Вести

Новинар даде отказ поради избришан текст за Иловица

Како написот за „полутајно спојување концесии“ стана тајна

Текстот во онлајн-изданието на „Слободен печат“ дека владата „полутајно“ дозволила спојување концесии за рудник во Струмичко – стана целосна тајна. Редакцијата го повлекла, па иако линкови сѐ уште може да се најдат на пребарувачите и на социјалните мрежи, зад нив стои само пораката „оваа страница не постои“.

„Дадов моментален отказ“, рече, за БИРН, новинарот што го објави текстот, Жарко Настоски, кој речиси две години беше дел од таа редакција.

Тој додаде дека бришењето му го објасниле со тоа дека „се договориле да не се објавуваат непроверени информации“ за рудниците во Струмичко, „Еколог“ и владата.

Уредничката на „Слободен печат“, Валентина Ангеловска, за БИРН не сакаше да даде подетално образложение за повлекувањето на содржините.

„Не можам ништо да ви кажам, тоа е одлука и политика на компанијата“, рече таа во кусиот телефонски разговор.

Темата за можното реактивирање на проектите за рудници во југоистокот на земјата против кои имаше големи протести и кои се стопираа по последната промена на власта, се реактуализираше од декември минатата година, кога Вишиот управен суд ја прифати жалбата на концесионерот Еуромакс Рисорсис против владината одлука еднострано да се раскине договорот за концесија. Оттогаш оваа приказна стана „жешка“ во медиумите, особено откако се дозна дека во меѓувреме познатиот бизнисмен Назиф Дестани од Тетово, основачот на фирмата „Еколог“, станал акционер во Еуромакс Рисорсис.

Локацијата каде треба да биде отворен рудникот Иловица Фото: В. Апостолов

Редакцијата на „Слободен печат“ го следеше развојот на оваа ситуација исто како и други медиуми, но неодамна повлекла дел од текстовите. Освен текстот што Настоски го објави на 5, на пребарувачот Гугл може да се најде уште еден текст од истиот медиум поврзан со оваа тема, но со мртов линк, насловен „Управниот суд ги укинува пречките, „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица“.

Професионалните стандарди во медиумската работа налагаат дека ако се објави содржина со неточни информации, по неа треба да се објави и исправка или демант, односно да се остави трага дека била направена грешка и објаснување зошто и како таа е исправена. Целосното повлекување веќе објавени содржини се смета за потег спротивен на овие стандарди.

Уредничката Ангеловска, за БИРН, не сакаше да даде објаснување зошто во последниот случај не објавиле исправка, ако имало непроверени информации, туку едноставно го избришале текстот.

Настанот ги разбуди сеќавањата за сличните случувања кога се повлекувале содржини што „не требало“ да се објават, или некој не сакал да бидат објавени. Праксата да се запленуваат цели тиражи од весници веднаш штом ќе се дистрибуираат на трафиките, уште пред да се појави првиот купувач, била позната пред 1990-тите, во време кога политичките околности биле многу различни од денешните.

Сепак, има и примери што покажуваат дека транзицијата кон плурална демократија не ги искорени навиките карактеристични за недемократските режими.

На агрегаторот за вести Тајм е архивиран текст од поранешниот весник „Време“ од 2007 година, во кој се вели дека тогашниот градоначалник на Богданци го откупувал целиот тираж на весникот што се дистрибуирал во неговата општина поради објавената информација дека тој стапил на функцијата, иако бил осуден на условна казна затвор и поради тоа немал право да се кандидира.

Во извештај од американскиот Стејт департмент за човековите права во Македонија за 2012 година е споменат примерот од весникот „Дневник“ и бришењето текст за штрајк на лекарите директно од пресите во печатницата.

„Во ноември, Зоран Андоновски, главниот уредник на најголемиот дневен печатен медиум „Дневник“ добил наредба од управата на весникот да не објавува вест дека продолжува штрајкот на лекарите. Тој одбил да ја отстрани веста, аргументирајќи дека е фактографско известување, а не коментар или критичка содржина. Споменатиот текст бил отстранет без негово знаење за време на печатарскиот процес и заменет со реклама за автомобили, а уредникот даде отказ следниот ден во знак на протест“, пишува во извештајот од Стејт департментот.

Од „бомбите“ на СДСМ, односно снимените телефонски разговори што ги објавуваше Зоран Заев како лидер на опозицијата, се памети и разговорот за кој беше кажано дека се води меѓу тогашниот генерален секретар на Владата, Мартин Протоѓер, и сопственикот на телевизијата Канал 5, Емил Стојменов. Според СДСМ, тие се договарале за тоа како да се попречи прикажувањето емисија од новинарот Васко Ефтов, која соговорниците ја сметале за проблематична.

„Може да ја пуштите со лош тон, со пречки“, вели гласот за кој беше речено дека е на Протоѓер.

„Дури мислев и струјата да ја исклучам во телевизијата“, одговара соговорникот.

Додека со постарите медиумски технологии беше полесно да се остави трага од некоја содржина што била отстранета зашто не му се допаѓала некому на моќна позиција, со напредокот на онлајн-информирањето, тоа стана многу полесно, односно се прави со еден клик.

Луѓе со искуство во онлајн-медиумите раскажуваат дека некои содржини се бришеле толку бргу, што немало ниту време да бидат индексирани од пребарувачите или од социјалните мрежи за да остане отпечаток дека некогаш постоеле.

Последниот текст за полутајното спојување концесии, сепак, беше доволно долго жив, па неговото бришење не остана тајна.