Вести

Остри реакции на Москва и Белград по забраната за прелетување на Лавров

„Србија е горда што не е дел од антируската хистерија“, изјави српскиот министер Вулин

„Без преседан“. Со овие зборови денеска, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, реагираше на одлуката на трите балкански земји – Македонија, Црна Гора и Бугарија да не дозволат прелетување над нивниот воздушен простор на авионот на шефот на руската дипломатија, со што се оневозможи тој да пристигне во Белград.

Србија е единствената земја што е од овој дел на Европа, која е и кандидат за зачленување во Европската Унија, а која не ја следи надворешната политика на блокот воведена откако Русија изврши воена инвазија врз Украина.

ЕУ воведе економски санкции кон Русија, забрани влез на руски политичари и олигарси, замрзна нивни сметки и други акции, а кон нив се приклучи и Македонија.

„Се случи нешто што не можевме да го замислиме“, изјави Лавров.

Тој рече дека со одлуката на „одредени членки на Северноатлантската алијанса“ де факто, може да се каже дека на суверена држава ѝ е одземено правото да ја практикува својата надворешна политика“.

Официјален Кремљ, пак, забраната за прелетување ја опиша како непријателска акција.

„Ваквите непријателски дејствија кон нашата земја можат да предизвикаат одредени проблеми… но тие не можат да ја спречат нашата дипломатија да продолжи со својата работа“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Заменик-претседателот на Горниот дом на рускиот парламент, Константин Косачов, пак, наведе дека реакцијата на Србија и Русија треба да биде заедничка и остра.

Македонското Министерство за надворешни работи потврди дека го одбиле барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, „поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација“.

Бугарското Министерство за надворешни работи, пак, испрати слично соопштение како македонското. Во него, тие подетално објаснуваат и за одлуките на Европската Унија на кои се повикуваат да не го издадат решението за прелет.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, наместо Лавров, денеска во Белград го прими рускиот амбасaдор Александар Боцан-Карченко. Вучиќ изрази незадоволство од околностите што го спречија доаѓањето на Лавров.

Реагираше и министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин. Тој наведе дека „тие што го спречија доаѓањето на Лавров, не сакаат мир“, и дека „сонуваат да ја победат Русија“.

„Србија е горда што не е дел од антируската хистерија, а земјите што се, ќе имаат време да се срамат“, наведе Вулин.

Истовремено, во главниот град на Србија, неформалната група граѓани „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“ протестираа против планираната посета на Лавров, а пораката што ја испратија е „ви благодариме соседи“, алудирајќи на одлуката на трите соседни земји-членки на НАТО.