Интервјуа

Пенов: Сигурен сум дека нема да има нови избори за Скопје

Државата не размислува за одземање ингеренции или суспензија на локалната самоуправа

Канцеларијата на најновиот член на Владата, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, е на само петнаесетина минути пешачење од редакцијата на БИРН, па блокираниот главен град поради протестот на приватните автобуски превозници не беше никаква пречка да стигнеме навреме на договорениот состанок, на вториот кат во поранешната зграда на Нова Македонија што сега ја делат повеќе државни институции.

Овој протест и блокада што го испразни сообраќајот во центарот не беше само олеснителна околност да дојдеме на интервјуто, туку и повод да го закажеме. Тоа е само еден од серијата инциденти што се случуваат по септемвриското раздружување меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа на локалните избори во 2021 година.

Откако се растури нивниот ортаклук, се случи и протест и блокада на Јавното сообраќајно претпријатие, останување еден ден без јавен превоз, закани од синдикалците на „Водовод“ дека ќе ја прекинат водата, застој во изведбата на многу проекти, наследени и нови, под ризик е доведена и изведбата на пречистителната станица за отпадни води, а од претходно се прекина проектот за брз автобуски превоз – БРТ.

Сево ова создава впечаток кај граѓаните дека на градската управа ѝ е сѐ потешко да ги извршува и своите основни функции, а камоли некои развојни. Како поранешен градоначалник на Скопје во два мандата и како сегашен министер за локална самоуправа, Пенов може да се смета за доволно упатен  во моментов да одговори на прашањето како може граѓаните да се заштитат од штетното однесување на локалните власти. Одговорот му беше дециден – не може.

„Локалната самоуправа е комплетно независна. Градоначалникот на секоја општина е речиси неприкосновен во изборот, и тоа е целта на децентрализацијата“, рече Пенов.

Бидејќи градоначалничката функција се добива на избори, само така може и да се загуби, додаде Пенов и порача дека поради тоа треба да се гласа повнимателно.

„Звучи многу  апстрактно, но граѓаните, кога одат на избори, треба да избираат. Ние одиме да гласаме против некого или да гласаме за одредена политичка опција, без да внимаваме дали некој има капацитет да ги решава проблемите и да го оствари континуитетот што е неопходен за граѓаните. Едноставно се поведуваме по емоциите“, вели министерот.

Најголем дисконтинуитет досега

Локалната самоуправа е комплетно независна, вели Пенов | Фото: БИРН

Пенов беше прв, а Арсовска е петта градоначалничка што скопјани ја избраа директно на избори. Тој памети дека и во други случаи на промена на власта имало прекин на проектите од претходникот, па нивно подоцнежно продолжување, но ништо не можело да се спореди со сегашната ситуација – два проекта финансирани од странство, два моста, клучки, кружен тек и другите активности застанаа.

„Во однос на габаритот на проектите и на финансиите, ова е најголемиот дисконтинуитет досега. Само БРТ и пречистителната станица чинат 200 милиони евра. Јас толку пари не успеав да видам во сите осум години додека раководев со градот. А има и други проекти од по 15-20 милиони евра“, вели тој.

Сепак, тој истакна дека, иако законски можности постојат, државата не размислува за „кршење на сигурносното стакло“ и применување мерки за екстремни случаи, како одземање ингеренции или суспензија на работата на локалната самоуправа.

„Тоа не е добро да се случи, не само поради независноста, туку и затоа што преземањето на оперативната ингеренција нема само по себе да реши еден проблем. Тоа зависи од многу фактори и од многу одговорни лица“, смета Пенов.

Кога станува збор за актуелниот проблем со блокирано Скопје, Пенов препознава политичка заднина за уривање на рејтингот на владата бидејќи вели „на нејзина сметка оди незадоволството“, но, сепак, смета дека ова е спор во чија суштина таа не може да се меша.

„Јас не разбирам зошто поради стопански спор се блокира целиот град. Овој тип протест јасно ги оцртува контурите на 2005 година и на протестите на „Глас за светлина“, бидејќи проблемот не може да се реши на тој начин. Ако побаруваат милион евра, со протест не може да ги добијат“, додава Пенов.

Иако спорот е мал според сумата, проблемот што го создава е голем, вели министерот.

„За милион евра долг мислам дека дневно се прават штети по минимум милион евра за општеството. Потрошен бензин, изгубено работно време, изгубени можности за бизниси и што сѐ не“, рече тој.

Како што рече, владата преку Министерството за внатрешни работи има механизми да ги отстрани и блокадите, но сака да го реши проблемот на демократски начин.

Никој во Скопје не сака предвремени избори

Јас сум сигурен дека скопските советници ќе изгласаат што било, само за да не одат на избори, рече Пенов | Фото: БИРН

Градоначалничката не може да се смени, но градскиот совет може. Законот за локална самоуправа предвидува дека ако еден совет не го усвои буџетот за следната година, тој треба да се распушти и да се свикаат нови избори.

Тоа се случи во Тетово, каде што по предизвиканите избори на овој начин, Беса го надмина ДУИ според бројот на советничките места и помогна да се зацврсти власта на градоначалникот и нејзин лидер Биљал Касами.

Според Пенов, тоа, сепак, нема да се случи во Советот на главниот град бидејќи, како што вели, на ниедна советничка група во моментов не ѝ одговараат предвремени избори.

„Јас сум сигурен дека скопските советници ќе изгласаат што било, само за да не одат на избори. Ниеден советник не е сигурен дека повторно би бил предложен како кандидат, а од таму добива некаква бенефиција, некаков приход што не сака да го загуби. Потоа, таму мнозинството го освои ВМРО-ДПМНЕ и не сум сигурен дали граѓаните повторно ќе гласаат за нив ако Советот се распушти“, додава министерот.

Според него, предвремените избори, не само што нема да ги решат проблемите, туку ќе направат и дополнителен застој во спроведувањето на проектите.

„Тоа би било нова блокада во работењето“, порача Пенов.