Гора во Подгорица.
Ако не можам да фатам риба или две, би требало да убијам некого
црногорски рибокрадец
Иако локалните рибари отсекогаш сметале дека е нивно право стекнато со раѓање да го експлоатираат езерото, еколозите велат дека најголема закана за риболовните резерви е сѐ поорганизираното рибокрадство и корупцијата што му овозможува да цвета.
Во регионот познат како главна рута за криумчарење за време на насилниот распад на Југославија во 1990-тите, велат дека технолошки поткованите криминалци сметаат дека повеќе се исплаќа да ловат риба отколку да шверцуваат оружје или наркотици. Исто така, многу е полесно да се извлечеш неказнето.
„Потешко е да се фати рибокрадец на Скадарското Езеро, отколку да се уапси дилер на дрога”, вели Дражен Ивановиќ, главниот на рибочуварите, кој е задолжен за заштита на црногорската страна од езерото, кое претставува заштитен национален парк.
„Со технологијата сите се поврзани и информациите се шират со брзина на светлината. Станува збор за некој вид на организиран криминал. За жал, тешко можеме да загребеме под површината, бидејќи сме ограничени со ресурси, опрема и луѓе”.
„Треба да бидеме оружени“
Принципите за заштита на животната средина се втемелени во црногорскиот устав и барем на хартија, земјата има строги закони за заштита на животната средина, регулирање на риболовот и управување со националните паркови.
Два меѓународни договори, исто така, го штитат Скадарското Езеро: Рамсарската конвенција за заштита на водните живеалишта и Бернската конвенција на Советот на Европа за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа.
Со црногорската страна од езерото, што претставува две третини од езерската површина, управува јавното претпријатие Национални паркови на Црна Гора (НПЦГ), формирано во 1993 година според одредбите на Законот за национални паркови и Законот за заштита на природата.
Но, задачата за спречување на рибокрадците е одговорност на само 13 чувари кои работат во Службата за заштита на националниот парк на НПЦГ, под раководство на Ивановиќ.
Во текот на една смена работат само четворица рибочувари покривајќи територија од 600 квадратни километри.
„Постојат околу 10 Вибер групи [апликација за праќање на мобилни пораки преку интернет] за следење и известување за секој чекор што го правиме”, вели Ивановиќ, жалејќи се на застарените чамци и опрема на неговиот тим.
„Ни требаат ноќни двогледи. А пред сѐ треба да бидеме оружени”.
Додека на рибочуварите не им е дозволено да бидат оружени, во регионот што стана синоним за шверц на оружје за време на последните денови на Југославија во 1990-тите, нема недостаток од оружје.
Иако војната и санкциите ја зголемувале хиперинфлацијата во Србија и Црна Гора, последните две републики што останаа од Југославија по распадот во 1992 година, криумчарите со оружје на Скадар сметале дека е попрофитабилно преку езерото да шверцуваат други стоки од Албанија: цигари, гориво, облека и дрога.
Ова траело до падот на српскиот моќник Слободан Милошевиќ во 2000 година, по што шверцерите почнале да се вртат кон незаконскиот риболов, велат локалните жители и активисти за заштита на животната средина.
До моментот кога Црна Гора прогласила независност во 2006 година, незаконскиот риболов веќе бил полноправна криминална индустрија.
„Има околу 10 Вибер групи за следење и известување за секој чекор што го правиме”
Дражен Ивановиќ, раководител на чуварската служба при јавното претпријатие Национални паркови на Црна Гора
Ивановиќ проценува дека рибокрадците секоја година незаконски ловат риба во вредност меѓу седум и девет милиони евра од езерото во Црна Гора.
„Не сум задоволен од бројот на пријави за кривични дела или количината на одземена риболовна опрема”, вели тој. „Но, имајќи предвид на колку малку луѓе можам да се потпрам, не можам да се пожалам”.
Во првите шест месеци од 2017 година, властите поднеле кривични пријави против 17 лица, откако чуварите конфискувале опрема, вклучувајќи трансформатор, пушка, два чамци и три електроди, изјавија од НПЦГ.
Јавното претпријатие, исто така, покренало прекршочни постапки против 20 лица по конфискувањето на 42 мрежи, три харпуни и голем број на светилки и контејнери за гас.
Ваквите постапки не им носат утеха на луѓето кои се грижат за заштита на животната средина и се загрижени заради опаѓањето на резервите на риба.
Во извештајот објавен во октомври од страна на германската агенција за меѓународен развој (ГИЗ) биле истакнати бројни закани за рибите заштитени со националното и европското законодавство за конзервација.
