Вести

МРТ дише „на жабри“

Негативен финансиски резултат за МРТ во првиот квартал од годината

181 илјада евра. Толку е разликата меѓу приходите и расходите на Македонската радио-телевизија во првите три месеци од 2022 година. Тоа го напишале самите во Извештајот за финансиското работење за првиот квартал од годинава.

Приходите биле околу 3,9 милиони евра, а расходите околу 4,1 милиони евра.

Тоа, како што пишува, се должи „исклучиво од неисплатените и скратени финансиски средства што ЈРП МРТ ги добива од Буџетот на РСМ за финансирање радиодифузна дејност“.

Го цитираат Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој пропишува дека за 2022 година, на јавниот радиодифузен сервис треба да му бидат исплатени средства во висина од 1 отсто од вкупните приходи во 2021 година.

Ако лани вкупните приходи во Буџетот се над 210 милијарди денари, приходот за финансирање радиодифузна дејност треба да биде околу 34 милиони евра.

Но, наместо 34 милиони евра, МРТ добива едвај половина, односно скоро 11 милиони евра.

„Законски предвидените 1 отсто не се реализираат, односно МРТ добива дури и помалку од 0,5 отсто од реализираните приходи на Буџетот на РСМ во 2021 година“.

Според извештајот, само за трошоци за вработените, МРТ за периодот јануари-март потрошила 1,8 милион евра. А вработените во МРТ веќе се под 700, односно во март биле 698 лица, што е помалку за 6 лица од декември лани.

Во Извештајот пишува дека недостигот од финансиски средства негативно се одразува врз севкупното работење на медиумот и „создава тешкотии во сервисирањето на старите, но и на тековните обврски по основ склучени договори со домашни и странски набавувачи по разни основи, како и на обврските кон вработените“.

Приходот од маркетинг од радио и ТВ-реклами, услуги и спонзорства е нешто над 135 илјади евра, и е поголем во споредба со лани за истиот период, кога бил околу 103 илјади евра.

Просечната плата во МРТ за периодот јануари –  март била 36.026 денари.

За трошоци за откуп на програмски права, износот е 1,3 милион евра.

Тука влегуваат права за пренос и емитување спортски настани, како ЕХФ ЕП во ракомет за 2022 година, уметничко лизгање, фудбалски натпревари, како Македонски фудбалски куп – Македонска фудбалска лига, Зимски олимписки игри…

Речиси 680 илјади евра се потрошени за копродукциски проекти, како Жиле (Т), народни приказни на албански јазик, ТВ серијата „Преспав“, „Авантурите на пиратите“ – образовен серијал за деца, „Артс Крафтс“ – емисија за деца, копродукција за документарен филм ракетно моделарство и долгометражниот филм – „Кајмак“.

На девизните и денарските сметки на МРТ, заклучно со март, има околу 150 илјади евра.

Додека МРТ се жали дека тешко работи, пратениците немаат абер да објават трет оглас, откако два пропаднаа, за избор на членови на програмскиот совет и на Советот на Агенцијата за медиуми.