Интересно е колку партиите се потпираат на симболиката во политичката борба и понекогаш таа опседнатост со пораките меѓу редови се граничи со суеверие. Ако традиционално ВМРО-ДПМНЕ три децении изборите ги почнува во Охрид, централните собири на СДСМ по сѐ изгледа и во иднина ќе ги следиме во Скопје на улицата веднаш пред барокната Влада.
За да го сфатиме охридското суеверие на ВМРО-ДМНЕ ќе треба да се вратиме 27 години во минатото, меѓутоа за „животните“ финалиња на „Илинденска“ бр.2 не треба да се копа длабоко во колективната меморија.
Симболиката е јасна ко сончев ден по дожд, каков што беше вчерашниот, и партијата ја црпи од 17 мај 2015, Шарената револуција и од последниот митинг на ланските избори кои, нели, ѝ донесоа власт. Со таа разлика што во оној смрзнувачки предизборен декември полицијата ги чуваше владините портите, небаре ја варди Троја од Ахајците, а вчера тие беа ширум отворени.
Не дојде Скопје
Неблагодарно е да се споредува кој било политички собир со оној од 17 мај 2015 година, зашто тогаш на „Илиденска“ се истури целото десетгодишно незадоволство од владеењето на Никола Груeвски и затоа сличноста со вчерашниот митинг завршува кај локацијата, а она што вчера се случи многу повеќе наликуваше на чист партиски митинг.
Се чини дека главната разлика помеѓу 17 мај и 8 октомври е во тоа што вчера пред Владата ги немаше оние по малку цинични и недоверливи скопјани, оние коишто обично не одат на митинзи и не сакаат партии, поготово кога тие се на власт, луѓето што на Фејсбук и на Твитер вчера повторно се згрозуваа од сликите на меѓуградски автобуси и на активисти со сендвичи.
Се појавија партиските симпатизери од Скопје со маички и со транспаренти за Саша Богдановиќ и за Стефан Богоев. На оние скептични скопјани кои секако нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и за Коце Трајановски, а можеби ќе штиклираат за Петре Шилегов за „конечен пораз на режимот на ВМРО“, СДСМ им се обрати преку два нови спота.
Во првиот спот имаше пејзажи од Скопје без барокни мотиви, кои режисерот хируршки прецизно ги избегнал, додека во второто видео токму на овие скопјани им намигна и потоа им се обрати познатиот модел Катарина Ивановска, снимана по улиците и по влезовите на Дебар маало.
Веројатно овие луѓе на 17 мај ги пополнуваа дупките во масата кои вчера беа очигледни на потегот од раскрсницата кај Влада до мостот „Гоце Делчев“, а наместо досетливи транспаренти против Груевски и неговите соработници, вчера луѓето пред Влада носеа главно знамиња и партиски обележја.
Еден од малкуте граѓански активисти на овој собир беше тој што се обрати од говорницата и им го кажа на кандидатите, она што би го рекле многу недоверливи скопјани.
„Ако го утнете патот, ќе го кркате стапот“, им порача Никола Писарев на сите кандидатите за градоначалници.
Затоа, пак, партиските поддржувачи на СДСМ и на коалициските партнери беа дојдени од сите точки на државава и тоа беше јасно по автобускиот кордон на „Партизанска“ и кај Олимпискиот базен, како и по сообраќајниот метеж необичен за едно неделно попладне во Скопје.
Таму беа делчевчани со темносини капи на кои се бара поддршка за нивниот кандидат Горан Трајковски, а најголемиот транспарент го носеа симпатизерите на СДСМ од малата општина Маврово и Ростуше. Нешто поголем од оној со којшто дојдоа од Стајковци.
Се чини дека од Битола имаше најмногу жени и девојки, можеби зашто нивниот кандидат за градоначалник е Наташа Петровска и нејзиното име сите тие го носеа на белите маици, меѓутоа највпечатливи беа партиските активисти на СДСМ од Арачиново.
„Во Арачиново победуваме уште во првиот круг, кај нас СДСМ ќе добие 3.500 гласови и седум или осум советници“, изјави 32-годишниот професионален фудбалер од скопско Арачиново, Мухадин Абдури, завиткан во македонско знаме и нѐ покани на денешниот митинг во неговото село.
Етнички мешана иконографија и зелени ветувања
Вчера пред Владата можеа да се чујат и предвидувањата на партиските симпатизери за изборите во недела.
Објаснуваа дека освен во Карпош и во Центар, секаде во големите општини е тесно, меѓутоа нивната партија е во водство пред ВМРО-ДПМНЕ. Тесно е и во главниот град, велат, ама сигурни се дека Скопје ќе го добијат во вториот круг, бидејќи сметаат многу на албанските гласови.
„Интересно е што Албанците не се зачленуваат само формално во СДСМ, доаѓаат и бараат нешто да помогнат во кампањата, да сработат нешто“, вели еден активист на оваа партија од скопски Бутел и потенцира дека со нивна помош оваа општина можеби за прв пат ќе добие градоначалник од редовите на СДСМ.
Ако етничката шареноликост доминираше во иконографијата, покрај албанските имаше турски и српски знамиња, тогаш може да се каже дека реториката беше исклучително зелена.
Граѓанскиот активист Никола Писарев се пошегува и им порача на идните градоначалници да го читаат Јован Јовановиќ – Змај и неговата песна „Посади дрво“, бидејќи Коце Трајановски читал само упатства за моторни пили, алудирајќи на тоа што во главниот град беа исечени многу дрвја.
А покрај стандардните ветувања дека по четири години Скопје ќе стане велоград, ќе има нови паркови, ботаничка градина и слични проекти, кандидатот за градоначалник Петре Шилегов вети дека ќе обезбеди садница за секој новороден скопјанец.
Неговиот партиски лидер, пак, се пошегува дека новото шило за Никола Груевски ќе се вика Шилегов и во стилот на искусен медиумски бомбардер изненади со ветувањето дека ќе го продаде половинамилионскиот владин „мерцедес“ и оти со парите ќе набави амбулантски возила.
За него вчера беше врзана и уште една симболика.
Случајно или не, централниот митинг на СДСМ беше закажан на 43-от роденден на Зоран Заев и кога Шилегов му честиташе најавувајќи го на бината, тогаш масата најмногу се возбуди и сите ги кренаа телефоните да стримаат.
Меѓутоа, симболиката ја искористија и неговите политички непријатели од ВМРО-ДПМНЕ, кои случајно или не, решија да му го „честитаат“ роденденот со митинг во „неговата Струмица“.