Бурната 2015 година, кога „пукаа бомби“ од Бихаќка, стави крај на полициската кариера на моќниот Сашо Мијалков, но истата година почна и неговото саморебрендирање.
Полека и ненаметливо тој се обиде да се трансформира од невидлив и озлогласен „џандар“ во општествено одговорен бизнисмен со очила, кој може да го поздравите во кафулето веднаш до „Мериот“ и во „разбран“ западно ориентиран вмровец, кому не му пречи придавката северна во името на нашата држава.
Имено, 2015 година БИРН откри дека е формирана фирмата „Бест веј инвестмент“, во која како сопственик се јавува постариот син на Сашо, Јордан Мијалков, крстен по својот дедо, првиот министер за внатрешни работи во независна Република Македонија.
Денес речиси сите семејни бизниси на Мијалкови се сконцентрирани во рацете на оваа фирма.
„Бест веј инвестмент е компанија со седиште во Скопје, Република Северна Македонија… Ние сме иновативна компанија, која се грижи, и истовремено ја почитува историјата и вредностите на квалитетот утврдени од нашите клиенти“, пишува на сајтот на оваа фирма.
Од истата веб-страница може да се прочита дека под брендот „Бест веј“, семејството Мијалкови оперира со две бензински пумпи во месноста Смоквица близу Гевгелија и уште една во скопска Пинтија.
„Во наредниот период се очекуваат нови локации за бензински станици, кои ќе работат под брендот Бест Веј Оил“, пишува во портфолиото на компанијата.
Покрај бензински станици, фамилијарната фирма на Мијалкови управува со уште две компании поврзани со трговијата на нафтени деривати. Едната е застапник на нафтениот бренд „Шел“, а другата поседува шест возила за транспорт на нафтени деривати и ги нуди на заинтересираните трговци.
За вниманието околу градењето на „новиот“ имиџ на Мијалков говори и тоа што лани, во екот на ковид-кризата, фирмата „Бест веј инвестмент“ соопшти дека донирала 5.300 тестови за откривање на корона вирусот, во вредност од 50.000 евра на Министерството за здравство.
Полека и ненаметливо тој се обиде да се трансформира од невидлив и озлогласен „џандар“ во општествено одговорен бизнисмен со очила, кој може да го поздравите во кафулето веднаш до „Мериот“ и во „разбран“ западно ориентиран вмровец, кому не му пречи придавката северна во името на нашата држава
„Создаваме трајни вредности, преку овој потег „Бест веј“ упатува порака дека не постои повисока вредност од здравјето и животот на граѓаните“, соопштија од компанијата за донацијата.
Компанијата донираше и компјутери во СОС Детското село.
Преку фамилијарната „Дивелоп груп“, Мијалкови имаат удел во луксузниот хотел „Мериот“, сместен на самиот скопски плоштад. Во последните години, Сашо Мијалков најчесто можеше да биде виден во фоајето на овој хотел или, пак, во кафулето веднаш до белата барокна зграда.
Од крајот на 2019, во бизнис-империјата на познатиот „началник“ од „бомбите“ влегуваат и обложувалниците под брендот „Макс бет“.
„Очекуваме и на македонскиот пазар на игри на среќа, „Макс бет“ да го донесат она што го бараат играчите, највисоки и најдобри коефициенти во пакет со тим од професионалци кои ќе стојат на располагање“, се пофали семејната фирма на Мијалкови.
На фејсбук-профилот на „Макс бет“ може да се види дека компанијата има повеќе локали за обложување низ Македонија.
Додека Мијалков беше функционер, новинарските истражувања предупредуваа дека тој е скриениот сопственик на фирмата за обезбедување „Секјурити гроуп сервисес (СГС)“, кој во тој период добиваше многу тендери на централно и на локално ниво.
Во „бомбите“, пак, можеше да се слушне, директно преку гласот на Мијалков, дека тој и тоа како имал влијание во оваа фирма, со тоа што во објавениот разговор чувме дека лично одлучувал кој ќе се вработи во СГС.
Но, тоа не е сѐ.
Мијалкови имаат удел и во млекарницата „Здравје Радово“, преку акции што ги поседуваат во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.
Што се однесува до недвижен имот, во јавноста досега често се спомнуваше дека тој живее во една од двете куќи во сопственост на фамозната офшор-фирма, „Ексико“, на улицата Славејко Арсов на падините од скопско Водно.
Впрочем, утрово пред овој објект медиумите забележаа зголемено полициско присуство.
За куќата првпат се дозна кога во 2016 беше приведен истражител на СЈО бидејќи ја фотографирал куќата барајќи го живеалиштето на поранешниот шеф на тајната служба.
Во деценијата зад нас, секогаш кога Јордан Камчев и семејството на Цветан Панделески влегуваа во некоја голема компанија, веднаш се ширеа шпекулациите дека и Сашо Мијалков е дел од истата бизнис-авантура, поради тогашните блиски пријателски врски на Мијалков со Камчев.
Иако Сашо Мијалков никаде го немаше во официјалните документи, како по правило, во хартиите се појавуваше фирмата со мистериозно сопствеништво – „Ексико“.
Подоцна, како што семејните фирми на Мијалков се појавуваа во сопственичките структури, така ја снемуваше „Ексико“.
Заев вели дека е загрижен и разочаран што Мијалков не е приведен и оти очекува „веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе“
Покрај фирмите во Чешка, кои новинарите редовно ги истражуваа, порталот ТВ Нова во 2014 година објави текст според кој Мијалков инвестирал во скапи недвижнини во Прага.
За неговата друга трансформација, онаа политичката, доволно говорат неговата конфронтација со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по линијата на промена на државното име, но и една прилично искрена изјава на премиерот Зоран Заев од јануари 2019:
„Сашо Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Тоа го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал.“
Во прилог на неговата нова јавна улога на примерен граѓанин – „кој нема од што да бега“, одеа и редовните појавувања во судот и изјавата на едно од рочиштата дека „тој не е човек што ги решава проблемите со бегање“.
Така беше сѐ до вчера, кога полицијата не го најде за да му го испорача решението за куќен притвор, превентивната мерка пред изрекувањето на пресудата за незаконското прислушување, која е најавена за в петок.
Денес, Заев вели дека е загрижен и разочаран што Мијалков не е приведен и оти очекува „веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе“.