Анализи

Низок старт на изборната кампања

Анализа на првите денови од изборната трка

СДСМ со „нож во грб“ од некогашниот лидер Бранко Црвенковски, ВМРО-ДПМНЕ со надеж дека победа ќе им ја отвори вратата за ново парламентарно мнозинство, а ДУИ со зелената агенда што никако да им „легне“. Вака стартуваше кампањата за локалните избори, иако битката за општините неофицијално одамна почна.

Актуелни градоначалници во рекламите им поправаат велосипеди на соседите од различна вероисповед, а нивните опоненти се промовираат преку своите професии – џудо-тренер што го патосира противникот или лекар што искусно чита рендген.

Кандидатот на ТМРО за Охрид

„Роден и израснат во Карпош, низ виорот на времето, предизвиците и можностите, Карпош ме следи, а јас не го напуштам“, поетски се промовира кандидатот на СДСМ, Душко Весковски, во својот спот.

Видеото на ДУИ е вирален хит. Партиските кандидати се тркаат меѓу себе во фармерки или кој како бил облечен дента, но и си помагаат. Рамиз Мерко прв стигнува на целта, ама сите слават.

„Победа на тимот на Али Ахмети“, со тон на спортски коментатор вели гласот од видеото.

Како на секои локални избори оживеаја подзаборавените партии и нивните кандидати со егзотични ветувања за пловен Вардар или со ексцентричен телевизиски настап во гардероба накитена со премногу вергини и фрлање вегета по соговорниците.

Впечаток е дека и на овие избори партиите од големата четворка првенствено ќе си ги мерат силите, а малите политички субјекти ќе билдаат коалициски капитал.

Засега локалните проблеми и ветувања паѓаат во втор план.

„Навидум локални избори“

Оди на локални избори, мисли на парламентарно мнозинство| Фото: ФБ на Христијан Мицкоски

Опозицијата и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски не кријат дека за нив избориве се само „навидум локални“.

„ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт со премиер Христијан Мицкоски“, порача кандидатот за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, од Античкиот театар опколен во црвен чад од „факели“.

За окрупнување на фронтот против актуелната власт на централно ниво, Мицкоски од Охрид им се обрати на Албанците дека премиерот Зоран Заев само декларативно се залагал за заедништво и го откри постпобедничкиот план – ново парламентарно мнозинство.

А, триумфот не би бил вистински доколку „цело Скопје повторно не стане вмровски град“.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ оди со проверената формула од 2005, кога партијата се закачи на независната кандидатура на Трифун Костовски и победи. Тој триумф ја најави децениската доминација што следеше. Сега нивниот избор повторно е кандидат што не е долгогодишен партиски член, претседателката на Сојузот на стопанските комори, Данела Арсовска.

Судирот ВМРО – Левица

Првите денови од кампањата се разгоре судирот во опозицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Мицкоски без директно да ја спомне Левица им порача на гласачите да внимаваат на „тројанските експерименти“ во опозицијата, а Димитар Апасиев возврати дека независната кандидатка за Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ незаконск користи од државните пари наменети за партијата.

Очигледен е напорот на тимот околу Арсовска да ја дистанцира од ВМРО-ДПМНЕ, што е опортуно кога целта им се симпатиите на полибералните скопјани што ја прават разликата на избори и кои можеби се до коска разочарани од Заев, меѓутоа сè уште тешко им паѓа да гласаат ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа нејзината кампања визуелно и на секој друг план сосема се разликува од онаа на партијата и таа целно порачува оти „барокот не е нејзин стил“.

Нејзиниот пи-ар јава на општата перцепција за политичарите како корумпирани и водени од личниот интерес и не е случајно што таа упорно за себе вели дека не е политичар, туку менаџер.

„Ние, огромното мнозинство пристојни луѓе“, е фраза што веројатно често ќе ја слушаме од Арсовска во следниве две недели.