„Економските видови, како што се крапот или плашицата, се ловат неорганизирано, а понекогаш и незаконски, без да се знае колкави се резервите и максимално одржливите приноси”, се вели во извештајот.
Мрдак, ихтиологот од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот на Црна Гора, проценува дека рибокрадството изнесува 60 отсто од сите риболовни активности на Скадарското Езеро.
Според него, риболовот со струја е најголем непријател на 30 автохтони и повеќе од десетина неавтохтони видови риби кои живеат таму.
Во 2013 година, тој направил студија со која се откри дека популацијата на плашица е намалена за 90 отсто поради прекумерниот риболов.
Тој лобирал за забрана за фаќање на малите сребрени риби во текот на целата година, за да им се овозможи на резервите да се зголемат. Минатата година, НПЦГ вовел мораториум за риболов на плашица, иако ихтиолозите до следната зима нема да знаат дали тоа функционирало.
Во меѓувреме, Мрдак сака едногодишна забрана за ловење крап.
„Во текот на последните неколку години забележавме дека поголемите примероци на крап стануваат екстремно ретки, дури и кај професионалните рибари, што укажува дека овој вид е под голем притисок и затоа има мали шанси рибата да преживее доволно долго за да порасне пред да биде уловена”, вели тој.
„Индиректниот доказ за ова е екстремно високата цена за големи примероци крап”.
Просперитетен пазар
Локалните жители велат дека вкусот на крапот од Скадарското Езеро доаѓа од чистотата на водата што се влева во езерото од северните планини на Црна Гора преку реката Морача.
Пред најголемиот затворен пазар во Подгорица, БИРН имаше можност да види продавачи кои незаконски продаваат крап од задниот дел на камионите, за време на сезоната на мрестење.
Сѐ уште живи во пластични кеси, некои со рани од харпун, рибите чинат околу пет евра за килограм, барем двојно повеќе од цената во други делови од годината кога риболовот е дозволен. Големиот крап може да чини околу 100 евра.
Рибокрадците од тесно поврзаните заедници во регионот Зета велат дека тоа е просперитетна трговија што се потпира на доверливи посредници, кои го минуваат 20-минутниот пат помеѓу езерото и Подгорица, додека рибите сѐ уште се препелкаат.
Еден од нив вели дека вешт рибокрадец би можел да заработи 1.000 евра месечно од риболов со помош на струја. Просечната месечна плата во Црна Гора е околу 500 евра.
„Го користам истиот сигурен дилер веќе 10 години”, вели тој. „Тој веројатно им ја продава рибата на рестораните и продавачите на пазар. Тој плаќа најдобро”.
Од Инспекторатот за риболов и земјоделство, дел од Министерството за земјоделство, во јули изјавија за БИРН дека ги следат пазарите и рестораните заради продажба на незаконски уловена риба. Но, соопштија дека не добиле извештаи за криминални активности.
Тие никогаш не носат лични документи, па не можеме да го утврдиме нивниот идентитет
Црногорски чувар во националниот парк, Радоња Марас
На Скадарското Езеро постојат многу докази за прекршување на законите.
Една студена ноќ во мај, за време на забраната за риболов, двајца рибочувари биле во патрола во близина на утоката на реката Морача, извлекувајќи ги незаконските мрежи надвор од водата.
Некои мрежи биле подолги од 100 метри и полни со крап. Една мрежа се заплеткала во моторниот чамец; бил потребен еден час за да се ослободи со помош на жилет.
Тие велат дека нема многу надеж оти ќе ги фатат рибокрадците на дело, бидејќи криминалците обично на првиот звук од нивните мотори се кријат зад трските во плитката вода која е недостапна за поголемите чамци на рибочуварите.
Понекогаш рибочуварите само беспомошно гледаат како рибокрадците, само неколку метри подалеку, ги исмејуваат од чамците со рамно дно од фиберглас.
Дури и ако ги фатат, често не можат многу да направат.
„Тие носат рударски шлемови со рефлектори и качулки, па не можеме да ги препознаеме и никогаш не носат никакви лични документи, за да не можеме да го утврдиме нивниот идентитет”, вели Радоња Марас, зборлив рибочувар кој е на оваа работна позиција неколку месеци.
За време на еднодневното патување со најмен чамец, БИРН виде како рибокрадците дрско се спротивставуваат на забраната за риболов околу островот Грможур, што се наоѓа на северозападниот дел од езерото, во близина на градот Вирпазар. На островот порано имало затвор.
