Вести

Ќе никне помал брат на МРТВ, од другата страна на булеварот

Објектот, спроти Ист гејт, ќе има од 27 до 60 метри во различни делови

Зградата што треба да ја прави градежниот инвеститор Ванчо Чифлиганец, меѓу кампусот на  универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и трговскиот центар Ист гејт, ќе биде на три дела, од кои најнискиот ќе има осум, а највисокиот 19 нивоа или 60 метри. За 30 метри пониско од соседната зграда на МРТВ. Тоа се предвидува со новиот детален урбанистички план за Крњево 2, кој вчера го усвои Советот на Општина Центар.

Станува збор за зграда што со старото планско решение од 2011 година требаше да го пополни речиси целиот паркинг кај хотелот ВИП, на аголот меѓу булеварот Гоце Делчев и улицата Беласица. Тој објект требаше да има 14 нивоа, односно приземје, 12 ката и поткровје, со вкупна висина од 42 метри од почетокот до крајот. Зад него, во населбата во која голем дел од објектите се супстандардни, беа предвидени тројно пониски станбени згради.

Двете парцели на паркингот, едната од речиси 3.000 квадратни метри, а другата од 4.200 квадрати, ги поседува фирмата „Порта Скопје“, со која управува Душко Чифлиганец, син на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец. Сопственик на „Порта Скопје“, пак, е познатата градежна компанија на семејството, „Адора“.

Со оглед дека парцелата на семејството Чифлиганец се наоѓа на источната страна од населбата, ако се изградеше во предвидената форма како долг лак покрај двете сообраќајници, ќе ја блокираше дневната светлина на остатокот од жителите.

Местото каде што ќе се гради скалестата зграда на Чифлиганец | Фото: БИРН

Општина Центар и претходно се обиде да го ревидира ова решение додека траеше мораториумот за градење. Стручната комисија што подготвуваше ревизии на ДУП-овите тогаш предлагаше објектот да има три кули од по 14 ката поврзани со пониски објекти. Но, тој предлог не беше прифатен и не стигна ниту на гласање во општинскиот Совет.

Чифлиганец во 2021 година поднел барање за градежна дозвола, за да ја изгради зградата како појас од 14 ката од едниот до другиот крај. Беше одбиен бидејќи планот не се совпаѓаше со Генералниот урбанистички план. БИРН побара коментар од Чифлиганец за новото решение, но тој одговори дека не може да коментира бидејќи не е во Скопје.

ДУП-от што се донесе вчера предвидува зградата да се гради само покрај улицата Беласица, спроти Ист Гејт, до крстосницата со булеварот, додека делот од паркингот непосредно пред хотелот ВИП ќе остане слободен. На аголот ќе биде највисокиот дел од приземје и 18 ката, односно 60 метри. Вториот дел се спушта на 39 метри, поточно приземје и 11 ката, а третиот, со приземје и 7 ката, може да достигне најмногу 27 метри.

Со стариот ДУП се предвидуваше зградата на Чифлиганец да се простира на околу 4.100 квадратни метри во основата, а вкупно да се изградат над 57 илјади квадрати развиена површина (станови, ходници и други простории), додека, според информациите од Советот, сегашната развиена површина е намалена за околу една третина.

Старото и новото планско решение со маркичката за зградата

Крњево е една од населбите, која, иако се наоѓаат во центарот на градот и се дел од Општина Центар, се познати по неквалитетните услови за живот, како што се тесната улична мрежа и слабата инфраструктура. Добар дел од објектите се стари и дотраени куќи од керпич, додека некои се реновирани или одново изградени.

Во изминатата деценија стана вообичаено за скопските општини да ги решаваат проблемите на ваквите подрачја со тоа што во ДУП-овите ќе предвидат високоградба наместо куќи. Со тоа им ја зголемуваат вредноста на имотите на локалните жители и им овозможуваат преку договори со инвеститорите да најдат поквалитетно решение за своето станбено прашање, истовремено отворајќи им терен на градежните компании да остварат профити.

Населбата Крњево денес | Фото: БИРН

Резултатите од ова, навидум „вин-вин“ урбанистичко решавање на социјалните проблеми, може да се види во Маџир маало, Ново маало, Капиштец, Стар Аеродром и во повеќе други населби, каде што дотраените домови ги заменија нови, високи згради, густо изградени една до друга, речиси без зеленило и јавни простори.

Новиот ДУП за Крњево 2 предвидува, освен објектот на Чифлиганец да се изградат уште триесетина згради на седум нивоа, односно приземје, пет ката и поткровје, некои како самостојни објекти, а други споени во блокови. Луѓе од населбата присуствуваа на седницата со барање конечно да се донесе планот за да може да си ги подобрат животните услови.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, по седницата рече дека новиот план е подобар од старото решение зашто има повеќе зеленило, а предвидува и детска градинка.

Кога семејството Чифлиганец ќе ја изгради новопредвидената зграда, објектот на МРТВ нема повеќе да биде единствена високоградба во тој дел од градот.