Анализи

Пари на рака за „наше“ новинарство

Фејсбук-објава ја открива темната страна на финансирањето информативни содржини

Објаснувајќи како не може да биде купен дури и ако некој го плаќа, новинарот Зоран Божиновски, овозможи како низ клучалка да се ѕирне во паралелната информативна сцена во Македонија. Многу се зборува за оваа сфера, во која се делат пари на рака во замена за објавување содржини, а се зборува и за нејзината испреплетеност со мејнстрим медиумската сцена. Но, ова е прво јавно признание дека политичар, во случајот премиерот Зоран Заев, финансиски помагал новинар, кој на свој специфичен начин е дел од индустријата на информирање во земјава.

Во јавна објава на својот фејсбук-профил на 26 март, Божиновски тврди дека Заев, заедно со „браќата Вице и Трајче“, откога ја презеле СДСМ, па сè додека дошле на власт, „финансиски ги помагале“ оние што биле впрегнати во борбата против поранешната власт.  Во текстот вели дека целта на Заеви не им била да им помогнат на луѓето што се нашле во неволја поради владеењето  на поранешниот премиер Никола Груевски, туку да ги придобијат како „модерни робови и ботови што ќе им бидат вечно благодарни за таа помош“.

Понатаму додава дека додека Заеви упорно нагласувале дека му помагале на него и на неговото семејство, иако „во системот Буревесник (неговиот портал) донирале и инвестирале луѓе што никогаш не се пофалиле со тоа“ при што давале и по четири пати повеќе пари.

Во разговор за БИРН, Божиновски објасни дека Заев неколкупати му дал 300 евра помош кога му биле блокирани сметките поради обвинението во случајот „Шпион“, а му дал пари и на неговото семејство додека тој бил во притвор. Тоа не било нарачка за пишување, туку било претставено како пријателска поддршка во тежок момент.

Иако во објавата тој споменува дека Заев наводно помагал повеќе луѓе, не открива кои. Но, смета дека кај дел од нив му успеало со помошта да им ја купи лојалноста.

„Јас не му должам ништо. Тој се приклучи на мојата борба, не јас на неговата“, вели Божиновски.

Од кабинетот на премиерот Зоран Заев ниту ја потврдуваат, ниту ја негираат информацијата што ја објави новинарот.

„Премиерот Заев приватно, лично и преку своето семејство, по пат на солидарност, има помогнато на многу граѓани и семејства што имале потреба да обезбедат минимум средства за основните животни потреби. Премиерот Заев нема пракса јавно да ги објавува и коментира своите лични донации“, одговорија од премиерскиот кабинет.

Малку пари за многу луѓе

Борбата за малиот рекламен колач поттикнува опортунистичка медиумска работа | Фото: БИРН

Во медиумската заедница се зборува за повеќе начини на кои луѓе со моќ и со пари се обидуваат, а често и успеваат да обезбедат во јавната сфера пласирање содржини што им одат во корист. За оваа цел се користат медиуми, човек-портали или социјалните мрежи. Понекогаш се плаќа за еднократни објави, а во други случаи се зборува за редовно и долгорочно се финансира нечија работа од џеб.

На страната на финансиерите се споменуваат политички партии, функционери и луѓе од бизнисот, а меѓу примателите се луѓе што или никогаш не се занимавале со медиумска работа додека не отвориле свој портал, или порано работеле во поголеми медиуми, но сега немаат постојан ангажман.

Познати се повеќе примери на портали, кои никому не му е јасно како се одржуваат со години, а чии содржини се пристрасни, често напаѓачки и полни со полувистини или со невистини. Овој електронски жолт печат уништува кариери и семејства и целосно ги деградира стандардите на медиумската работа. Сепак, објавите добиваат доволно внимание во јавноста за да му овозможат на овој темен бизнис да продолжи да функционира.

Тешко е да се каже колку е распространет овој начин на финансирање и колку пари се вртат, вели Дејан Георгиевски, претседателот на Центарот за развој на медиуми. Бидејќи никаде нема траги од таквото финансирање, информации може да се добијат само ако некој признае, што не се случува.

„Дека ова е широко распространета појава укажува фактот со колку малку пари веќе долго време се одржува една непропорционално голема информативна сцена и колку многу луѓе живеат и земаат плата од индустријата на информирање. За тоа да биде можно, мора да постојат некои нетранспарентни начини на финансирање, што служат на нечии интереси“, вели Георгиевски.

Без подетални информации, вели тој, тешко може да се утврди и дали и колку се прекршуваат законите на овој начин. Сè зависи од тоа дали парите се даваат со некаков договор со кој се покриваат, или едноставно на рака, и дали тоа се лични пари или од државниот буџет. Во сите случаи, објаснува Георгиевски, ова е корумпирање на информативната индустрија, бидејќи луѓето што се финансираат на тој начин се претставуваат како новинари.

„А новинарството е професија на самоидентификација – ако јас сметам дека сум новинар, тешко дека некој може да ми го оспори тоа. И тоа отсекогаш било проблем. Македонија е потписничка на конвенции, според кои, секој има право да собира информации и да известува. Никаде не пишува дека тоа може да го прави само некоја професионална класа, ниту пишува дека тоа треба да е исклучиво платена работа“, објаснува Георгиевски.

Непристојни понуди или „како функционира светот“

Посредници нуделе суми уште пред да ја дадат приказната | Фото: Shutterstock

Освен од исклучително ретките признанија, информации за финансирањето медиуми под рака се добиваат и од непристојни понуди што ги добивале редакциите и ги одбивале. Такви понуди добивале новинари на БИРН, а добивала, меѓу другите, и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Сашка Цветковска од ИРЛ вели дека еднаш добиле понуда од посредник на бизнисмен, кој им се јавил дека има голема приказна за нив.

„Ние не сфативме дека станува збор за посредник или за обид за плаќање за приказна, затоа што личноста што ни пристапи е позната во пиар-секторот. Како да станува збор за нешто најрутинско, разговорот почна со – бизнисменот за ова е подготвен да плати 5.000 евра“, вели Цветковска.

Иако таа и колегите му укажале на посредникот дека не ги интересираат дополнителни понуди и дека би известувале за приказната само ако има јавен интерес во тоа, тој продолжил да зборува за дополнителното плаќање, како тоа да е сосема нормална појава, дури им се чудел дека не знаеле дека „така функционирал светот“.

„Во следните десет дена, истата приказна, односно страната од приказната на тој бизнисмен, ИРЛ ја виде во еден печатен и во еден онлајн-медиум. Дали ја прифатиле понудата или станува збор за случајност, не знаеме“, додава Цветковска.

Во нејзиното искуство имало и примери во кои биле оркестрирано напаѓани кога пишувале за одредени личности од бизнисот, а нападите ги изведувале медиуми во кои тие личности имаат реклами.

„Очигледно рекламата не е во функција на промовирање на производот, туку за да му обезбеди своевидна ‘новинарска заштита’ на тој што плаќа“, смета Цветковска.

Како против оваа појава? Георгиевски смета дека медиумската сцена може да стане доволно силна за да ги одврати негативните појави само ако целосно се професионализира и се сведе во рамките на капацитетите што ги има пазарот. Сè додека има малку пари за многу луѓе, ќе има и „трговци поединци“ со различен начин на работа, но и со различни цели од класичните медиуми.