Со поглед на урнатините од затворот од 19-ти век, наречен црногорскиот Алкатраз, тие поставувале мрежи и фрлале рибарски трски.
Во близина на реката Гостиљ, рибокрадците фрлале електроди во водата полна со трска и ваделе риба по риба.
Кога во далечината се појавил бродот на рибочуварите, сѐ запрело.
Наводи за корупција
Но, појавувањето на рибочуварите не е секогаш пречка. Според активистите и локалните рибари интервјуирани од страна на БИРН, чуварите на Скадарското Езеро понекогаш се дел од проблемот.
„Рибочуварите се делумно одговорни за високата стапка на рибокрадство”, рече Жељко Раденовиќ, риболовец и активист во Тимот за заштита на крапот, невладина организација посветена на заштита на рибните резерви во Скадарското Езеро.
„Најчесто станува збор за непотизам или земање мито, а честопати и самите се рибокрадци”.
Раденовиќ и другите риболовци од Тимот за заштита на крапот го набљудуваат езерото и ги информираат властите секогаш кога ќе видат ловење риба со помош на струја.
Еден долгогодишен рибокрадец изјави за БИРН дека има слушнато за нелегални рибари што им плаќале мито на рибочуварите или им давале процент од нивната продажба – иако тој тврди оти никогаш не го сторил тоа, бидејќи лично ги познавал повеќето рибочувари.
„Еднаш му одзедоа харпун и неколку рибарски мрежи на татко ми, но брзо потоа сѐ му вратија”, вели тој. „Опасно е само кога ќе дојде нов рибочувар. Но, набрзо ја губат волјата да си ја вршат својата работа, особено по нивната прва плата”.
Рибочуварите велат дека заработуваат меѓу 200 и 300 евра месечно.
Рибочуварите се делумно одговорни за високата стапка на рибокрадство
Жељко Раденовиќ, рибар и еколошки активист
Во 2013 година, Службата за заштита на националните паркови се појави на насловните страници откако еден рибочувар доставил внатрешен извештај со жалење дека тројца негови колеги го спречиле при одземањето на генератор што се користел за риболов со струја.
Според документот до кој дојде БИРН, другите рибочувари го сториле тоа бидејќи сопствениците на генераторот работеле за моќен локален бизнисмен.
Ниту еден од тројцата чувари не го загубил работното место ниту пак бил суспендиран, иако на еден од нив платата два месеци му била намалена за 20 отсто како казна, велат од НПЦГ.
Ивановиќ, кој ја презел функцијата шеф на службата во 2016 година, е еден од ретките чувари кои не се од областа. Тој доаѓа од регионот Кучи во близина на албанската граница, североисточно од Подгорица и сега живее во главниот град.
Запрашан околу наводите за корупција меѓу рибочуварите, тој ниту ги потврдил ниту ги негирал обвинувањата, но изјавил дека му е потребен помлад кадар, надвор од регионот, кој би имал подобро разбирање за еколошките прашања.
„Мојата доверба е на такво ниво што мора да ги користам истите двајца или тројца луѓе да го покријат целото заштитено подрачје, па затоа мораат да работат прекувремено”, вели тој.
Ивановиќ ги обвинил претставниците од НПЦГ за неможност да се справат со предизвиците со кои се соочува неговата служба и вели дека ќе бидат потребни најмалку 30 добро обучени чувари за да се обезбеди 24-часовна заштита на езерото.
Од НПЦГ велат дека иако не добиле извештаи за корупција меѓу чуварите, ја препознале потребата за повеќе рибочувари и наскоро ќе вработат уште две лица.
Од таму, исто така, планираат да ја подобрат опремата на чуварите, вклучувајќи чамци, ГПС уреди, двогледи и камери, се вели во електронската порака испратена од канцеларијата за комуникации на НПЦГ.
На почетокот од ноември, полицијата по дојава уапсила наводен рибокрадец. Тие изјавиле дека го фатиле 34-годишниот Милорад Марас со трансформатор, батерии, електрода и одредена количина риба во неговиот брод. Тие го обвиниле за нелегален риболов, што тој го негира.
Се покажало дека човекот бил син на долгогодишниот чувар Миленко Марас, кој бил во патрола на истиот дел од езерото непосредно пред апсењето.
Марас вели дека не видел никаква нелегална активност и дека неговиот син мора да бил „наместен”, иако не кажува од кого.
Од НПЦГ соопштиле дека ќе отворат истрага.
