Вести

Романија со обвинение за Ендру Тејт, за трговија со луѓе и силување

Браќата Тејт се обвинети за сексуална експлоатација на жени

Романските обвинители за организиран криминал ги обвинија браќата Ендрју и Тристан Тејт за организирање криминална група, тешка трговија со луѓе, тешко силување, незаконски пристап до компјутерски систем, нарушување на интегритетот на компјутерските податоци и поттикнување физички напад или друго насилство.

Има обвиненија и за две наводни женски соучеснички на браќата Тејт, кои наводно биле дел од истата криминална група.

Тие заедно учествувале во заговор за трговија со луѓе во Романија, но и во земји, како што се САД и Велика Британија, според обвинителите.

Организираната криминална група управувана од Ендрју и Тристан Тејт наводно сексуално експлоатирала седум лица.

Обвинителите рекоа дека браќата ги регрутирале своите жртви преку лажни тврдења дека биле вљубени во нив и ветувајќи им брак.

„Експлоатираните лица подоцна биле транспортирани и сместени во згради во округот Илфов, во близина на Букурешт, каде што, преку физичко насилство и ментална принуда (преку заплашување, постојано следење, контрола и повикување на наводни долгови), членови на [организираната криминална] група сексуално ги експлоатирала, принудувајќи ги да изведуваат порнографски демонстрации, кои биле произведени за да се шират преку платформи на социјалните медиуми“, се вели во соопштението на обвинителството.

Обвинителите заплениле различни средства на браќата Тејт, вклучувајќи 15 парцели и згради во окрузите Илфов, Прахова и Брашов, 15 луксузни автомобили и 14 луксузни часовници.

Заплениле и разни суми пари, меѓу кои 86.580 романски леи, 52.650 евра, 17.430 американски долари, 10.370 британски фунти и 21 биткоин, наводно во вредност од 384.904 американски долари.

Браќата Тејт станаа познати како инфлуенсери на социјалните мрежи, кои промовираат луксузен начин на живот и им даваат совети на мажите што сакаат да бидат успешни.

На Ендрју Тејт му беше забрането да има профили на Фејсбук, Твитер и на Јутјуб поради промовирање мизогински пораки што поттикнуваат насилство врз жените. Но, и покрај оваа забрана, неговите видеа достигнаа над десет милијарди прегледи на социјалната мрежа Тик ток.

Главниот бизнис на браќата беше во областа на видеочетови, но тие, исто така, имаа удели и во криптовалути.

Тие се преселиле во Романија пред неколку години откако имале проблеми со британската полиција за слични активности.