Анализи

Преткампања: Секој трет ден функционери на терен

Премиерот Зоран Заев за четири месеци учествувал на повеќе од 40 локални настани

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Локалните избори се време кога функционерските чевли се среќаваат со правливите патишта, градилишта и недовршената инфраструктура. И оваа година, како по традиција, тие чевли излегуваат од службените канцеларии и од свечените салони три-четири месеци пред да почне официјалната предизборна кампања.

Без разлика дали станува збор за државни проекти низ земјава, локални проекти на општините, заеднички зафати на централната и локалната власт, или, пак, приватни инвестиции на компании, како изградба на нови пазари, се бара повод повеќе за премиерот или министрите да се појават во јавноста, да кажат неколку пофални зборови и да порачаат дека земјата оди напред.

Ако се прегледаат објавите на владиниот медија центар од први мај до 22 септември (четири дена до официјалниот почеток на кампањата), може да се види дека премиерот Зоран Заев во овој период учествувал на повеќе од 40 локални настани. Иако во агендата на првиот човек на Владата најчести беа меѓународните настани (средби во Европската Унија, форумот Преспа, самитот Отворен Балкан, НАТО самитот во Брисел, прошталните средби со Ангела Меркел во Тирана), сепак, во просек на секои три-четири дена тој се појавувал на локален пат, градинка во изградба, водоснабдителен објект и слично.

Покрај него, најактивни теренци во овој период биле вицепремиерите Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска.

Локалните градоначалници, од кои дел се и потврдени кандидати за следните избори, беа редовна придружба на овие настани.

Мај најслабо, јули најсилно

Премиерот Заев во биогасната централа во Лозово | Фото: Влада на РСМ

Теренските настани на владините функционери, во периодот од мај до септември, сепак не се распоредени рамномерно. Во мај, на пример, Заев бил само на отворање реновиран полициски објект во Ресен и на почетокот на реконструкцијата на улицата Орце Николов во Скопје. ЕУ агендата и напорите да се одблокира евроинтеграцискиот процес во пресрет на самитот на европските лидери, сепак, оставија малку време за патувања низ земјата.

Затоа во јуни тој вршел увид во градинки во изградба во општините Аеродром, Шуто Оризари и во Волково, промовирал програма на ТАВ за проекти во 23 општини, посетил локален пат во Кавадаречко, посетувал објекти што се реконструираат во Куманово, а како прв возач со службено возило го испробал новиот пат од Штип до Радовиш.

„Од инфраструктурно заостаната земја се претвораме во земја со квалитетна, безбедна и сигурна патна инфраструктура“, порача Заев од патот кон Дреново, додека градежни машини поставуваа нов асфалт.

Јули бил најактивен теренски месец за премиерот и за министрите. Заев го означи почетокот на изградбата на градскиот пазар во Виница, го отвори реконструираниот и проширен булевар Никола Карев во Скопје, го означи почетокот на изградбата на нова канализација во Шуто Оризари, со детска претстава пушти во употреба нова градинка во скопско Стајковци во Општина Гази Баба, ги посети браната Отиња, патот преку Галичица меѓу Охридско и Преспанско Езеро, како и патот од Пробиштип кон Крупиште, кој се гради.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, пак, откако предаде донирана противпожарна опрема во Берово и рече дека владата „вложува во секоја област за подобри услови за живот“, со слична изјава го означи и почетокот на изградбата на пристапниот пат до гробиштата во Крива Паланка.

Министерот Бочварски, пак, во чија надлежност е националната патна инфраструктура, се занимаваше со локалната, со реконструкција на улици во Тетово, помогнати со над еден милион евра од државниот буџет.

Трагедии ја изместија агендата

Премиерот Заев и градоначалниците Шилегов и Богоев отворија адреналински парк | Фото: Влада на РСМ

Првата половина на август ја одбележаа големите пожари на истокот од земјата, па теренската агенда мораше да запре. Само што заврши огнената криза во малешевскиот и во пијанечкиот регион, функционерите се вратија на тазе асфалтот.

„Вложуваме во инфраструктурни проекти за унапредување на условите за живот на граѓаните, за повисок животен стандард и забрзан економски развој“, порача Заев од патниот правец Кривогаштани-Житоше во Прилепско, додека источните краишта сѐ уште чадеа.

Функционерите од Илинденска број 2 потоа отворија спортска сала во Јегуновце, реконструиран плоштад во Крива Паланка, реконструирана болница во Гевгелија, туристички центар во Вевчани, го означија почетокот на изградбата на нов мост во Скопје, вршеа увид во канализацијата во Јурумлери, во водоводот во Сарај итн.

Во почетокот на септември, агендата се интензивираше. Заев, освен што отвораше адреналински парк во Скопје и изврши увид во изградбата на нов пат во скопското село Бојане, се појави и на отворањето на реконструираниот Бит-пазар, инаку приватен проект на компанијата „Скопски пазар“.

Трагедијата во Тетово со пожарот во модуларната болница на 8 септември ги прекина овие активности неколку дена. Во тој период доминираа прашањата за одговорноста на министерот за здравство, Венко Филипче, и на други функционери поврзани со овој настан. Никому не му беше до отворање улици, игралишта или канализациски системи, барем во првата недела.

Веќе од следната, Заев се врати на турнејата. Заедно со Битиќи, Бочварски и со штипскиот градоначалник Сашко Николов ја тестираа пречистителната станица во Штип, која е дел од хидросистемот Злетовица.

Законски испланирана преткампања

Вицепремиерот Битиќи, покрај Заев, беше меѓу најактивните теренци | Фото: Влада на РСМ

Премиерот Заев досега неколкупати се соочи со новинарски прашања дали води предвремена кампања. Медиумите потсетуваа дека како опозициски лидер тој беше еден од најгласните критичари на поранешниот премиер Никола Груевски и на неговата влада, кои во пресрет на локалните избори, исто така, ги интензивираа своите теренски активности, со почеток на изградба на објекти, отворање, или со обичен увид, ако проектот не е при крај.

„Се губи границата и не се знае каде завршува државата, а каде почнува партијата“, велеше тогаш Заев од партиската говорница.

Денес премиерот го тврди спротивното. Се повикува на законите за да објасни дека смее да го прави тоа што го прави.

„Законот јасно опишува што кога е дозволено, а кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата“, одговори Заев на новинарски прашања на 3 септември.

Тој се повика на членот 8-а во Изборниот законик, усвоен по иницијатива на СДСМ како опозиција, според кој, откако ќе се распишат изборите, не смее да се почнува со изградба на нови објекти, освен ако од претходно за нив биле обезбедени финансии, не смее да се вршат исплати надвор од редовните, да се вработуваат луѓе во администрацијата итн. Овој член предвидува и дека во последните 20 дена пред почетокот на изборната кампања, не смее да се одржуваат ниту јавни настани за промоција и пуштање во употреба на готови објекти изградени од државните институции или од јавните претпријатија, а платени со народни пари.

Ако се вратиме на агендата на премиерот и на министрите во последните пет месеци, уредно архивирана на педесетина страници на владиниот веб-сајт, може да се види дека најголемата активност била во јули, токму пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите на 6 август. Во овој период беа и најголемиот дел од настаните со кои се почнуваше изградбата на нови објекти, како пазарот во Виница или канализацијата во Шуто Оризари.

Подоцна, повеќето настани беа отворање завршени проекти, што е дозволено сѐ до 20 дена пред кампањата, или увид во тековните работи, нешто што не е регулирано со законот.