Нема медицинска логика во рестриктивните мерки за граѓаните што не се вакцинирани, вели во интервју за БИРН професорот на Медицинскиот факултет и микробиолог, Никола Пановски.
Од следниот понеделник, во отворените делови на рестораните и на објектите каде што присуствуваат повеќе од 30 лица ќе може да влегуваат само тие што имаат потврда (сертификат) дека примиле барем една доза од ковид-вакцините. Истото важи и за друг тип настани на отворено, како што се прославите, концертите, семинарите и културните или спортските настани.
Некогашниот директор на Фондот за здравство, Пановски аргументира дека илјадници што прележале ковид имаат огромно количество антитела, во многу случаи и повисока од онаа кај вакцинираните и затоа нема логика сега посредно, преку новата рестриктивна мерка да се присилуваат на вакцинирање.
„Тоа нема врска ни со медицината, ни со епидемиологијата“, вели тој.
„Од друга страна, може уште в понеделник да се вакцинирате и по 15 минути да седнете во кафуле. А, имунитетот ќе го добиете во ноември или во декември.“
Професорот смета дека сега, кога веќе е јасно дека и вакцинираните го пренесуваат вирусот, нема многу фајде од сертификатите и од ковид-пасошите. Нашите власти пред промоцијата на сертификатите, според него, се повикуваат на студии правени во јануари, кога стартуваше вакцинацијата и дека сега, по повеќе месеци, ситуацијата е променета.
Се покажало, како во Израел, дека кога ќе одмине време, вакцината не ја спречува трансмисијата.
Пановски предупредува дека во светот, за разлика од кај нас, мерките бргу се прилагодуваат на новите ситуации.
Тој посочува пример со негов колега Македонец, кој работи како професор во САД и кој во Скопје е во изолација зашто е позитивен на ковид, и покрај тоа што е вакциниран со две дози Фајзер.
„Пријателот, иако е позитивен, можеше да се врати во Америка, бидејќи поседува ковид-пас. Ама додека беше во изолација, Американците ги сменија правилата сега и за своите државјани, а тој е и американски државјанин, бараат негативен ПЦР тест при влез, и покрај тоа што се целосно вакцинирани.“
За да ја илустрира неорганизираноста на властите, Пановски реагира на вчерашните и завчерашните телевизиски снимки од вакциналните пунктови што сведочеа дека се чекало и по четири часа за боцкање.
„Значи, има луѓе што сакаат да се вакцинираат, мерките ги мотивирале, ама ништо не е организирано. Некој што чекал четири часа, и поради тоа се откажал, може веќе никогаш да не се врати“, вели професорот и додава дека не смеело да се затвори вакциналниот пункт во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Една доза е доволна за прележаните“
Пановски тврди дека не е научно базирано и владиното инсистирање да се вакцинираат со две дози и тие што ја прележале болеста предизвикана од корона-вирусот. Неколку странски трудови и еден домашен покажале дека за оваа група граѓани е доволна една доза.
Ова тврдење го темели на неодамна објавен труд, направен на нашиот Медицински факултет, кој покажал дека една доза од Фајзер (таа вакцина била испитувана) е доволна за тие што ја пребродиле болеста.
„Не може еден ден по тој труд да излезе министерот, кој е неврохирург, и да кажува дека мора две дози. Сака да каже дека не го признава трудот? Или не го прочитал?!“
„Јас не сум се чувствувал така лошо по таа изјава на министерот, уште откако претседателот Ѓорги Иванов даде аболиција. Тогаш ми беше срам дека сум професор како претседателот, кој си ја понижи струката. Така и вчера се чувствував“, коментира Пановски.
Инсистирањето да се вакцинираат прележаните со две дози уште повеќе е нелогично, вели професорот, зашто се покажало оти вакцинираните се инфицираат отприлика седумпати почесто отколку прележаните.
Сепак, тој предупредува дека овие податоци не треба да ги поколебаат луѓето што не го прележале вирусот да се вакцинираат.
„Вакцината ќе ви го спаси животот, ама нема да го спречи ширењето на болеста. Тоа е вистина сега“, вели тој.
Дека вакцината функционира, покажуваат и бројките од земјите што први почнаа со имунизација, како САД, Велика Британија и Израел.
