Во повеќе градови на поранешна Југославија, почитувачите на Тито, денеска, на 41-годишнината од неговата смрт, одржаа комеморации на кои му оддадоа почит.
Во Кумровец, селото во кое е роден Тито, точно во 15.05 часот – времето кога тој почина, се огласи сирена, а претставници на локалните власти и на антифашистичките здруженија од Хрватска и од Словенија, положија венци.
Мал собир пред бистата на Тито се одржа и во хрватскиот град Лабин, во регионот на Истра.
„Времето минува многу брзо, но имаме чувство дека улогата на Тито и неговото значење, сѐ повеќе доаѓаат до израз кај луѓето што живееја во тоа време“, изјави, Јосип Хрватин, претседател на локалното здружение „Јосип Броз Тито“, во Лабин.
Во еден од парковите во Зеница, Босна и Херцеговина, локалното антифашистичко здружение ја одбележа годишнината од смртта на Тито со укажување на „историската улога и делото на другарот Тито“. Почит му беше оддадена и во Сараево, пред неговиот споменик, како и во Тузла.
Годишнината од смртта на Тито беше одбележана и во Белград во Куќата на цвеќето, која е дел од Музејот на Југославија, каде е погребан Тито.
Српските медиуми објавија дека на неговиот гроб, венец положил внукот на Тито, Јосип Јошка Броз.
„Тој го претставува човекот кој ја крена оваа земја од пепел, човекот што му даде сè на својот народ“, изјави за медиумите Јошка Броз.
За време на нацистичката окупација во Втората светска војна, Јосип Броз Тито го водеше партизанскиот отпор против силите на Оската. Тој владееше со Југославија од нејзиното формирање во 1945, до неговата смрт во 1980 година.
Поради неговиот неврзан дипломатски став, многумина на Запад му се восхитуваа како на бениген диктатор и го фалеа заради одржувањето на мирен соживот меѓу народите на Југославија.
Откако беше објавено дека Тито починал во Клиничкиот центар во Љубљана на 4 мај 1980 година, многу југословенски граѓани отворено плачеа по улиците, а нешто повеќе од 10 години по неговата смрт, државата се распадна.