Платформата Ecrowd за собирање донации за различни цели преку ноќ стана популарна пред сè поради собирање на пари за болни лица. Моментално се собираат пари за жена која може да ослепи поради опасна очна болест, за лекувања со помош на матични клетки и за 18 годишно момче кое после сообраќајна несреќа е делумно парализирано.
На Ecrowd има дваесетина вакви кампањи, а успешно биле собрани пари за неколку кампањи за кратко време. Неодамна еден таков пример беше тригодишната Срна која поради уринарна инфекција се здобила со трајни оштетувања на левиот бубрег. За неа се надмина донаторската цел и се собраа над милион денари.
Меѓутоа, собирањето пари за болни не е наведена како примарна цел на Ecrowd.
На веб-страницата пишува дека нејзината намена е да се собираат пари за граѓанските организации, за наука, иновации, уметности и други намени.
Преку платформата се собираа пари за фестивал на јапонска култура, за храна и лекови за бездомни животни и за органска градина за зачини и чаеви. Сепак, ваквите кампањи привлекуваат далеку помалку внимание од оние кои собираат донации за болни лица.
До сега за вакви добротворни цели кај нас најчесто посредници беа мобилните оператори бидејќи собирањето пари се вршеше само преку СМС пораки. Сервиси за собирање на донации преку интернет се подолго време познати во светот, ама кај нас се новост.
Затоа разговаравме со Љупчо Петковски, основачот на Еcrowd и претседателот на Хаб Скопје, здружението кое го менаџира Еcrowd.
БИРН: Зошто ја подигнавте платформата, која беше целта што сакате да ја постигнете?
Петковски: Ecrowd е краудфандинг платформа која постои веќе две години и преку која досега граѓанските организации во Македонија имаат организирано дузина успешни кампањи за своите иницијативи. Од купување на возило за фантастичните Донирај Компјутер до поддршка на скопскиот Прајд и градењето сензорна соба во училиштето „Круме Кепевски“.
Отворени сме за сите кои работат во јавен интерес и се борат за општото добро. Целта на Ecrowd уште во самиот почеток ни беше да ја дигитализираме филантропијата за да ја развиваме културата на доброчинителство.
Науката и иновациите, на пример, се премалку финансирани од државата и приватниот сектор, иако има одредени подобрувања во последните десеттина години. Најмногу се радуваме на кампањи од овој тип, затоа што истите ја развиваат државата, ја прават поконкурентна и ги задржуваат младите тука, дома, во нашата преубава Македонија. Сакаме да поттикнеме кампањи од овој вид затоа што иновациите значат побогата и посреќна држава.
БИРН: Колку досегашнатo искуство со платформата ги оправда вашите очекувања во однос на висината на донациите, бројот на донатори и барањата за донации, особено кога се во прашање собирање пари за болни?
Петковски: Секаде во светот, дури и во најразвиените држави, здравствените системи се соочуваат со ограничени ресурси и не можат брзо и ефикасно да излезат пресрет секому. А знаеме дека брзината кога станува збор за здравјето на луѓето е сè, а државите не се толку брзи како граѓанските општества.
Затоа, на почетокот на март годинава, ја отворивме Ecrowd за физички лица кои имаат потреба од средства за покривање медицински трошоци. Кампањите во нивно име ги организираме ние, под брендот Ecrowd Medical. Знаевме дека ќе има огромен одзив од граѓаните, и знаевме дека ќе има многу барања за организирање кампањи во делот на медицински краудфандинг, но сепак бевме изненадени од интересот и успехот.
Од тогаш до сега имаме околу четири илјади поединечни донации, во вкупна вредност од околу 60 илјади евра, а околу 85 отсто се за медицински краудфандинг. Освен за тоа, граѓаните најмногу донираат и за кампањи на медиумите како и за проекти преку кои се обезбедува храна за ранливите групи.
Завршивме две кампањи кои беа исклучително успешни, солидарните граѓани и во двата случаи целосно ги исфинансираа кампањите во помалку од 24 часа. Граѓаните ни даваат огромна доверба.
БИРН: Неколку пати јавноста беше измамена со повици за собирање пари за луѓе на кои не им се потребни. Какви се критериумите за одобрување на еден проект на вашата платформа?
Петковски: Во делот на медицинскиот краудфандинг, кога кампањите ги организираме ние во име на физички лица, сме особено внимателни. Прво, секој што е заинтересиран ни пристапува со пополнување краток прашалник, кој потоа е разгледан од нашиот медицински борд. Второ, доколку бордот процени дека постои потреба, бараме детална документација, која е разгледана од бордот, при што бараме од физичките лица максимална транспарентност во однос на тоа колку од потребните средства се собрани преку други канали (телекомите, донациските сметки, странските платформи).
Понекогаш правиме и сопствено истражување на пазар за да видиме дали бараните трошоци се реални. Откако сме сигурни дека сè е во ред, последниот чекор пред објавување на кампања е потпишувањето на детален договор со крајниот корисник во кој сакаме максимално да ги заштитиме пред се донаторите, но и крајните корисници на донации. Всушност, ја штитиме довербата на јавноста, што е наша мисија.
Иако мислиме дека сме успешни затоа што сме транспарентни, учиме во од и сè повеќе ќе се подобруваме и во овој дел. Ќе инсистираме на максимална транспарентност и за тоа како средствата се потрошени од крајните корисници, за што имаме механизми.