„Во Америка, во јануари или лани во ноември, на 100.000 случаи имаше 3.500 умрени, а сега умираат по 400, значи седумпати е помала смртноста, и тоа е ефектот на вакцината.“
Помирен ковид-бран
Земјите што ги спомнува професорот многу порано од Македонија ја почнаа имунизацијата, имаат далеку поголем процент на вакцинирани и затоа прашање е каков бран ја очекува нашата држава во следниве неколку недели откако сериозно почна да се зголемува бројката на заразени, кај кои сѐ повеќе ќе доминира опасниот делта сој.
Она што ја разликува Македонија од многу други земји, вели Пановски, е тоа што огромен процент од населението стекнало имунитет по природен пат, прележало ковид, и тоа се покажало во јуни и во јули, кога речиси и да немаше случаи на корона во државава.
„За разлика од министерот за здравство, Венко Филипче, јас сум убеден, можеби затоа што сум повозрасен и имам повеќе искуство, дека природно стекнатиот имунитет со прележување, дали симптоматски или асимптоматски, е подобар од која било вакцина.“
Професорот вели дека ако вакцината два-три месеци на почеток штити повеќе, по 10 месеци или по една година прележаните, според него, се позаштитени.
Тој очекува далеку помирен бран во смисла на хоспитализирани пациенти од ковид и смртни случаи, бидејќи покрај огромниот број прележани, според него, 25 проценти од населението е вакцинирано.
Пановски калкулира со проценката дека во државава има далеку помалку жители отколку што покажуваат старите пописни податоци и затоа реалниот процент на целосно вакцинирани, според него, е повисок од оние официјални 20 отсто.
„Болеста ќе се шири, меѓутоа нема да има толку хоспитализирани и смртни случаи. Бројот на смртни случаи ќе биде најмалку петпати помал, да не речам и десет. А, бројот на позитивни може да биде и 1.000 и 2.000, и тоа воопшто не ме плаши.“
За него сега најважно е да се заштитат возрасните со хронични болести, кои не прележале и кои од најразлични причини не смеат или не сакаат да се вакцинираат.
„Ако се тие некаде по селата, не е страшно, меѓутоа ако се во град, тие се изложени. Нив болеста некој ќе им ја донесе дома, колку и да се чуваат.“
„Мнозинството деца имаат антитела“
Како што се наближува 1 септември, јавноста сѐ повеќе ја интересира дали учениците ќе се вратат во училиште, најмногу бидејќи тогаш земјава може да се најде во пикот на новиот корона-бран. Неофицијално, во владата преовладува ставот дека треба да се оди во училиште, меѓутоа конечна одлука ќе се носи по 12 август.
Пановски, својот став за училиштата го кажува посредно со тоа што го повторува неговиот одамна познат став дека ковидот е со екстремно низок ризик за децата.
„Можам да ви кажам дека грипот, кој го викаат обичен – тој не е обичен, грипот е поопасен за школските, особено претшколските деца од ковидот. Тоа е докажано.“
„Навратете се назад во годините и ќе видите дека имало деца што умреле од грип, а од ковид сѐ уште нема.“
Според него, власта требало да го искористи летото и да испита колку од децата имаат антитела, за да може подобро да гради политики.
„Јас гарантирам дека 70-80 отсто имаат антитела.“
Тој не гледа зошто би се вакцинирале децата. Кај нив кога ќе се ставел на вага ризикот од ковид и ризикот од вакцината, вагата ќе останела во рамнотежа – ништо немало да натежне.
„Може од вакцината три дена да го боли раката, а со ковид да не му биде ништо на детето – или да кивне трипати.“
Сепак, тој смета дека требало како држава да бидеме многу повнимателни за да ја дочекаме учебната година порелаксирано.
„Досега требаше да се контролираат границите и да не ни бидат свадбите во затворено поважни од учебната година. Ако се направеше тоа, ние сега немаше да имаме повеќе од 50 случаи или 100.“
Негов став е дека земја што сака да отвори училишта во време на пандемија, учебната година ќе ја почнеше на 15 август.
„На отворено, под шатор. Па, ако ‘згусти’, во октомври да се вратиме онлајн, сепак два месеца децата ќе се видат со наставниците.“