Истражувањa

По вакцини во соседството на сопствен ризик

Македонија е единствената земја во Европа каде што децата се вакцинираат со обични вакцини кои одамна се исфрлени од употреба

Македонија е единствената земја во Европа каде што децата се вакцинираат со обични вакцини кои одамна се исфрлени од употреба. Пристапот до поливалентни, но и т.н. ацелуларни, високо прочистени вакцини, кои не предизвикуваат компликации за македонските граѓани се најавува дури од пролет идната година. Во меѓувреме малото количество прочистени вакцини сега  се даваат на привилегираните, а обичниот народ бара спас купувајќи во соседството.

Истражувањето на БИРН покажа дека купувањето на модерни, поливалентни вакцини во странство, најчесто во Србија и Грција, стана редовна практика, но и нелегален бизнис. Поединци заработуваат, лекарите замижуваат и во договор со родителите им ги ставаат на децата, а надлежните предупредуваат дека таквите вакцини се ризични поради недостаток од контрола при транспортот.

БИРН стапи во контакт со родители кои за своите деца купиле вакцини во некоја од соседните земји. Една млада мајка, која не сакаше да го откриеме нејзиниот идентитет, раскажува дека вакцините ги купила регуларно во аптека и во договор со лекарот децата ги вакцинира во некоја од амбулантите.

– Јас вакцините ги купив во Грција. Таму ми ги ставија во фреон, а потоа во алуминиумско ќесе. Патот не е долг, за 2-3 часа сме во Скопје и затоа не мора да стравуваме дека вакцината ќе загуби од својот квалитет. Во договор со лекарот, моите деца ги примаат вакцините во една од поликлиниките во Скопје, објаснува мојата соговорничка.

Таа открива дека цената на една петвалентна вакцина е околу 50 евра, а шествалентната ја купила за 60 евра. За вакцината против пневмококтни инфекции, која е задолжителна во европските земји, платила околу 50 евра. Оваа млада мајка вели дека и покрај високиот износ што го платила за вакцините, задоволна е што нејзините две деца примиле современи вакцини.

Во Министерството за здравство  потврдуваат дека знаат за оваа појава и предупредуваат на опасноста којашто доаѓа со нелегалното внесување на вакцините кои не се регистрирани во нашата земја.

Купувањето вакцини во странство стана нелегален бизнис кој носи ризик за децата - Јованка Костовска | Фото: Менче Точи

Купувањето вакцини во странство стана нелегален бизнис кој носи ризик за децата – Јованка Костовска | Фото: Менче Точи

Доктор Јованка Костовска, од Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, за БИРН вели дека оваа појава полека прераснува во нелегален бизнис. Костовска објаснува дека родителите нарачуваат вакцини по поединци кои ги купуваат во соседните земји, тие набавуваат за повеќе луѓе и со тоа заработуваат. Таа предупредува дека родителите со оваа постапка го изложуваат на голем ризик здравјето на своите деца.

– Луѓето не знаат како се чувани вакцините во аптека, можеби стојат во обични фрижидери, а што ако во некој момент снемало струја? Не е сигурен ниту транспортот, ако патроните во рачниот фрижидер се замрзнати, тогаш замрзнува и вакцината. Вакцините се чуваат на температура меѓу 2 и 8 степени, таа не смее да биде ниту повисока ниту пониска, бидејќи може да предизвика несакани реакции или да нема никаков ефект по примањето, како да е обична вода, објаснува Костовска за БИРН.

И професорката Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет предупредува дека ниските температури што мораат да бидат обезбедени при транспорт на одредени вакцини, можат да влијаат и врз нивната исправност кога родителите на своја рака ги купуваат вакцините.

– Ова може да резултира со намалување на ефикасноста на вакцината или на нејзината безбедност, вели Грозданова.

Во Министерството порачуваат дека е подобро родителите да причекаат да се увезат поливалентните вакцини бидејќи во тој случај државата ја презема одговорноста за сигурноста на вакцините. При нелегалното внесување,  одговорноста е на родителите и на лекарот кој ја дава вакцината.

Меѓу првите со вакцина за ХПВ, последни со поливалентните

Македонија е единствена земја во Европа која задолжителната имунизација не ја модернизирала со децении. Вакцините кои ги примале нашите мајки и баби сè уште ги примаат денешните млади генерации. Здравствените власти поливалентните вакцини ги најавуваат уште од 2010 година.

Македонија е единствена земја во Европа која задолжителната имунизација не ја модернизирала со децении. Во Министерството велат дека заради големата побарувачка за овој тип вакцини, тие во Македонија ќе стигнат најрано до март - април идната година | Фото: Менче Точи

Македонија е единствена земја во Европа која задолжителната имунизација не ја модернизирала со децении. Во Министерството велат дека заради големата побарувачка за овој тип вакцини, тие во Македонија ќе стигнат најрано до март – април идната година | Фото: Менче Точи

Министерот за здравство Никола Тодоров пред извесно време најави дека годинава ќе бидат набавени овие вакцини и дека набрзо ќе биде распишан и тендер. Но, во Министерството велат дека заради големата побарувачка за овој тип вакцини, тие во Македонија ќе стигнат најрано до март – април идната година.

Оттаму, истовремено велат дека Владата мора да гарантира дека во наредните пет години ќе се обезбедуваат финансиски средства за овие вакцини.

Што се однесува пак до квалитетот на вакцините, во Министерството за здравство велат дека вакцините што се набавуваат се безбедни и квалитетни. Сепак, во последните неколку години на тендерите добиваат понудувачи кои нудат најниски цени. Тоа е така бидејќи стратегијата што уште на почетокот од своето доаѓање ја промовираше министерот за здравство Никола Тодоров е дека на тендерите пресудна ќе биде цената, а не квалитетот.

И додека за поливалентните вакцини се калкулира со година поради цената, Македонија беше меѓу првите земји во светот која  ги увезе во 2009 година вакцините против ХПВ вирусот и тоа за кратко време откако вакцините беа одобрени за употреба, по што веднаш кај нас станаа задолжителни.

Набргу се покажа дека имунизацијата со овие исклучително скапи вакцини,  наменети за девојчињата од 12 години, доживеа целосно фијаско. Опфатот на вакцинирање со оваа вакцина е нешто над 40 насто.

– Купувањето на вакцини во странство и не е толкав проблем. Поголем проблем е тоа што државата увезува нови, скапи вакцини кои се купуваат заради бизнис-интереси на одредени фармацевтски моќници со власта, како што е примерот со набавката на вакцините против ХПВ, вели млада мајка која купува вакцини за своите деца во странство.

Таа, како и некои од родителите кои исто така со вакцини се снабдуваат во странство, ни посочи дека вакцините против ХПВ чинат исто толку колку што би чинело комплетно да се модернизира имунизацијата во државата. Но, за здравствените власти ова прашање очигледно досега не беше на дневен ред.

Прочистените вакцини се за привилегираните

Единствено место во Македонија каде што се набавуваат поливалетни вакцини е Клиниката за детски болести. Таму еднаш годишно се набавуваат по 1.500 дози ацелуларни, прочистени вакцини наменети за предвреме родените бебиња или. пак, за деца кои имаат кревко здравје, а нив може да ги примат само 500 деца од државата (по три дози за едно дете). Но, овие вакцини ретко ги добиваат тие деца на кои навистина им се потребни.

Четиринаесетмесечната Ева е родена предвреме со само 1.700 грама, но и покрај тоа не добила шанса да прими вакцина која не предизвикува компликации.

Моето дете не доби шанса да се вакцинира со ацелуларна вакцина - Лили Величковска | Фото: НОВА

Моето дете не доби шанса да се вакцинира со ацелуларна вакцина – Лили Величковска | Фото: НОВА

Нејзината мајка Лили Величковска раскажува дека за тоа кому ќе се дадат овие вакцини треба да одлучи посебна лекарска комисија, која, за жал, практично не функционира. По пет-шест месеци чекање, повторно отишла кај лекарката за да ја замоли нејзината ќерка Ева да ја прими вакцината.

– Таа ми рече не и не, мене ќе ме избркаат од работа! Зошто да ја избркаат од работа, затоа што сакам да вакцинирам дете кое е родено во 31. недела со 1.700 грама, изјави револтирано Величковска.

По безуспешно тропање од врата на врата, откако категорично била одбиена од клиниката, Ева со задоцнување од една година ја примила обичната, целуларна ДТП-вакцина (дитепер), која предизвикува висока температура, вознемиреност, но и разни други компликации кои со себе носат голем ризик.

Величковска обвинува дека многу деца кои се предвреме родени или имаат здравствени проблеми немаат можност да ги примаат овие вакцини, бидејќи со помош на ургенции голем дел од нив им се даваат на здрави деца.

Во една пригода со една медицинска сестра од Детската клиника, кога ја прашав: „Добро за кого се наменети овие вакцини? –  таа револтирано ми одговори: „За деца на партиски моќници, политичари, бизнисмени, актери, на пејачи“ – изјави огорчено Величковска.

Неофицијално, од вработени на Клиниката кои сакаа да останат анонимни, дознаваме дека често доаѓаат луѓе на раководни функции, наводно со препораки од некои структури, ги заплашуваат медицинските сестри и лекарите дека се испратени од „горе“ и тие во страв им ставаат вакцини на нивните деца.

– Мене ме испрати висок функционер во едно  министерство за моето дете да прими ацелуларна вакцина. Веднаш ќе се јавам таму ако не му ја дадете вакцината на детето,  се заканувал  пред некој ден еден господин на медицинскиот персонал на Одделот за имунологија,  дознава БИРН од извори во болницата.

Единствено место во Македонија каде што се набавуваат поливалетни вакцини е Клиниката за детски болести | Фото: Менче Точи

Единствено место во Македонија каде што се набавуваат поливалетни вакцини е Клиниката за детски болести | Фото: Менче Точи

Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, иако ни вети изјава, не ја коментираше ваквата состојба, но во една прилика, пред една година, таа призна дека има големи притисоци и ургенции за овие вакцини.

– Кога ќе почнат да притискаат, мене ми е дури и непријатно, знаејќи дека имаат предност деца кои поминале низ интензивна нега или имале некој проблем, се наоѓам во непријатна ситуација, изјави тогаш Софијанова.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека децата што примиле вакцини од странство се водат како вакцинирани, а податоците се внесуваат во картонот за да не се случи грешка повторно да бидат вакцинирани. Но, нагласуваат дека одговорноста во овие случаи е кај лекарот кој се согласил да го вакцинира детето.

Стравот го намалува опфатот на вакцинирањето

Борбата на родителите нивните деца да добијат т.н. „прочистени“ вакцини како и отпорот кон вакцинирањето, воопшто, се засилуваат пропорционално со кампањата против вакцинацијата која глобално ескалира. Случаи на смрт на доенчиња по вакцинирањето во Македонија официјално не се регистрирани.

Според официјални податоци добиени  од Министерството за здравство во Македонија не е регистриран  ниту еден смртен случај како резултат од примена вакцина. Минатата година имало регистрирано 40 несакани реакции, со висока температура, алергиска реакција на кожата, 2-3 случаи со конвулзии и грчеви

Сепак, Бранко Тркалески од прилепското село Заположани, сè уште се прашува од што почина неговото внуче, веднаш  по примената вакцина против БСЖ.  На новороденчето три дена по раѓањето медицинската сестра му ставила  вакцина во сон,  по што никогаш не се разбудило. Тркалески раскажува дека во добиениот обдукциски наод не пишува од што починал неговиот штотуку роден внук.

– Ние ги собравме сите податоци од матичниот гинеколог од каде што се гледа како се одвивала  бременоста и дека внук ми се роди здрав. Министерот Тодоров сè уште  не ми одговори од што почина моето внуче. Затоа решивме да покренеме судска постапка против болницата во Прилеп, изјави Тркалески.

Овој случај кај родителите отвори многу прашања и дилеми. Дали вакцините во државата се квалитетни и безбедни, предизвикуваат ли зачестени несакани ефекти и колку се запазува рокот на траење? Дали вакцините се избираат според квалитет или според цената?

Овој случај дополнително ја засили кампањата која  заговара антивакцинација. Главните аргументи против вакцинирањето се тврдењата дека тие предизвикувале разни оштетувања и болести кај децата поради нивниот состав во кој има жива, алуминиум и формалдехид.

На оваа кампања, која добива сè поголеми размери, се придружуваат сè повеќе родители, но има и лекари, фармацевти и хомеопати. Во Здружението на родители кои се против вакцинацијата велат дека надлежните ги  држат во тајност податоците од штетните ефекти од вакцините. Сепак, ниту еден претставник од ова Здружение со кој контактиравме не сакаше да излезе јавно со аргументирани податоци.

– Само една од мајките се бори со институциите, другите се плашат. Но, еве и таа не може да најде лекар кој ќе го изработи вештачењето за на суд , велат од Здружението.

Група родители годинава поднесоа претставка до Уставниот суд за да се укине задолжителната вакцинација. Родители од Здружението„Право на избор, слобода над сè“ од Државната и санитарна инспекција бараат да му наложи на Министерството за здравство да утврди унифицирана современа постапка, со која родителите детално ќе се информираат за позитивните и негативните ефекти од вакцините.

Од друга страна, пак, професорката Грозданова вели дека возраста на децата кога се примаат повеќето од вакцините, е периодот кога кај нив се забележуваат и првите состојби кои се асоцирани со аутизам.

– Ваквата т.н. коинциденција на здравствената состојба, кога заболувањето се јавува во одреден временски период по примање на вакцината, не значи дека вакцината е таа  што го предизвикала заболувањето, вели Грозданова.

– Новите научни сознанија упатуваат на постоење на одредени генетски фактори кои се асоцираат со аутизмот. Пред само неколку недели во еминентното научното списание „Вакцини“ (Vaccines, од 9. 5. 2014 год) беа објавени резултатите од обемна мултицентрична клиничка студија, во која беа опфатени над еден милион деца, која без сомнение потврди дека не постои поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот. И други состојби и заболувања, како дијабетесот и одредени невролошки заболувања се асоцираат со примањето на вакцини, но не постојат научни студии кои тоа можат да го потврдат, изјави Грозданова.

– Родителите треба да се свесни дека за употребата, ефикасноста и безбедноста на вакцините не може да се едуцираат преку интернет и социјалните мрежи, туку се потребни подлабоки познавања за да може да се носат одредени заклучоци. Оттука е потребна поголема активност на здравствените работници и секако едукација на родителите за оваа проблематика, ни изјави професорката од Фармацевтскиот факултет, Александра Грозданова.

Од Министерството за здравство предупредуваат дека ако не запре негативната кампања против имунизацијата, опфатот драстично ќе се намали, а тоа може да предизвика појава на многу заразни болести. Од Институтот за јавно здравје велат дека веќе е евидентирана појава на епидемија на морбили која најмногу е изразена во Скопје.

Официјалните податоците од Институтот говорат дека опфатот на вакцинацијата против  мали сипаници, рубеола и заушки (МРП) на ниво на држава е релативно висок и изнесува 96,1 %.  Меѓутоа, веќе се забележува намалување во Скопје, каде што опфатени се  94,6 %, Тетово 94,1 % и Крушево во со 93,4 % од децата. Ревакцинацијата со вакцината против МРП на ниво на држава е 94,2 %, а најмал одѕив има во Гостивар со 85,2 %.

Со ДТП-вакцинација (против дифтерија, тетанус и голема кашлица)опфатот на ниво на држава  е 98,2 %, но со секоја наредна ревакцинација има забележително намалување. Во таа смисла драстични примери се Штип, со опфат од 77,6 % во трета и Гостивар со 83,3 % во четврта ревакцинација.

За оние родители кои нема да ги вакцинираат своите деца, законот предвидува глоба од 300 до 650 евра, но ако родителите се јават на постапка на порамнување, казната се намалува за половина од овој износ.