„Парадигма за општеството“
Од другата страна на границата, во Албанија, со Скадарското Езеро управува Организацијата за управување со риболовот на Скадарското Езеро (ОМП).
Јавното претпријатие беше погодено од скандал откако БИРН во 2014 година објави обвинувања дека ОМП бара рекет за заштита на рибокрадците кои рибарат со електрична струја.
Арјан Чинари, раководител на ОМП, отсекогаш негирал дека сторил нешто лошо.
Зборувајќи пред неговата канцеларија во Скадар, со панорамски поглед на езерото зад него, тој повтори дека тој и неговите луѓе немаат никаква врска со бесправен риболов или земање мито.
„Тоа никогаш не се случило”, вели тој. „Тоа би било како да му дозволите на крадец слободно да влезе во вашата куќа”.
Чинари вели дека имало тешка борба меѓу локалното население за промена на ставовите кон рибокрадството, кога тој ја презел работата пред една деценија, но сега поголемиот дел од незаконскиот риболов се одвива на црногорската страна од границата.
„Дознав дека во Црна Гора користат електрична енергија за риболов и трансформатори кои можат да ослободат 800 до 1.000 волти”, вели тој.
Тој додаде дека неговите чувари често гледаат батериски светилки и докази за рибарење со струја во близина на Потем, црногорско гранично село на североисточниот дел од езерото.
Тоа би било како да му дозволите на крадец слободно да влезе во вашата куќа
Арјан Чинари, раководител на Организацијата за управување со риболовот на Скадарското Езеро во Албанија
Деник Улќини, биолог од Универзитетот во Скадар, вели дека рибокрадството ги погодува двете страни на границата подеднакво.
„Мислам дека мора да направиме проценки за бројот на риби во целото езеро и да ја поттикнеме [албанската] држава да се вклучи во заштитата на езерото”, вели Улќини.
Црногорскиот шеф на рибочуварската служба Ивановиќ, исто така, го оспорува тврдењето на Чинари дека на албанската страна има помалку проблеми.
„Цело време од нивната страна гледаме знаци на ноќно рибарење, ловокрадство, светилки, генератори”, вели тој. „Многу често нивните рибокрадци нелегално преминуваат во нашите води и најчесто рибарат овде, на наша страна”.
НПЦГ и ОМП немаат договори за заедничко управување со Скадарското Езеро, а двете организации се сретнале само два пати откако албанската влада го префрлила управувањето со езерото на ОМП во 2014 година.
И Албанија и Црна Гора се кандидати за пристапување во Европската унија, а лицата кои работат на заштита на животната средина се надеваат дека прашањата поврзани со животната средина ќе бидат во центарот на вниманието за време на пристапните преговори.
Во Црна Гора, Министерството за земјоделство и рурален развој работи на измени на законите за слатководен риболов пред да започнат разговорите околу Поглавјето 27, дел од преговорите со ЕУ кои се занимаваат со животната средина.
„Новото законодавство ќе се подобри врз постојната законска рамка, ќе ги прошири овластувањата на чуварите за заштита на рибите, ќе ја реформира казнената политика и ќе воведе модерна технологија кога станува збор за издавање на дозволи и собирање и обработка на податоци за слатководен риболов”, вели Дениз Фрљукчиќ, советник во Директоратот за рибарство во министерството.
Јована Јањушевиќ, член на сојузот на еколошки групи познати како „Коалиција 27“, го опишува незаконскиот риболов како „горливо прашање во областа на заштита на животната средина, каде што не е забележан значаен и систематски напредок”.
„Службите за заштита на паркот треба да бидат соодветно опремени и инспекциите треба да се зајакнат како во однос на кадарот, така и во однос на превенцијата”, вели таа.
За ихтиологот Мрдак, сѐ се сведува на политичката волја во земјата, погодена од корупција и злоупотреба на власта.
„Ова е парадигмата на нашето општество како целина”, вели тој. „Не може да очекувате ова да биде исклучок во општество каде што многу работи се погрешни”.
Тој вели дека премногу луѓе ги ставале главите во песок кога станува збор за заштита на еден од бисерите на Балканот. Стоејќи покрај езерото, тој посочува кон водата и саркастично вели:
„Ако погледнете наоколу, можете да видите дека делфините скокаат високо и сè е совршено”, вели тој. „Во езерото има повеќе риба отколку што можете да си замислите”.
Иван Чаѓеновиќ е црногорски новинар кој работи за дневникот „Вијести“. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа.