Уште нема ниту првостепена пресуда за обвинетата фирма „Алфа СКОП“ за даночно затајување, која е сопственичка на телевизијата Алфа, а во судот, во февруари годинава стигна ново обвинение за даночно затајување. Сега обвинети се една од фирмите што ја поседува фирмата-сопственик на телевизијата, како и нејзиниот управител.
На обвинителна клупа во судницата број 7 треба да седнат оваа среда.
Од Скопското обвинителство, за БИРН, потврдија дека во февруари годинава, до Кривичниот суд испратиле обвинителен предлог за фирмата „ЦХС Инвест груп ДООЕЛ“ и за нејзиниот управител, Питер Шац, бидејќи затајувале данок.
Шац е мнозински сопственик на фирмата „Таргет Медиа“ што ја поседува фирмата ЦХС Инвест Груп, која, пак, е една од четирите фирми, сопственички на телевизијата Алфа.
Обвинението е за временскиот период од eдна календарска година.
Според обвинителниот предлог што е испратен до судот, обвинетите „давале лажни податоци за факти од влијание за утврдување на даночните обврски“, односно не уплатиле данок на добивка.
Со тоа го оштетиле буџетот за 922.793 денари, односно за околу 15 илјади евра.
Истрагата за обвинетите била отворена во 2019 по кривична пријава од финансиската полиција.
Бидејќи станува збор за обвинение за кое се пропишани скратени рокови, обвинетите не мора да бидат сослушани во Обвинителството.
Од Кривичниот суд, за БИРН, потврдија дека веќе е закажано првото судење за неделава.
„Предметот за кој прашувате со К.бр. 442/22 е по обвинителен предлог поднесен оваа година и по прием кај судија насрочена е главна расправа за 1.6.2022 година“.
Во пријавата на финансиската полиција до Скопското обвинителство пишува дека во даночниот биланс поднесен до Управата за јавни приходи, не биле пријавени „приходи од застарени обврски за примени позајмици од „Ексико ДОО“ Скопје постари од 5 години, од над 11 милиони денари, со што пријавениот Шац не пресметал и не уплатил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто.
Во судот веќе една година тече судскиот процес за фирмата „Алфа СКОП“, која, исто така, е обвинета за даночно затајување од околу 100 илјади евра.
БИРН присуствуваше на едно од последните рочишта во март, на кое дојдоа управителот на фирмата, Харалампи Михајлоски, и адвокатот Панче Тошковски, но судијката Славица Наумова-Јосифовска го одложи судењето поради тоа што не беше готово супервештачењето.
Ова следува откако обвинителството и обвинетата фирма доставиле вештачења што се спротивни.
Во разговор за БИРН по рочиштето, адвокатот Тошковски рече дека, според нив, станува збор за техничка грешка во начинот на пресметка на данокот кон државата.
За овој долг веќе пресекле и вишите управни судии, кои во 2020 потврдиле дека решението на Управата за јавни приходи за неуплатен данок на имот со камата е правилно.
Во eмисии што беа емитувани на телевизијата, медиумот се изјасни дека овие постапки се користат како алатка за притисок. Следното рочиште за овој случај, во скопска единица е закажано за почетокот на јули.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, лани во интервју за БИРН рече дека за медиумот е отворена предистражна постапка за перење пари.