На првото дебатно соочување, таа директно не го нападна Шилегов, тактика што не би му била простена на „асли вмровски“ кандидат. Сепак, валканиот дел од кампањата е препуштен на партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Во делот на понудата, партијата се потпира на практиките што ѝ даваа резултати во минатото. Програмата наречена „Гарантираме“ и во неа 14.835 детално опишани проекти неодоливо потсетуваат на победничките кампањи „Остваруваме“ и „Проверено“.

Бранкојавление

Заев и на овие избори нè потсетува на режимот | Фото: ФБ на СДСМ

Првиот ден од кампањата ја одбележа поранешниот претседател и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој во МАНУ кажа дека Преспанскиот договор не му е по ќеф, ама бил помало зло, а оној Бугарија го спореди со Пандорината кутија.

„Македонија е корумпирана држава, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството“, додаде тој.

Црвенковски е искусен политичар и точно до милиграм ја знае тежината на секој свој збор. Оттаму не е случајно што на стартот од кампањата „удри“ по сето она што го дефинира Заев како премиер. Партијата и премиерот млако реплицираа, оставајќи ја својата медиумска камарила и фејсбук-одреди да го амортизираат нискиот удар од „папата“.

На стартниот митинг во Битола, зад партиската бина на СДСМ трепкаше латиничниот натпис на некое казино во заднина, меѓутоа премиерот на овие избори не се коцкаше и ги изостави своите градоначалници со лош рејтинг – како оние во Центар, Аеродром и во Битола.

Заев и СДСМ се свесни дека не можат да го повторат успехот од 2017, кога многу од нивните кандидати ден по изборите шокирани се разбудија како градоначалници.

Меѓутоа, за нив повисоката цел на овие избори е нов пораз на Мицкоски.

Изгледа дека неизбежната конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе ја насочува кон пречестите собраниски блокади. Тоа е и темата на шегата со која Заев го отвори митингот во Битола, алудирајќи на познатата реплика „Вози Мишко!“ од југословенскиот филм „Ко то тамо пева“.

„Политичкиот татко од Будимпешта му вели на својот послушен син: Kочи Мицко!. A, овој кочи ли кочи, па поради врзаните очи, не може да види какви штети им нанесува на граѓаните.“

Во одбрана на критиките околу справувањето со корона-кризата, веројатно власта ќе го потенцира фактот дека Мицкоски критикува за дискриминација на оние што не сакаат да се вакцинираат.

„Имате можност да ги одберете најдобрите луѓе, со гласот можете да изберете заедништво и развој… Тоа ќе ги победи поделбите, лажните вести и антиваксерството“, порача Филипче од првиот митинг во својство на партиски потпретседател.

Од оставштината на Груевски, СДСМ засега „игра“ само со милионите потрошени на Скопје 2014. Во еден од партиските спотови, млади луѓе зборуваат за проектите што нè очекуваат – повеќе паркови, слободни тротоари и културни настани, а на крајот од видеото, една девојка пред Триумфалната порта со половина уста порачува:

„И никогаш повеќе режим! “

Битката за Гостивар

Ахмети во ново зелено руво | Фото: ФБ на ДУИ

Предизборието е на самиот почеток и рано е за заклучоци, меѓутоа првичниот впечаток е дека судирот на лутите противниците во албанскиот блок, ДУИ и Алијанса за Албанците не доведува до натпревар за тоа кој е поголем Албанец и сѐ уште нема националистички и шовинистички изблици.

Слоганот на ДУИ гласи „Изберете живот, гласајте зелено“и партијата во рекламите и на митинзите дури нападно ја користи зелената боја. А, Зијадин Села и неговата Алијанса одат со пораката „Чисти“, алудирајќи на чистото досие на своите кандидати.

Ако на партиите од македонскиот блок императив им е победата во Скопје, на албанските ривали клучен им е Гостивар. Партијата на Али Ахмети тоа и директно им го стави до знаење на гласачите, со тоа што таму ја почна и ќе ја заврши предизборната кампања.